ВИДЕО: Штербик: „Кире за Македонија е како Олафур за Исланд„
Ако некој од ракометарите на шпанската репрезентација остави силен впечаток на гостувањето во Скопје, тоа сигурно е фантастичниот голман Арпад Штербик. Ако натпреварот немаше посебна приказна, тогаш бившиот соиграч на Лазаров се осврна на односот со нашиот капитен и заминувањето од Атлетико Мадрид.
„Кире е извореден професионалец каков ретко сум сретнал во спортот. Тој направи многу за Македонија. Тој за вас е како Олафур Стефансон за Исланд. Игравме заедно во Веспрем, па во Атлетико Мадрид и одлично соработуваме и другаруваме. Заминав по осум години од Сиудад Реал (Атлетико Мадрид) бидејќи се заситив од амбиентот и потребен ми беше нов предизвик. Го пронајдов во Барселона и мислам дека направив вистински избор„ рече во повеќе минутниот разговор човекот кој сее страв и трепет кога противничките играчи ќе се најдат пред него. Штербик неколку пати гостувал во нашата земја со своите клубови, но за прв пат беше противник на нашиот национален тим и остави силен впечаток. Во Гвадалахара следува втората рунда од дуелот со нашите најдобри ракометари, се разбира доколку Ривера му укаже доверба. Во спротивно на голот ќе имаме нова препрека во голманот на ПСЖ Сиера.