hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

Лазаров за ДЕРБИ: „Не ми е на крај на памет да се откажам од репрезентацијата„

kire 03112013

Пријателскиот натпревар на Македонија со Црна Гора што го добивме со 26:21 го означи стартот на подготвките на државниот тим за настапот на ЕП во Данска, каде што сме во група со домаќините. Капитенот Кире Лазаров постигна осум гола во мрежата на Црногорците кои исто така ќе играат во Данска, но во групата Д, а победата беше надополнета со добар учинок и од другите репрезентативци. За време на собирот на селекцијата, порталот „Дерби„ ја искористи шансата да поразговара со Лазаров на повеќе актуелни теми од светот на ракометот.

ДЕРБИ:

По неколку месечна пауза од квалификациите, сега Ви започнуваат подготовките за ЕП?

ЛАЗАРОВ:

Секои подготовки се добредојдени, имајќи предвид дека календарот на ЕХФ е мошне густ. Голем дел од нашата репрезентација настапува во силни првенства, а оние кои настапуваат во македонските клубови имаат настапи и во СЕХА лигата и во Лигата на шампиони. Затоа секое собирање е добро, да се искористи максимално времето. Цел на подготовките, бидејќи се повикани голем број ракометари, е да се види дали може да се внесе нешто ново, свежа крв, и да се добие вистинска слика за она што следува. Кога ќе дојде времето за главните подготовки, не треба да се губи време и треба да се има чиста слика за ЕП во Данска. Заради градење на менталитет, ние ќе се обидеме да ги добиеме двата натпревари, да изградиме победнички карактер, но резултатот не ни е во прв план.

ДЕРБИ:

Каква е атмосферата во репрезентацијата, од аспект на тоа дека вие останавте единствени да ја зарадувате македонската публика, по скромните резултати на кошаркарите и фудбалерите?

ЛАЗАРОВ:

Атмосферата ја правиме ние, јас и колегата до мене. Тоа е нешто што може да се промени, денес да биде супер, па за два дена да се смени, а потоа да биде пак прекрасно. Ние сме одговорни, не како група, туку како поединци. Во секој колектив може да има проблеми, но ние треба како професионалци и спортисти кои имаат видено многу, треба да ја градиме таа атмосфера. Ако има проблем, тој треба да се реши. Многу тешко се гради атмосферата, но лесно се растура. Ете, постојат примери од другите спортови и треба да бидеме во плус, не затоа што сме на пол позиција кај публиката, бидејќи Македонија е спортска нација и треба да ги испочитуваме навивачите, туку дека одговорноста е голема и мене како капитен не ми е сеедно дали ќе победиме или ќе изгубиме, дали ќе одиграме добро или слабо. Мора да направиме се за да го испочитуваме македонскиот народ, нашата фамилија, нашата држава, треба да ги направиме сите среќни, едноставно – на пол позиција сме и треба да се стремиме кон успех. Ние како генерација го немаме дадено последниот збор. Успешни сме, со оглед на тоа дека сме од Македонија и сме Македонци, но не треба да се задоволиме со тоа. Имаме страшен потенцијал, имаме искусни играчи, добри напаѓачи и добри дефанзивци, па едноставно треба да го склопиме тој мозаик и да ја направиме можеби најголемата работа за Македонија. Зборувам за следните 2-3 години, не мора да биде тоа во Данска, но мора во секој натпревар да одиме на победа и да не калкулираме. Кога калкулираме сме најслаби. Треба да ја промениме менталната матрица, да сме силни кога сме успешни, а слаби кога не сме успешни и да го вадиме „нечистиот веш", па дури и кога го нема, да го измислиме.

ДЕРБИ:

Дали можеш да си замислиш да го оставиш репрезентативниот дрес, а се уште да имаш активна кариера?

ЛАЗАРОВ:

Прашањето е многу чувствително. Ако се навратиме назад, се случи тоа во 2008 година, пред да се пласираме на светското првенство. Ми имаше дојдено таква помисла во глава, тоа беше во времето кога веќе бевме со оваа генерација, сакавме да направиме нешто, но бевме катастрофално организирани. Од нас се очекуваше многу, но немавме организација, немаше услови за работа. Еднаш, во една таква ситуација демонстративно го напуштив тренингот и заминав за Загреб, каде што тогаш настапував. Колку и да ја сакаш Македонија, треба некој да ти ги обезбеди условите за да го дадеш својот максимум. Тоа е национална селекција, гордост, нешто свето, па ако јас се посветувам, треба и некој друг да ги обезбеди условите. Доколку се е како што треба, ни на крај на памет не ми е да се откажам од националната селекција, особено што сме амбициозни и можеме да направиме добра иднина.

ДЕРБИ:

Имавме таква среќа во Лигата на шампиони да се најдат два македонски клуба во иста група, и тоа со Барселона каде што ти настапуваш. По првите мечеви, како ја оценуваш ситуацијата во групата, особено шансите на Вардар и Металург?

ЛАЗАРОВ:

Барселона заврши добра работа што го совлада ПСЖ во Париз, па не сакам да речам, но би требало да ја освоиме првата позиција во групата, која би ни значела многу во натамошниот циклус, олеснување за да стигнеме до „final four". Лично посакувам и двете македонски екипи да бидат во првите четири, само така македонскиот ракомет ќе добива на цена, ќе добива поени за догодина да имаме повторно две екипи во Лигата на шампиони. Македонската национална селекција и клупскиот ракомет се тесно поврзани, доколку едното е успешно, и другото е успешно. Посакувам и двете екипи да одат во тоа осмина финале и што е можно повеќе да стигнат во тоа најелитно натпреварување. Како што се одвиваат нештата, мислам дека се на добар пат, едноставно треба да продолжат со тоа темпо, а квалитет секако дека постои, само треба да се издржи.

Share