hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

Лазаров: „Јас живеам за ракометот„

kire 15 07 2013 1

Во опширно интревју за www.marili.com.mk новиот член на Барселона, Кирил Лазаров говори 360 степени за сите негови актуелни теми, за неговата најголема љубов - ракометот, за звездените и тешките моменти, за подемите и падовите.

Велат дека реката ги добива својствата во зависност од пределот низ кој поминува, а човекот од поднебјето во кое е роден... ТОЈ е роден како прва машка рожба во семејството на Милка и Благој Лазарови... Крал во ракометот, човек меѓу луѓето... Кирил Лазаров. Лик и име кое раѓа задолжителна почит. 33 години 33 трофеи. Македонскиот спорт се идентификува со неговото име. Најдобриот стрелец на Планетава. Сопственик на најголемиот број голови во светот. Верува во Бога и пред секој натпревар се прекрстува за среќа. Исто како што пред секој натпревар има ритуал во облекувањето, кој не го сменил никогаш. Прво ја облекува десната чорапа, па десната патика, па потоа левата... Верува во себе и секогаш кога излегува на терен победата му е императив. За средба со Кире не ви е потребна посебна причина, провокација, значаен момент. Единствено што ви треба е Кире да најде време... А тој, како и секогаш непосреден, искрен, духовит до бескрај. Извор на енергија кој не пресушува, не се губи, туку секојдневно надоаѓа се наголемува.

Но, за оваа наша средба имавме причини... Нивниот епицентарот беше бројот „СЕДУМ“ и новата 77-ца на гигантот Барселона-Интерспорт. Бројот 7 во христијанството се поврзува со 7 ангели,7 ѕвезди,7 дарови на светиот дух, а нашата историска седмица му припаѓа на Кире. Нумеролошки седмицата е совршен спој на духовното и телесното и ништо на светов не е случајно не е туку така ,од никаде. Големината на нашиот број СЕДУМ ја изразуваме со името на Кирил Лазаров. Кире е голем затоа што е едноставен, а до едноставноста се расте. Порасна Кире за овие 22-23 години во играч, кој никогаш пред себе не поставувал невозможни мисии. Неговото име е најсилниот пример како се сака и се почитува спортот. И кога ќе поминат години и векови ќе го има највисокото место на пиедесталот во македонската спортска историја ,во светските спортски анали. Македонски планетарен ракометен виртуоз.

МАРИЛИ: Од седми јуни оваа година ракометната империја Барселона го има леворакиот бомбардер од Македонија. Барселона, сон на секој спортист, место каде Каталонија го бакнува медитеранскиот брег. Ви требаше ли многу време да ја прифатите понудата?

ЛАЗАРОВ: Успех е да бидете доволно храбар за нов почеток. Барселона е градот за кој сум копнеел како дете, отсекогаш сум сакал да живеам таму и во следните две години ќе имам можност секое утро да го гледам Сонцето, како ја буди најмоќната спортска метропола на светот. Во Барселона имав можност да заминам уште кога бев дел од „Веспрем“ и „Загреб“. Барселона ја посакував со сето свое срце и верувам и знам кога сакате нешто со чиста искрена и неприкосновена безусловна љубов не постојат препреки да го живеете сонот. И тоа треба да е правило кое важи за сите на Планетава, не само за мене. Во изминативе години двапати имав понуда од Барселона, но ете ја прифатив третата. Размислував цели 15 минути пред да кажам „ДА“. Околностите во мојот досегашен клуб Атлетико Мадрид, можеби беа причина плус за така брза одлука, покрај силната желба и зрелост да бидам дел од најдобрите. Челниците во клубот од Мадрид од една страна ми дадоа зелено светло да заминам, иако имав уште една цела година договор со тој клуб. Но, од друга страна претседателот ја одоговлекуваше средбата со мојот менаџер затоа што едноставно не сакаше да ме пушти. Но чекав, верував и дочекав. Во Барселона внимаваат на секоја ситница, на секој дел на комплетниот ментален и телесен склоп. Последните здравствени прегледи беа клучниот одговор дали ќе бидам дел од клубот или не. Детален преглед на секој атом од мене. Кога го слушнав докторот како вели: „Срцето на Лазаров е во одлична состојба“, тогаш со сигурност знаев дека стигнав до целта за која потрошив 22 години од животот, мојот иден дом е Блауграна. Барселона е повеќе од клуб во кој ќе го дадам мојот максимален придонес.

