hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

Магична вечер на македонските ракометни асови

kiremkd

Македонија - Швајцарија 30:24 (17:9)

Македонската јавност во добар дел ја исполни салата во СЦ „Борис Трајковски„за стартот на квалификациите за наредниот континентален собир во Данска. Во клима на многу тензија и недоразбирања и без казнетиот Борко Ристовски и повредените Наумче Мојсоски и Никола Марковски, нашата селекција беше исправена пред фаворитската улога во овој прв натпревар.

Од првиот наш напад кој го реалираше Стојанче Стоилов од позицијата на кружен напаѓач, јасна беше мотивацијата на нашите момци. Кога Митревски го одбрани зицерот на Лингер во 5 минута, Кирил Лазаров од првиот обид погоди за 2:1. Нашата комбинаторна игра донесе ефектен гол на Дејан Манасков, а потоа Стоилов погоди од линијата за прв пат да имаме +2 во 8 минута (4:2). Кирил Лазаров од скок шут, минута подоцна зголеми на 5:3, а неговиот брат Филип со слалом низ противничката одбрана најави одлепување (6:3). Кога Стоилов погоди по трет пат се мирисаше на одлепување, но по исклучувањето на Темелков, робусниот Грубнер ја прекина серијата од 3:0 за црвено-жолтите.

 На половина полувреме во игра влезе Миркуловски место Бранко Ангеловски и веднаш го најде Стоилов, за кого немаа решение момците на Перковац (8:4). Нашата игра со подеми и „црни дупки„ ја прекина капитенот со третиот гол во мечот, овој пат од седмерец. Веднаш потоа во контра Димовски ефектно погоди за 10:5 и хрватот Перковац беше принуден да побара минута одмор. Од тогаш македонската машина ги „сомле„ швајцарците. На крилата на Митревски и неговата петта одбрана, Кирил Лазаров го најде Темелков од крило за 11:5. Битолчанецот на голот на нашата селекција максимално го користеше својот простор на голот и ги собра симпатиите на ракометниот аудиториум. Дури и го одбрани седмерецот на Шмит во 25 минута. На двата гола на Грубнер, одговори Темелков кој како втор пивотмен погоди за 13:7. Највисоката предност ја донесе Миркуловски (14:7), а како натпреварот одминуваше потсеќаше на оној со Австрија од месец јуни. По тајм-аутот на Шундовски и двата наши неодговорени гол на Миркуловски и Манасков дојдовме до високи 16:8 пред одморот. Со тие +8 и дури 17 постигнати гола, разигран напад и одличен голман на полувреме имавме причини само за задоволство.

На Почетокот на вториот дел гостите поставија стриктна маркатура на Кирил Лазаров, но на линијата не внимаваа на Стоилов, кој погоди за највисоки 18:9. Играта на избраниците на Шундовски пленеше со убавина, динамика и спортска хармонија. Дејан Манасков и нововлезениот Гоце Георгиевски од контри донесоа 20:9 во 34 минута. Капитенот Кирил Лазаров својот четврт гол го постигна од крилна позиција за 22:9 во 38 минута. Перфектната македонска „машина„ доведуваше да погодуваме од сите позиции. Така нашите крила Георгиевски и Манасков ја потврдија „ренесансата„ на нашите млади ракометари за највисоки 24:12. За сите наши адути да бидат меѓу стрелците се погрижи Бранко Ангеловски во 43 минута (26:13). Тогаш настана опуштање на црвено-жолтите и со серија од 5:1 со головите на Лингер и Шмит, Швајцарија дојде до 27:18. Ванчо Димовски го прекина нашиот најдолг „блек-аут„ од 5 минути без гол (28:18). Долго време чуваниот Кирил Лазаров својот петти гол го постигна во 55 минута за 29:20. До крајот нашето опуштање доведе Шмит и Реми да постигнат уште некој гол за чесен пораз, наместо катастрофа. Во нашата репрезантација блескаше Никола Митревски со 18 одбрани, Стоилов постигна 5 гола, колку и Кирил Лазаров. Целиот колектив покажа дека кога оваа репрезентација ќе го покаже целиот свој потенцијал, можат да паднат и многу посилни селекции од Швајцарија. Кај гостите не разочара Грубнер со 5 гола.

Со добар старт и одличен настап, нашите ракометари ги оставија зад себе проблемите за кои се зборуваше цела оваа недела и со ведрина имаат неколку дена да го подготват гостувањето во Португалија. В петок експедицијата заминува за Еспињо, каде в недела од 18:00 часот е веројатно клучниот натпревар во квалификационата група. Победа во Португалија би ни ја отворило вратата за Данска.

Комплетниот извештај од натпреварот погледнете го тука:

Share