hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

Пивотмените се справија со Сиудад Енкантада

kire 11 11 2012

Атлетико Мадрид - С. Енкантада 32:25 (16:12)


По двонеделна пауза на сцена повторно се врати шпанската ASOBAL лига и на еден месец до меѓусебната пресметка со Барселона, Атлетико Мадрид ја продолжи серијата на победи. Тимот на Кирил Лазаров во „Висталегре„ според планот ја совлада екипата на Сиудад Енкантада од Куенка. Во ладниот амбиент на полупразната „Висталегре арената„ во Мадрид не беше баш мотивирачки да се игра.

Аднан Шабановиќ за прв пат застана меѓу стативите на мадридскиот клуб, а Николај Маркусен се опорави од ново здобиената повреда. Ракометарите на Атлетико Мадрид излегоа на теренот со маички во знак на подршка на тешко повредениот капитен Хозе Хавиер Омбрадос, кој беше присутен на трибините. Хуанхо Фернандез го отвори резултатот, но брзо од линијата израмни Ромеро. Но гостите со головите на Симоне отидоа на 1:3 во 4 минута.

Само четири минути подоцна по соло акцијата на Балиќ и голот од крило на Калман веќе беше 4:4. Пивотменот Ромеро во 12 минута го донесе првото водство на домашната екипа (5:4). Гостите од Куенка играа солидно, Ондаро поврза неколку одбрани и при 7:6 во 15 минута гостинскиот тренер побара тајм-аут. На половина од првиот дел Лазаров влезе во игра место Бараше. Минута подоцна Дејвис од контранапад донесе +2 за екипата од главниот град. Македонскиот интернационалец со убава асистенција го најде Еду Фернандез на линијата од шест метри за 9:7. Гостите не губеа надеж и Симоне и Фернандез Санчез парираа во целиот тек на првото полувреме. Серијата на пивотменот Фернандез донесе највисоки 12:9 во 23 минута. Ако не постигнуваше голови, Лазаров во оваа фаза ги проигруваше соиграчите со идеални асистенции. Во 26 минута го најде Масач кој втрча на линијата за 13:10. Потоа од чекор Лазаров го постигна својот прв гол за 14:11. Суидад Енкантада ги користеше своите шанси и дупките во одбраната на Атлетико Мадрид. Хуанхо и Ангел Перез ги одржуваа најчестите 2-3 гола предност за домаќинот. На крајот на првот дел 16:12 за екипата на Талант Душебаев, во меч во кој фаворитот остави впечаток дека игра колку само да ја продолжи серијата на победи во ASOBAL лигата.

Одличната игра преку кружните напаѓачи беше силен адут на црвено-белите на стартот на вториот дел. Ромеро постигна два гола на почетокот од продолжението за 18:13. Калман во 34 минута постигна уште еден лесен гол за највисоки +6 за екипата на Душебаев. Најдобриот кај гостите Хуанхо со петтиот гол намали на 19:14 во 36 минута, но во наредните 2-3 минути, два слалома на Ивано Балиќ ја вратија стабилноста во играта и резултатот. Од тие моменти се наѕираше самоувереноста на Атлетико Мадрид, дека лесно ќе го добие овој натпревар. Пољакот Јуркиевич се запиша меѓу стрелците по двата гола на Симоне за најчестите +6 во вториот дел. Душебаев го изротира целиот ростер, а кога Маркусен погоди по втор пат во 46 минута, видливо беше задоволството за враќањето во форма на младиот данец. Лазаров само што го замени Бараше додаде во „брзина погоре„ и со еден гол од игра, еден од седмерец и еден од неговата позиција на десен бек, донесе високи 27:19 за шпанскиот вицешампион. Маркусен и Дејвис ефектно за домаќините, а Хуанхо за гостите го продолжија фестивалот на офанзивна игра и убави потези во „Висталегре„ Лазаров со убава асистенција за Масач го затвори мечот за финални 32:25.

Лесна деветта победа од исто толку меча за екипата на Атлетико Мадрид. Како се доближува дербито со Барселона, играта на мадриѓаните станува се посолидна. И што е најважно се празни групата на повредени ракометари и Талант ќе има слатки грижи. Во победничката екипа најефикасни беа пивотмените Ромеро со 6 и Еду Фернандез со 5 гола , Лазаров постигна 4 гола. Кај Сиудад Енкантада одличен скор на Хуанхо и Симоне кои постигнаа по 7 гола. Ондаро имаше 11 интервенции, наспроти 7 на Шабановиќ и 4 на Дал. Во наредното коло Атлетико Мадрид му гостува на Хуеска.

Комплетниот извештај од натпреварот погледнете го ТУКА:

 

You need to a flashplayer enabled browser to view this YouTube video

Share