 kire 15 07 2013 2

МАРИЛИ: Доблест е да напишете книга кога сте на врвот. Патот од илјада милји започнува од првиот чекор „Седум“ е вашето првенче жанровски спаѓа во автобиографија, но пред сè ова е едно отворање на душата. Зошто Ви се случи „Седум“?

ЛАЗАРОВ: На врвот, до некаде да, но никогаш не заборавам на патот кој го изодев да стигнам тука и кога бев долу, на почетокот. Одговорот на Вашето прашање ќе го започнам со фактот дека секој кој знае да пишува може да напише книга. Јас ниту сум бил, ниту некогаш ќе бидам писател, ниту пак сакам наслови од типот „Кире стана писател“. НЕ. Во книгата на 77 страници се раскажани и пренесени најсилните моменти од моето постоење во последните две години. Сеќавањата секогаш се тука да ни ја хранат душата за времето кое е зад нас, одговор на прашања кои некогаш биле поставени, но не докрај одговорени. Емоции, денови, случки, победи, порази... Ако во минатото заради оваа или онаа причина прмолчев некој одговори во книгата ќе ги пронајдете. Книгата не е напишана во еден здив туку како ми доаѓаа сликите, настаните, онака како што судбината ми го исполнуваше секој нов ден. Ден, во кој од среќа не знаев што да направам, ден во кој од тага имав чуство дека тежината на сите планини е на моите гради. И додека ја пишував, додека раскажував дел од чувствата, пак, ги имав така силно во мене исто како во моментот кога се случувале. Татко ми... колку сакав да го дочека денот кога потпишав за „Барселона“, колку сакав кога се случи тоа нему прв да му јавам да го израдувам. Оваа книга ја посветувам на моите родители, кои и во добро и во зло беа со мене, кои никогаш не ми се мешаа во одлуките иако сум човек кој сака да слушне мислење од други, но одлуката секогаш била моја. Книгата „Седум“ е почеток на приказната која допрва започнува.

МАРИЛИ: Ретки се луѓето кои имаат дар од Бога за она што го работат. Познатиот тренер Жарко Загместер, кој работеше со Вас кога бевте во Хрватска во една прилика изјави дека сте роден за постигнување голови. Дали помеѓу талентот и работата ставате знак „еднакво“ или кантарот на успехот секогаш натежнува кон работата?

ЛАЗАРОВ: Суштината на животот не е да се пронајдеш себе си, туку да се создадеш себе си. Постојано низ глава ми се превртува оваа реченица и неретко си велам ова е кажано за мене (се смее). Но, колку правилно би можел да размислувам и да се создавам на свои десет години кога почнував во ракометот, ако крај себе не го имав најдобриот учител и во животот и во ракометот, татко ми. Помнам кога тренирав ако татко ми кој беше и мој прв тренер ми зададеше да направам 10 склекови јас правев 20, ако ми кажеше да шутирам 30 пати јас тоа го правев двојно. Со топката сум откако проодив, барем така ми раскажувале родителите, а како семејство во кое имаше само машки деца јас и брат ми Филип не постоеше друга играчка освен топка. А, ракометната е мојот живот... и да, знам дека талентот си го прави своето, но многу попознато ми е колку се дадов себе си за да бидам она што сум денеска. Попусто ви е да сте талентиран ако седите дома и очекувате да заминете на СП и да постигнете 92 гола. Секогаш во животот си поставувам реални цели, кои колку и да се недостижни во моментот кога се поставени, со упорна работа, дисциплинираност и максимална предаденост можете да ги остварите. Постојано докажување со најдобрите, поставувате цел потоа трпеливо работите да ја исполните, ја исполнувате, поставувате уште поголема, пак работите и така секој ден. Спортот е мојата највисока цел, моето небо чии граници и на добри 33 години ги надминувам и знам дека можам и повеќе и подобро. И токму заради тоа, јас не се пронајдов во ракометот, туку во него се создадов.

