hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

Шариќ го урна германскиот сон на Атлетико

kire barca copy

Барселона - Атлетико Мадрид 32:24 (15:9)

Седум дена по првиот четвртфинален натпревар и победата од +5 во „Висталегре„ ракометарите на Атлетико Мадрид го имаа најтешкиот тест во „Палау Блауграна„ На голот на новиот шпански првак застана Даниел Шариќ и во првата минута два пати му одбрани на крилата на Атлетико Мадрид, Јонас Калман и Гарсија Парондо.

Со првите два гола, Сергеј Рутенка најави дека скоро сите акции на Барса ќе одат низ неговите раце (2:1). Но Омбрадос го прочита белорусинот во вториот седмерец за домашната екипа. Играта на екипата на Пасквал беше нервозна, подложна на многу грешки, но Калман од контра израмни на 2:2 во 7 минута. Во 8 минута германските судии го покажаа првото исклучување за Агинагалде и Рутенка од седмерец го врати домашното водство (3:2). Кирил Лазаров од чекор го постигна првиот гол за второ израмнување, но брзо врати Рутенка со 4 свој гол и 4 гол за Барса (4:3). Дури во 11 минута во домашниот табор погоди некој друг освен Рутенка. Раул Ентрериос низ слалом зголеми на 5:3. Капитенот Виктор Томас од тежок агол прв пат носи +3,а потоа од контра и 7:3 во 14 минута. Така Душебаев уште на неполни 15 минути од мечот, го побара првиот тајм-аут. Со петтиот гол на Рутенка во 16 минута беше стигната разликата од Мадрид (8:3) во бескрајно долг период од шест напади без гол за гостите. Со исклучувањето на Гојун и рискантната игра без голман, Томас погоди на празен гол за +6 за Барса. Агонијата на мадриѓаните продолжи и Даниел Шариќ го одбрани седмерецот на Лазаров, собирајќи веќе шест одбрани. Серијата на каталонците изгледаше незадрживо и Сорондо и Рутенка ја продолжија серијата од 8:0 за Барселона. Шариќ го „скина„ седмерецот и на Канељас и Атлетико 14 минути не постигна ниту гол. За разлика од него Рутенка со шестиот гол зголеми на +9, а Балиќ во 22 минута го постигна само четвртиот гол за Атлетико Мадрид. Јунакот од Келн 2011, босанецот Шариќ трет пат во серија одбрани седмерец (втор на Лазаров) и играта во транс на домашната екипа продолжи. Агинагалде од одпадок намали на -7 во 24 минута. Истата врска Лазаров-Агинагалде погоди по трет пат во низа за Атлетико и Пасквал побара тајм-аут при 12:6. 213 сантиметри високиот Анхел Монторо внесе нова енергија и погоди за 13:6 на влезот во последните пет минути од првиот дел. Дури во 27 минута Јернемир беше првиот исклучен ракометар на Барселона. Единствениот расположен кај Атлетико, кружниот напаѓач Агинагалде погоди од седмерец за -6 и Лазаров од полуконтра за подносливи 14:9. Гостите имаа и напад за 14:10, но по лесно продадена топка, Алберт Рокас го затвори првиот дел со +6 за Барселона.

Вториот дел започна како што заврши првиот. Со асистенција на Лазаров и петти гол на баскиецот Агинагалде за 15:10. Монторо во третата минута го постигна првиот гол во продолжението за домашната екипа. Откако Шариќ одбрани зицер на Балиќ, Ентрериос за секунда возврати. Домашната еуфорија ја прекина Лазаров со третиот гол за 17:11. Но играта на Атлетико никако не можеше да фати континуитет. Монторо и Рутенка погодија за 19:11во 39 минута. И кога се наѕираше „светло на крајот на тунелот„ тука беше Шариќ да одбрани. Кога го сопре Канељас (15 негова интервенција), французинот Сорондо ја врати највисоката предност (20:11). Во 41 минута со човек помалку, Барса стигнува до двоцифрена предност со головите на Рутенка и Хуанин Гарсија (22:11). Играта со човек повеќе, Атлетико Мадрид ја искористи да спушти на -9. И по ист рецепт со нова асистенција на Лазаров, Хулен Агинагалде го постигна осмиот гол за 22:14. Кога Дејвис искористи контра за 22:15, серијата на гостите беше 5:0 за неполни 4 минути. Атлетико Мадрид го фаќаше последниот воз и Лазаров погоди од седум метри за 23:16. Гарсија Парондо од нова грешка на домаќините, комплетно ја невести драматиката за 23:17. Рутенка не реализира седмерец, но потоа Шариќ со 17 одбрана му „скина„ зицер на Балиќ. Гурбиндо во 49 минута ја прекина серијата на гостите за 24:17. Канељас дури на десет минути до крајот го постигна својот прв гол за подносливи -6. Гостите прокоцкаа нов напад да спуштат на 5 разлика и Гарсија од контра погоди за 25:18. Агинагалде ги одржуваше своите во мечот и со деветтиот гол му одговори на Сергеј Рутенка. Па Лазаров со петтиот гол во 53 минута го постигна 20 гол на Атлетико и го принуди каталонскиот гигант да брка победа од +6. Одговори Раул Ентрериос со третиот гол за 27:20. Играта по жица најави голема психолошка војна во последните шест минути. Лазаров го совлада и нововлезениот Арпад Штербик за -6 разлика., но Гурбиндо од невозможен агол погоди и ја префрли топката кај црвено-белите (28:21). Предизвикот го прифати Агинагалде со десеттиот гол за 28:22. Хуанин Гарсија возврати од казнен удар со својот четврт гол за нови 7 разлика. Но кога најмногу требаше, Лазаров под зоната го најде Агинагалде за негов 11 гол, пред Ентрериос да возврати со гол од брз центар (30:23). На две минути до крајот, погреши Балиќ (можеби и под прекршок) за одлепување на 31:23. Еуфоријата во „Палау Блауграна„ кулминираше со 11 гол на Рутенка за 32:24 на влезот во последната минута. Со тој резултат се спушти завесата на овој збркан и не целосно квалитетен натпревар. Сепак тензијата на крајот им донесе голема радост на 8.000 каталонци во „Палау Блауграна„ и финална победа од 52:49.

Во екипата на Чави Пасквал најефикасен беше Рутенка со 11 гола. Рамо до рамо со него и Даниел Шариќ кој собра 18 интервенции. Во поразениот Атлетико Мадрид, тандемот Агинагалде - Лазаров заслужи преодна оценка. Баскиецот мечот го заврши со 11 гола, Лазаров со 7 гола и 5 асистенции. Така по три последователни учества на Final four во Келн, Атлетико Мадрид (Сиудад Реал) настапот оваа сезона го завршува во четвртфиналето. Барселона, по германскиот Кил е вториот патник во полуфиналето на 1 јуни во „Ланксес Арената„ во Келн.

Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:

Share