hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

Лазаров за Дневник: „Посакувам осминафинале со Металург„

kire 21 02 2013

Македонскиот ракометен шампион во машка конкуренција, Металург веќе размислува за осмина-финалето од Лигата на шампионите. Останува уште една пречка пред да се постигне најголемиот клупски успех, второто место во групната фаза од најквалитетното натпреварување. В недела треба да се победи дански Бјерингбро и да се потврди второто место во групата, што ќе им донесе „полесен" противник во ждрепката, закажана за вторник. Таму сигурни третопласирани се Атлетико Мадрид и Динамо Kиев. Шпанскиот тим, кој е единствен што настапувал на завршницата последниве три сезони, сезонава игра променливо, а во своите редови го има македонскиот интернационалец Kирил Лазаров, кој е негова најголема ѕвезда. Репрезентативниот македонски капитен Лазаров посакува во осмина-финалето да гостува во Скопје против Металург. Тоа би било шанса повторно да се присети на убавата атмосфера во салата „Борис Трајковски" со исполнети трибини. Навивачитe на ваква пресметка првпат нема да се радуваат на постигнатите голови од репрезентативниот капитен.

„Ние имаме згуснат распоред и немаме многу време однапред да размислуваме за она што не очекува. Можеби во клубот и се размислува, но никој јавно не зборува. Сега сме фокусирани на домашното првенство, на Kралскиот куп и на Лигата на шампионите. Играме во ритам среда - недела, а тоа не дозволува многу да размислуваме за нешто што би било за неколку недели. Но, јас би сакал да играме против Металург, бидејќи знам каква ќе биде атмосферата, сакам да играм пред полна сала, пред моите сонародници. Тоа секогаш ме мотивирало. Желбите се едно, а среќата при ждрепката нешто сосема друго„ вели Лазаров. Според него, играњето со Металург нема да биде воопшто лесно, иако веројатно многумина би го посакувале за ривал, со оглед на тоа што скопјани немаат големо искуство во играње во завршната фаза на ЛШ.

„Металург има гранитна одбрана предводена од Станиќ кој е еден од 3-4 најдобри голмани во светот. Тимот има на располагање 20 играчи кои се подеднакво квалитетни, а тоа неможе секој да си го дозволи. Без разлика кој ќе игра, сите имаат квалитет. Тоа ќе им го кажам и на соиграчите, ако ждрепката ни одреди пресметка" вели Лазаров. Репрезентативниот капитен досега во „Борис Трајковски" секогаш играл во дресот на Македонија. Сега ќе му биде потешко, после секој гол нема да ја има подршката од публиката која сигурно ќе навива за Металург. „Не очекувам публиката да биде против мене, ниту пак сметам дека тоа сум го заслужил. Професионално ќе си ја одработам задачата. Дуелот меѓу Атлетико и Металург може да биде корисен, бидејќи во Металург игра поголемиот дел од репрезентативците на Македонија, а Атлетико игра сличен ракомет како и репрезентацијата на Шпанија со која ќе играме квалификациски меч за ЕП-2014. Тоа ќе биде можност да видиме како би се снашле со таков начин на игра„ смета Лазаров. Според него, поинаку е да се игра во група и во елиминациска фаза. Играчот тоа го сфаќа поинаку. „Затоа и поискусните тимови, кои имаат многу повеќе натпревари полесно се справуваат, знаат да ја задржат смиреноста. Додека се игра во групата, има и шанса за поправен, а потоа секоја грешка се плаќа скапо„ вели Kирил Лазаров. Првиот меч од осмина-финалето се игра во периодот од 13 до 17 март на теренот на екипата што ќе биде третопласирана во групата, а реваншот е од 20 до 24 март.

Share