hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

Отпорот на црногорците скршен во вториот дел

mkd-crna-gora1

Македонија - Црна Гора 26:21 (11:11)

2.500 љубители на ракометот ја исполнија спортската сала „Парк„ во Струмица по скоро седум години пак домаќин на националната репрезентација во ракомет. Во одсуство на повредениот Миркуловски, играта на нашиот национален тим ја организираше Стојчевски.

Но пак нашите ударни игли беа Кирил Лазаров и Наумче Мојсовски, кои во првиот дел не одржуваа во игра со разиграната и мотивирана црногорска репрезентација. По водечкиот гол на Наумче Мојсоски, гостите со играта преку Ракчевиќ создадоа многу проблеми на нашата реновинарана одбрана. Шеваљевиќ со два гола на поставена одбрана, во 13 минута донесе највисоки 3:6 и го принуди Ивица Обрван на тајм-аут во раната фаза на мечот. Реакцијата на нашиот тим ја мотивираа инвидуалните квалитети на Мојсоски и Лазаров и кога капитенот погоди од седум метри во 23 минута, домашната репрезентација израмни на 8:8. Но брзото крило на Ловчен, Радовиќ со серија на голови од контранапад од неговата десна крилна позиција, пак ги одлепи црногорците до 9:11. Но во последните две минути од првиот дел, најнапред Гоце Георгиевски со лоб удар, спушти на -1, а потоа Мојсоски од седмерец на половина минута до одморот, израмни на 11:11, Прво полувреме со многу проблеми на нашиот национален тим и променливи вибрации од двете репрезентации.

Вториот дел беше исто така неизвесен, но и полн со грешки и менување на водствата. Шеваљевиќ и Милошевиќ за кратко време реплицираа на голот на Мојсоски за 12:13 за Црна Гора. Одговорот на нашите момци беа асистенциите на капитенот на Георгиевски и Стоилов за 14:13 во 38 минута. Кружниот напаѓач најмногу бодрен од гледалиштето одигра одлично второ полувреме. Но силниот удар на гостинските бекови Шеваљевиќ и Пејовиќ, главно без скок шут, ја разбиваше нашата одбрана (14:15). Во период со серија на израмнувања, нашата игра стана поразновидна, а и во одбраната се почесто го сопиравме корпулентниот Ракчевиќ. Со два реализирани седмерци, Кирил Лазаров во 43 минута израмнува на 17:17. Тогаш од одпадок Липовина погодува за водство, кое се испостави последно за црногорците. Во ситуација со двајца ракометари помалку, заради исклучувањата на Стоилов и Ојлески, нашата игра во одбрана го сврти текот на натпреварот. Николче Митревски нанижа четири интервенции, а и Кирил Лазаров погоди после тајм-аутот со двајца ракометари помалку (18:18). Ојлески од контранапад и уште еднаш капитенот од казнен удар, го комплетираат пресвртот. Нашата одбрана скоро 13 минути не прими гол, Митревски беше одлучувачки фактор, а серија на лесни голови постигнаа Стоилов од линија, Наумче Мојсоски од седмерец и крилата Ојлески и Георгиевски за 24:18 во 54 минута. Тогаш Зоран Кастратовиќ побара минута одмор, но веќе беше предоцна за враќање во натпреварот. По исклучувањето на Ангеловски, Милошевиќ од седум метри намали на -5 на четири минути до крајот. Во последните пет минути, искусната селекција на Обрван не дозволи намалување на водството. Напротив и покрај двата гола на Грбовиќ и одбранетиот седмерец од Рајковиќ по ударот на Мојсоски, нашите момци возвратија. Пецаковски од втор план и Кирил Лазаров со звукот на сирената погодија за убедливи 26:21 во контролниот меч во Струмица. Одличен тест за селекцијата на Македонија, која до европското првенство во Данска ќе биде многу посилна со враќањата на браќата Марковски, Димовски, Миркуловски, Ангелов. Во нашата репрезентација блескаше Лазаров со 8 гола и 5 асистенции, рамо до рамо со него беше и Наумче Мојсоски со 7 гола, а во клучната фаза се покажаа одлучувачки и 5 одбрани на Николче Митревски. Кај црногорците Младен Ракчевиќ одигра одлично прво полувреме и мечот го заврши со 5 гола, а Шеваљевиќ погоди 4 пати. Наредниот собир на нашата репрезентација е во декември, а наредниот контролен меч на подготовките во Хрватска против Словенија.

Македонија - Црна Гора 26:21 (11:11)

Спортска сала „Парк„- Струмица. Гледачи: 2500
Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски (Македонија)
Делегат: Камил Металари (Македонија)

Македонија:
Ристовски (4 одбрани), Митревски (5 одбрани), Н. Мојсоски 7, С. Стоилов 3, Ангеловски, Манасков 1, Јоноски, К. Лазаров 8, Ф. Лазаров, Пецаковски 1, Ојлески 2, Митков, Темелков, Георгиевски 4, М. Стоилов, Мајнов, Кузмановски, Стојчевски, Пешевски

Седмерци: 8/6
Исклучувања: 10 минути

Црна Гора:
Рајковиќ (6 одбрани), Симиќ (6 одбрани) Шеваљавиќ 4, Ракчевиќ 5, Борозан, Милошевиќ 2, Поповиќ, Липовина 1, Анџелиќ, Марковиќ 1, Радовиќ 3, М. Вујовиќ, Радојевиќ, Симиќ, Грбовиќ 3, Пејовиќ 2, С. Вујовиќ, Перишиќ, Петричевиќ

Седмерци: 3/3
Исклучувања: 6 минути

Share