hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

Нант минимално загуби во Франција, одлуката за четвртфиналистот на реваншот во Франција

54516690 2164079926972472 2617821698359033856 n

Рајн Некар Левен – Нант 34-32 (17:15)

Елиминационата фаза на Лигата на шампионите беше отворена со супер-драматичен дуел во Манхајм, каде Рајн Некар Левен го совлада Нант со 34:32 (17:15) и стекна минимална предност пред реваншот по десет дена во Франција.

Гостите одлично го почнаа натпреварот и со два гола на Лазаров во првите пет минути се одлепија на 2:4. Но, Паличка на голот ги одржуваше Германците блиску до европскиот вицешампион и покрај нивните технички грешки. Лагард, кој по две сезони ќе го облече дресот на Рајн Некар Левен, погоди две „бомби" за 4:7 во 11. минута. Николај Јакобсен брзо повика тајм-аут и се обиде да ја смени одбраната за да ги сопре инвентивните гости.

Надворешната линија на Нант многу комотно се чувствуваше и ја пробиваше домашната одбрана. Асистенциите на Лазаров беа злато вредни за соиграчите, најмногу за крилата и кружниот напаѓач. Следеше германски бран и голови на Колбахер (шест гола од шест обиди), Менсах Ларсен и Петерсен за израмнување и тајм-аут на Анти. Дури во 28. минута екипата на Јакобсен првпат поведе, откако Штефан Фет го постигна својот прв гол (16-15). Истиот ракометар погоди на две секунди до полувремето за 17-15 по 30 минути игра.

D2HvMP6WkAADQfl

Енергично од двете страни започна и вториот дел. Aпелгрин одлично бранеше, но Ниокас со два гола ја сопре домашната серија. Кога Гудјон Валур Сигурдсон погоди од крилна позиција во 41. минута, првпат домаќинот поведе со +3 и гостинскиот стручен штаб повика минута одмор. Бројот на технички грешки се израмни и десетина минути дистанцата беше 2-3 гола во полза на германскиот вицешампион.

Јакобсен го стави Талески во одбраната 3-2-1, а Липовина со два гола одговори на обидите Французите да израмнат (28:25). Шмит низ гостинската одбрана постигна важен гол за првпат Германците да поведат со +4 во 50. минута. Нант не се предаваше и преку Ниокас ја преполови предноста на германскиот тим. Следеше исклучување од две минути на Менсах Ларсен, па и на Талески и Ниокас и Гурбиндо погодија за 32:30 на две минути до крајот. Сепак, во последните пет секунди најнапред Шмит погоди во игра седум на шест, но Французите брзо возвратија и Емоне на празен гол ги постави финалните 34:32.

Најефикасни во таборот на германскиот вицешампион беа Колбахер со 11 и Шмит со седум гола, а кај Нант, нашиот Лазаров постигна два гола, а најефикасни беа Ниокас со седум, Гурбиндо со шест и Лагард со пет погодоци.

Возвратниот натпревар се игра следната недела во Франција.

Share