МАРИЛИ: Со свои 15 години бевте дел од европските купови, на 17 години станавте најмладиот репрезентативец во историјата, веќе 13 години сте капитен, најдобар стерлец на европските купови на сите времиња, најдобриот стрелец на светските и европските првенства. Вие сте еден од ретките спортисти на Планетава, кои имаат многу малку прекршоци и исклучувања за толку многу години во ракометот. Пример сте за спортист со исклучителна спортска култура. Како успевате да се воздржите во ситуации кога неправдата Ви го забрзува ритамот на срцето, но сепак судијата го има последниот збор колку и да е тој погрешен, извртен, тежок?

ЛАЗАРОВ: Низ годините успеав силно да се носам со неправдите, но и со бесот. Толку силен, а толку смирен бес. И тоа се учи иако не е едноставно да се контролира. Доколку избега од контрола може само да доведе до ситуации во кои подоцна ќе го извлечам подебелиот крај. Не сакам конфронтации, бидејќи бесот секогаш предизвикува друг бес. Воздржувањето ми е силна страна, но немам ни јас одговор на прашањето како се воздржувам да не изреагирам на начин на кој најчесто реагираат и играчите, но и публиката кога судијата „греши“. Секогаш мислам дека на крај јас ќе бидам победникот, само ако успеам фокусот да го задржам на конкретна ситуација. Секогаш мислам дека поразот не постои, го нема. Само фокусирано и дисциплинирано. Од друга страна капитенската улога не е само да одберете страна на која ќе го започнете натпреварот, туку да бидете достоен водач на тимот, на соиграчите.

 kire dres 77 golema fr

МАРИЛИ: Омилен меѓу навивачите почитуван и кај противниците. Секој тренер сака да Ве има во својот клуб. Македонскиот ракомет се идентификува со Вашето име. Навивачите од „Атлетико Мадрид“ при Вашето заминување кажаа дека им се откинало парче од срцето. Некои се радуваат, некои завидуваат. Завидливоста ја има секаде околу нас, а најмногу им завидуваат на најдобрите. Го има ли тоа и во „клупската фамилија“?

ЛАЗАРОВ: Инсистирање на „туѓата среќа“ го имало и ќе биде ми се чини секогаш така. Се чудам на луѓе кои не се занимаваат и посветуваат на сопствените желби, одлуки и на чекори кон нивна реализација. Зошто мора и во тимот да постои завист за успехот на другиот. Зошто времето и умот да се трошат на интереси од типот, кој за колку потпишал, зошто да не се радувате ако замената која влегла наместо вас постигнала повеќе голови. Во „Дружината“ не смее да има место за такви работи кои можат да го нарушат балансот и да го загадат воздухот на терен, на кој сите треба да дишиме како едно. Ја споменавте публиката. Што би правеле спортистите без неа. Секоја игра без публика е само механичка работа, публиката е душата на играта, на атмосферата која знае да ве поведе кога е најтешко, која знае да ве разбуди кога работите ќе тргнат наопаку и да ве мотивира уште повеќе кога спортската среќа е на ваша страна. Македонската публика, македонските навивачи се најдобрите. Ова го кажале и многу други кои немаат ништо заедничко со Македонија. Се надевам дека „Фалангата“ ќе ја слушаме и на ЕП во Данска во 2014. Не се надевам 100% сум сигурен. А, фановите знаат да го препознаат играчот кој без оглед на лошиот или добриот ден, без оглед на сè што му се случува додека е во игра се дава себеси се жртвува за секој гол, асистенција за секоја нова победа.

МАРИЛИ: Врвните спортисти едвај наоѓаат време да го завршат своето високо образование. Сè уште сте студент на ФФК во Скопје. До која година стигнавте и како одат студиите?

