Лазаров: Да го издржиме првиот „јуриш“ на Романците
Само два дена по победата на македонската ракометна репрезентација против Романија во Скопје, следува реваншот во Букурешт. Селекторот Кирил Лазаров знае дека залихата од осум гола е добра, но не и гаранција дека ќе ја елиминираме Романија, која пред своите навивачи ќе се обиде да направи чудо.
„Им потенцирав на ракометарите дека мора да ги издржиме првите 15-20 минути затоа што Романците сигурно ќе тргнат на јуриш. Ментално треба да сме силни за да го издржиме тој напад. Сигурен сум дека физички ќе го издржиме, а имаме и добра стратегија. Затоа потенцираме дека ментално треба да издржиме и потоа би требало да можеме да го исконтролираме целиот меч", рече Лазаров од Букурешт.
Натпреварот се игра попладнево од 17:00 часот, а ќе судат Германците Шулце и Тониес.