hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

Лазаров и Маркусен за нова пресврт победа на Атлетико

kire 20 11 2012 2

Хуеска - Атлетико Мадрид 25:27 (16:13)

Со веста за неочекуваниот пораз на Кил во Цеље во Лигата на шампионите, ракометарите на Атлетико Мадрид само 48 часа по мечот во Романија, мораа да играат за првенствени бодови во Хуеска. И немаа право на грешка, по победата на Барселона над Арагон. Домаќините брзо поведоа со голот на Елој по само неколку секунди. Минута подоцна следеше и првата интервенција на босанското засилување на голот Аднан Шабановиќ. Откако Маркусен го постигна првиот гол за гостите, Демовиќ и Елој од линијата од 6 метри зголемија на 3:1 по 6 минути игра.

Постојаното водство на домаќините полека го неутрализираа Калман и Маркусен за 5:3 во 10 минута. Потоа Ромеро од пивотменската позиција и французинот Бараше погодија за 5:5 по неполни 13 минути игра. Двете екипи многу грешеа и голманите имаа само по една интервенција. По одличниот настап во Букурешт, данецот Николај Маркусен добро го почна и овој меч и со својот трет гол на половина полувреме израмни на 6:6.

Играта преку пивотменот Елој Гонзалез беше адут на Хуеска и со уште два негови гола, домаќинот поведе со 8:7. Во овој период Маркусен го одржуваше тимот на Душебаев во игра со пет гола, сите со скок шут од дистанца во негов стил. Дури во 21 минута гостите поведоа по головите на Агинагалде и Канељас, па домашната бучна публика мораше да се смири. Нашиот ас Кирил Лазаров кој го замени Бараше во втората половина на полувремето и првиот гол го постигна од 7 метри за 11:11 во 25 минута. Веднаш потоа погоди и два пати од игра, од неговата омилена позиција на десен бек за 13:12 и за 14:13 во израмнетиот финиш на првиот дел. Но Демовиќ беше човекот на последните три минути. Постигна два врзани гола и на 17 секунди до одморот при 16:13 го принуди Душебаев на тајм-аут. Уште едно полувреме со премногу примени голови за шпанскиот вицешампион. Освен Маркусен и Лазаров како и со Констанца и до некаде Шабановиќ со 7 одбрани, Атлетико Мадрид го немаше целиот расположен ростер во Хуеска.

И пак кога најмногу треба, доаѓа нашиот Кирили Лазаров и ја превзема одговорноста. На почетокот на вториот дел со два гола (еден од 7 метри и еден од игра) го доближува Атлетико Мадрид до 18:17. Инерцијата на натпреварот „мирисаше„ на пресврт, па Гојун и Маркусен во 39 минута прават комплетна смена на водството (20:21). Во вториот дел на голот на екипата од главниот град застана норвежанецот Дал и ја поведе контрата по која Роберто зголеми на +2 за гостите. Доминантниот Маркусен со својот осми и Роберто од позицијата на кружен напаѓач со својот трет гол го донесоа Атлетико Мадрид до највисоки 22:25 во 51 минута. Кога на „забавата„ се придодаде и Лазаров со својот седми гол на само 7 минути до крајот гостите имаа комотни 3-4 гола предност. И покрај 12 одбрани во второто полувреме на Дал, Демовиќ постигна петти свој гол за 24:26 во 55 минута. Само 30 секунди подоцна, Јоан Канељас со својот втор гол ги врати работите на свое место. Тешко издвојувана победа од два разлика за Атлетико во Хуеска, со блесок на најдобрите шутери во вториот дел. 30 минути по одморот гостите ги добија со 14:9.

Десетта победа од исто толку мечеви за Атлетико Мадрид, кој останува во чекор со Барселона на водечката позиција. Маркусен постигна 8 гола, Лазаров придоде уште 7 и имаше 2 асистенции. По две последователни гостувања оваа недела, в среда во вонредното коло тимот на Лазаров му гостува на некогаш легендарниот каталонски Грањолерс.

Комплетниот извештај од натпреварот погледнете го ТУКА:

Share