hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

Барса го освои „светиот град„

Kiril Lazarov 6

ПСЖ - Барселона 29:32 (17:17)

Француските и шпанските медиуми дуелот на „титаните„ во Париз го нарекоа и како дуел од FINAL FOUR уште во октомври. Барселона со многу авторитет славеше на теренот на директниот конкурент и се доближи до првото место во својата група. Капитенот на Барса, Виктор Томас од крилна позиција го постигна првиот гол во мечот. На крилата на неколку интервенции на Аноне, Лук Абало, Хансен и хрватот Копљар погодија од контри и полуконтри за 3:1 во 5 минута.

Марко Копљар со удар над зоната на Барса, погоди за 4:1, па пак на крилата на голманот „светците„ со „бомба„ на Микел Хансен зголемуваат на 5:1. По 7:22 од почетокот на мечот, Пасквал побара тајм-аут, на кој покажа дека е видно незадоволен од почетокот на мечот. Превсртот го најави Карабатиќ, изнудувајќи исклучување на Гојун, па со асистенција за Томас и гол од позиција на среден бек за 5:3. Веќе во 10 минута Барса имаше приклучок во резултатот, а францускиот ас Никола Карабатиќ со уште три гола намали на 6:5, па на 7:6 и на 8:7. Одговорот на парижаните беа двата гола на Даниел Нарцис, кои Шариќ не можеше да ги брани. Добро во мечот влезе и унгарецот Часар и на средина од првиот дел, домаќините ги одржуваа тие 1-2 гола предност. Лазаров во 16 минута од првиот обид го совлада Аноне за 9:8, па минута подоцна уште поефектно за прв пат израмни на 9:9. Фахрудин Мелиќ со вториот добро изведен седмерец во 18 минута ја врати домашната предност, пред Рутенка да погоди од чекор (10:10). Кога Сармиенто израмни на 11:11, во 21 минута Гарден побара минута одмор. По серијата на одбрани на Шариќ, белорусинот Рутенка за прв пат ја доведе Барса во водство (11:12). Следеше исклучувањето на Карабатиќ, ПСЖ ја врати предноста со седмерецот на Мелиќ, ефектната контра на Абало и полуконтрата на Копљар (14:12). Но Барса веќе беше концентрирана во мечот и Страновски и Нодесбо израмнуваат на 14:14. Играта стана погруба и по исклучувањето на Нодесбо, на клупата мораше и Нарцис и по втор пат Гојун по грубиот старт врз Рутенка. Кога Ернесто Гурбиндо погоди во 28 минута, Барселона пак поведе (15:16). Рутенка со два реализирани седмерци во финишот, ја одлепи Барса на +2, но подоцна Копљар и Абало за 10 секунди израмнија на 17:17, што беше резултат на крајот на првиот дел.

На почетокот на вториот дел веројатно се случи одлучувачкото одлепување на црвено-жолтите. Лазаров погоди за 18:19, а со мини-серија од 4:1, гостите дојдоа до 18:21. Веднаш во мечот се вклопи и Седрик Сорондо, а Лазаров беше кошмар за Аноне и погоди по четврти пат за 19:22 во 38 минута. По седмерецот кој во гол го претвори Рутенка за 19:23, Гарден побара тајм-аут. Но во 41 минута Томас од половина терен ја годи целта за прв пат Барса да поведе со +5. Абало со гол од контранапад ја прекина серијата на европскиот вицешампион за 21:25. Шариќ го продолжи своето шоу и го одбрани зицерот на Нарцис, а Хуанин Гарсија од крилна позиција ја врати највисоката предност (22:27). Мотивираниот Лазаров прелесно ја исфинтира одбраната на ПСЖ за 22:28 на средина од второто полувреме. Абало и Хансен со инвидуалности го вратија францускиот првак до 25:29, пред Рутенка со уште еден беспрекорен седмерец да ја пробие бариерата од 30 гола. На 10 минути до крајот, една искусна екипа како Барселона без проблеми ја администрираше предноста од 4-5 гола. На 5 минути до крајот, Пасквал побара минута одмор при 27:32. Нодесбо погоди за +6 и ПСЖ се предаде дека може нешто да направи. Мелиќ и Хансен само го ублажија поразот, кој беше неминовен по одличното второ полувреме на Лазаров и соиграчите (29:33). Овој пораз ги компликува работите за францускиот првак, а Барса ја лансира како најсериозен кандидат за првото место во групата. Кај Барселона најефикасен беше Рутенка со 8 гола, Лазаров и Томас блескаа и додадоа по 6, а Карабатиќ беше автор на 5 гола. Огромен удел во победата имаше голманот Шариќ со серија на бравурозни одбрани. Кај ПСЖ по 6 гола постигнаа Мелиќ и Абало, а Хансен беше скромен за своето реноме и даде 4 гола.

Комплетниот извештај од натпреварот можете да погледнете ТУКА:

 

 

Share