hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

Лазаров: „Дресот во Барселона тежи многу“

vardar

Заштитниот знак на македонскиот ракомет, Кирил Лазаров, во сабота во СЦ Борис Трајковски ќе биде во една невообичаена улога - ќе биде гостин пред својата македонска публика во дресот на Барселона против македонскиот шампион Вардар.

Лазаров ја имаа таа среќа во својата прва сезона во Барселона, во ЛШ да игра во „македонската група" со Вардар и со Металург, своето деби во дресот на Барселона во Лигата на шампионите да го игра токму во Скопје против Вардар и против својот брат Филип Лазаров во капитенска улога. Сето ова не поминува без емоции, но сепак професионализмот е во преден план или како што вели тој „дружба е дружба, а служба е служба" Во ексклузивното интервју за официјалната вебстрана на РК Вардар, Кирил Лазаров зборува за братскиот дуел во Лигата на шампионите, за новиот македонски бран во европскиот ракомет, за саботниот дуел со Вардар, но и за посебноста на Барселона која е „повеќе од клуб"...Седум прашања за 77-та на Барселона:

-Твојот прв натпревар со Барселона во Лигата на шампионите ќе биде пред македонската публика, на 21 септември против Вардар во „Борис Трајковски". Колку ти значи тоа и дали ова ќе биде еден од оние мечеви што се паметат во твојата кариера?

„Секој натпревар си има свое значење и своја тежина. Убаво е да се дебитира пред својата публика и пред својот народ во Лигата на шампиони со мојот нов клуб Барселона. Тоа ќе биде своевиден празник на ракометот во нашата земја. Со нетрпение го очекувам и тешко дека заборавам ова мое „деби" на македонско тло."

-Дали професионализмот е посилен од емоциите кога двајца браќа се на терен еден спроти друг - Кирил Лазаров во дресот на Барселона, Филип Лазаров како капитен на Вардар?

„Кратко и едноставно кажано, ќе употребам една народна „служба си е служба, дружба си е дружба"! Не верувам дека и Филип ќе го сфати поинаку овој натпревар. Победничкиот менталитет што го имаме во секој од нас ќе дојде до израз и спортски е секој од нас да ја посакува победата.

- Барселона сезонава ќе игра во група со двата македонски претставници во ЛШ – Вардар и Металург. Какви се рекациите во Шпанија за овој подем на македонскиот ракомет во најелитното европско натпреварување?

„Позитивно во секој случај и со голем респект се зборува за македонскиот ракомет, што не беше случај во минатот, посебно не во толкава мерка како сега. Меѓутоа, еднаш засекогаш треба да научиме и да го почитиваме тоа – националната репрезентација и нејзиниот постојан успех на меѓународна сцена е најголемиот двигател за развојот на нашиот клупски ракомет. Едното без другото не може, тоа се тесно поврзани работи. Без квалитетен национален тим никогаш ќе немаме ракометна иднина ниту пак клубови на вакво високо ниво."

- Имате импресивен старт со две титули на почетокот од новата сезона. Како се подготвува Барселона за дуелот со Вардар на стратот од сезоната во ЛШ?

„Титулите ја подигнуваат самодовербата. Не играме толку квалитетно, моментално, колку што имаме добиено на самодоверба и тоа не носи. Еден месец сум овде во Барселона и се уште немаме некои специјални подготовки за некој противник. Најважен е системот на работа, неговото почитување и надоградување во зависност од противникот и неговите лоши и добри страни."

- Какви се твоите очекувања од претстојната сезона во ЛШ?

„Предизвикот е голем. Се уште сме на почеток за да се зборува однапред. Допрва очекувам нашата игра да се подобрува и да се усовршува. Не сакам да се оптоварувам со ривалите, некогаш противникот е толку добар колку што ќе му дозволиш да биде! Ми се допаѓа системот на игра што го има Барселона, како офанзивен така и дефанзивен. Ни останува само да работиме и да си посакаме здравје и да нема повреди, другото ќе си дојде само по себе, сигурен сум во тоа."

- Кои се твои фаворити за освојување на титулата во ЛШ во оваа сезона и дали сметаш дека македонските екипи, Вардар и Металург, имаат квалитет и капацитет да се носат рамноправно со европските ракометни гиганти како Барселона или ПСЖ?

„Двата наши тима се составени од одлични играчи. И Вардар и Металург направија респектабилни тимови и никој со сигурност не може да си ги запише однапред бодовите од Скопје! Секој противник што ќе игра овде ќе треба да биде многу квалитетен за да ја оствари таа цел. Лигата на шампионите од година во година е се поквалитетна, фаворити има многу и мислам дека ќе решеваат детали – моменталната форма, здрави играчи, искуство, спортска среќа, која пак од друга страна ќе треба да си ја заслужиш...."

- Во Европа има неколку врвни ракометни клубови, ама велат, Барселона е Барселона! Што е тоа што ја прави Барселона посебна во однос на другите?

„Барселона е повеќе од клуб! Барселона е институција. Дресот што го носиш таму, Шпанците велат "PESA MUCHO", тежи многу. Кога ќе го облечеш дресот на Барселона веќе се чувствуваш 20-30 проценти подобар. Меѓутоа, покрај што е задоволство, да се биде член на овој клуб е и голема одговорност.

Share