hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

Лазаров: "Успехот на мојот тим е поважен од моите голови"

kire intervju za 06 01 2013

На неколку дена до стартот на Светското првенство во Шпанија, најдобриот стрелец во историјата на мундијалите Кирил Лазаров е преплавен од припадници на седмата сила. Така македонските и странските медиуми го бараат неговото мислење поврзано со големиот настан кој не очекува и подготвеноста на Македонија за своето трето учество на најголемиот ракометен собир. За официјалната веб страна на организаторот IHF, Лазаров даде искрено и детално интервју.

По 5 место во Србија, Македонија е кандидат за полуфиналето во Шпанија?

Кирил Лазаров: Пред да зборуваме за полуфинале и финале ќе мора да ја направиме нашата домашна задача во првите два натпревари на Светското првенство против Чиле и Катар. Ако ги победиме двете средби, ние сме во осминафиналето, а потоа можеме повторно да зборуваме.

Нешто посебно за вас е да се игра на Светското првенство во Шпанија, како член на шпански клуб?

Кирил Лазаров: Шпанија е прекрасна земја, во јануари температурите се високи и времето е топло, јас зборувам шпански и имам многу пријатели таму. Ќе биде прекрасно!

Ќе добиете ли поддршка од шпанските навивачи?

Кирил Лазаров: Се надевам. Но мора да се стекне поддршката прво со успех, храброст и борбен дух. Но исто така се надевам дека ќе добиеме поддршка од локалното население.

Во Србија, Македонија имаше многу гледачи. Ќе има ли голем број Македонци во Шпанија?

Кирил Лазаров: Србија е многу блиску до Македонија, Шпанија е многу далеку, но јас сум апсолутно сигурен дека во Севиља ќе имаме поддршка од нашата верна „Фаланга„.

Металург игра изворедна сезона во ЕХФ Лигата на шампионите. Тоа е добар знак за македонската репрезентација, бидејќи голем број ракометари на вашиот национален тим играат за Металург?

Кирил Лазаров: Металург одигра многу добро оваа есен, но сепак тоа е само групна фаза. Вистинските тешки судири почнуваат од осминафиналето. Но, се разбира во целина многу е позитивно за националниот тим да се има успешни клубови од Македонија.

Данска е фаворит во вашата група. Може ли Македонија да се одмазди за поразот во Србија?

Кирил Лазаров: Данска е совршен пример дека се е можно ако еден национален тим работи. Се разбира ние ќе дадеме сé што можеме да одиграме добар натпревар потоа ќе видиме што ќе се случи.

Кои се вашите лични фаворити за освојување на златниот медал, освен Македонија?

Кирил Лазаров: Јас најнапред сакам да зборувам за фаворити во нашата група. Во спортот улогата на фаворит може да се смени многу брзо. Значи Русија, Данска и Исланд се нашите главни претенденти на патот кон осминафиналето и во тие натпревари мали нешта можат да одлучат дали ќе победиме или ќе загубиме.

На претходното светско првенство во 2009 година бевте најдобар стрелец, дури и најдобар на сите времиња. Дали оваа награда сакате да ја добиете и во Шпанија?

Кирил Лазаров: Се разбира дека сакам да бидам успешен како и во 2009 година, но тоа не зависи само од мене. Многу работи треба да се поклопат да бидам на врвот повторно. Но, успехот на нашиот тим е многу поважен од бројот на голови кои ќе ги постигнам.

Share