Лазаров, Јуркиевич и Ферер меѓу најмладите
Во пресрет на вториот дел од шпанската ASOBAL лига, управата на Атлетико Мадрид, кој е актуелен светски првак во клубски ракомет се определи за популарен чекор за ширење на вистинските вредности во спортот.
Така тројца ракометари меѓу кои и нашиот Кирил Лазаров го посетија мадридскиот колеџ „Hermanos Amorós - Carabanchel„ и минаа два часа со најмладите. Голем беше интересот кај љубителите на спортот да ги дознаат сите тајни од Кирил Лазаров, Мариуш Јуркиевич и Алваро Ферер.
Нашиот репрезентативен капитен и двата повредени ракометари на Атлетико Мадрид имаа 120 минути да се дружат со најмладата публика, а по одговорите на прашањата и да потпишат многу автограми, дресови, сувенири. Голем дел од тие момчиња и девојчиња секој втор викенд во „Висталегре„ во Мадрид ги следат настапите на своите идоли.
Прекрасна иницијатива на овој голем клуб и убав пример за нашите клубови и националната репрезентација како се негува имиџот надвор од теренот.