hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

„Македонското дерби„ за феноменалниот Лазаров

kire 15 11 2012

Констанца - Атлетико Мадрид 23:28 (13:12)

По скоро еден месец пауза, продолжувањето на Лигата на шампионите беше нов почеток за Атлетико Мадрид. Вицешампионот на Европа мора уште многу работи да поправи, за да ја обезбеди европската пролет и да се врати на минатогодишното ниво. Затоа мечот кај романската Костанца за Лазаров беше македонско дерби со Ангеловски и Шундовски, а за целиот клуб прво евро-финале за поправање на впечатокот. Атлетико Мадрид во Романија не сметаше на креацијата на Ивано Балиќ, но го имаше назад Маркусен по повредата. Во недоволно исполнетата сала во Букурешт, романскиот првак знаеше дека нема што да загуби, бидејќи е однапред отпишан против шпанците. Во одсуство на повредениот Омбрадос, капитенската трака кај Атлетико на раката ја носеше швеѓанецот Јонас Калман. По 40 секунди опоравениот Маркусен без скок шут го отвори резултатот. Но брзо добрите познаници од ASOBAL лигата Хумат и Вал во 4 минута го донесоа првото водство за Констанца (2:1). Првите овации ги заработи домашниот голман Попеску со одбраните на ударот на Лазаров и зицерот на Дејвис. Но од вториот обид во 7 минута, Лазаров преку блокот од тешка дијагонала погоди за 2:2. Она што најмногу им требаше на шпанците се одбраните на голманите, па Дал полека влегуваше во ритам. Двете екипи влегоа во стил на добра офанзивна игра и се играше гол за гол. Лазаров погоди втор пат за 5:5, а Атлетико конечно го доби својот вистински Николај Маркусен, кој со третиот гол донесе 8:8 во 16 минута. И кога Масач погоди за 8:9, се чинеше дека ромаците полека паѓаат во играта. Но одговорија со три гола на Чутура и Вал, тие за прв пат отидоа на +2 (11:9). Голманот на екипата на Шундовски, Попеску со 9 одбрани во првиот дел го сопре бранот на напади на Атлетико Мадрид. По исклучувањето на Бараше, србинот Далибор Чутура со два гола го заокружи магичниот момент на романците за 13:11. За гостите добро што расположен беше Маркусен со неговиот петти гол веднаш намали (13:12). Со тој резултат се отиде на одмор и како и скоро секогаш, Атлетико Мадрид мораше да го брка противничкото водство по одморот.

Вториот дел со својот четврти гол го отвори Хумет за 14:12 за Констанца. Потоа Вал (2 гола) и Драгичевиќ погодија за највисоки 17:12 за екипата на Звонко Шундовски и тајм-аут за Талант Душебаев. Во минатата одмор тренерот на Атлетико беше бесен на своите, за лошата игра во одбрана и многубројните технички грешки. Лазаров од седмерец дури во седмата минута од вториот дел го постигна првиот гол во продолжението за Атлетико Мадрид. Но по исклучувањето на Гојун, домашниот најсилен адут Хумат ја врати највисоката предност за Констанца (18:13). Но негативниот период на црвено-белите мораше да сопре. Дал одбрани неколку упатени топки и Гарсија Парондо, Агинагалде, Лазаров и Канељас намалија на 18:17 и го принудија Шундовски на минута одмор. Но и минута по тајм-аутот серијата на европскиот првак траеше. Јуркиевич израмни на 18:18 имаше контра за водство, но направи пробивање. Во 47 минута со својот петти гол Кирил Лазаров намали на 20:19, но голманот Попеску, Драгичевиќ и Вал беа расположени и подготвени за пресврт. Маркусен со два врзани гола ја врати рамнотежата на 21:21. Кирил Лазаров под прекршок погоди за 22:23 и го најави позитивниот тренд на шпанците. Масач од крило по втората асистенција на Лазаров веднаш зголеми на 22:24, а се играше 52 минута. Најдобрите моменти на Лазаров ја дотолчија Констанца. Седмиот гол на нашиот капитен го принуди Шундовски на нова минута одмор (22:25). Кога веќе преостанаа само 5 минути до крајот, пак Лазаров со својот осми гол ги врати злато вредните +3 за Атлетико Мадрид. Кога младиот Диез одбрани седмерец, а Агинагалде зголеми на 23:27, многу работи беа јасни. До крајот Дал одлично си ја заврши работата, Лазаров го постигна 9 гол и заедно со Маркусен го „потопи„ романскиот првак. Дефинитивно „македонското дерби„ им припадна на Лазаров и Атлетико Мадрид, благодарение на брилијантниот финиш и второто полувреме. Втора гостинска победа и многу ведрина кај Атлетико Мадрид како сезоната одминува.

Комплетниот извештај од натпреварот погледнете го ТУКА:

Share