ЛАЗАРОВ: Да. Вонреден студент сум во секој случај надежен. Моментално сум втора година и веднаш по натпреварот со Португалија бев на испит. Добив чиста десетка не само заради владеењето на материјата, туку професорот беше импресиониран од голот кој го дадов со десна рака. Секое доаѓање во Македонија го користам да го забрзам „чистењето“ на испитите и земањето на годините, затоа што знам дека и после ракометот ќе биде пак ракометот. И не е доволно само да стекнувате знаење туку и да го употребувате. Моето знаење, кога ќе се „збогувам“ со играта и настапите, ќе го поделам со секој кој ќе побара парче од него.

МАРИЛИ: Најчесто ѕвездите, познатите во себе имаат егоизам во големи количини што не е случај со Вас, но сите ние сме творби од крв и месо. Како реагирате на разочарувањата и на изненадувањата?

ЛАЗАРОВ: Животот и искуството ќе ве исчеличат и тоа поприлично. Порано се разочарував за многу работи, неправдите ги доживував страшно, но сега сум во бенефициран разочарувачки стаж и не постои ни едно разочарување кое може да ме изненади. Научив како да ги надминам и тоа со брзина на светлината. Изненадувања, кој не ги сака. Јас сум тој, кој најчесто изненадува и тоа најчесто себе си. Ретко може некој да ме изненади затоа што ги претчуствувам тие ситуации, а не сум од оние кои глумат изненаденост. Во секој случај убавите работи ме радуваат. Имам свој мал свет и околу него Кинески ѕид и добро знам како е да си поделен помеѓу фамилијата и народот.

МАРИЛИ: Кога сте познат, признат лесно е да се загубите во светот на славата. Но, Вие и денес цврсто чекорите на земја свесен за својата големина. Ви пречи ли понекогаш популарноста? Мислам дека лесно се носите со неа или грешам?

ЛАЗАРОВ: Мојата тежина на популарноста подготвен сум да ја носам секаде и сам. Не сакам ништо да го наруши мирот во моето семејство, како резултат на мојата игра или реакција во дадена ситуација. Семејството... тие се само мои, а јас сум нивен. Најсветото место за мене е мојот дом. Иако во милион ситуации бев поделен помеѓу народот и фамилијата. Не еднаш сум бил оддалечен од фамилијата во толку важни моменти кога им требав да им бидам и поддршка и утеха. Во 2008 година, со репрезентацијата игравме многу важен натпревар. Во тие моменти помислував да одиграм добро за Македонија и за ракометот, додека сопругата во Загреб ја донесе на свет мојата мала принцеза. Играв со телото на терен, со срцето и душата покрај мојата Љубица која се породува. Играш, постигнуваш голови и се надеваш дека сè е во ред. Големината е во тоа да издржиш и кога е неиздржливо и да покажеш дека можеш и кога мораш. Тешки се моментите кога се делиш меѓу надорот и фамилијата, да сфатиш дека народот ти е фамилија, а фамилијата народот. Кога би можел да не одговорам на ниту едно прашање поврзано со семејството, тоа со задоволство би го направил.

МАРИЛИ: Сопругата Љубица, ќерката Лана и синот Благојче се вашите три страни на светот, четвртата е секако ракометот. Дали сте среќен човек и како децата и Вашата омилена докторка-сопругата се снаоѓаат во туѓина?

ЛАЗАРОВ: Со Љубица сум од 1997 година, се запознавме во Битола јас бев средношколец, таа студент родена е две години пред мене. По сè што поминавме заедно јасно ми е дека таа е жената на мојот живот. Од тој среќен брак лозата ни ја продолжуваат Лана и Благојче. Синот се роди во 2006, а ќерката во 2008 година. И двајцата се јануарски деца, уживаат во најубавиот дел од животот - детството. Лана го има мојот темперамент и афинитет за спорт. Тренира пливање и тенис и се надевам дека еден ден ќе биде моја спортска гордост. Пред некој ден од 120 ученици во школото во кое учи беше прва во крос. Кај Благојче доминира генот на мајка му тој е по науката. И двајцата во Шпанија одат во полудржавно училиште. Шпанскиот јазик го познаваат одлично и не ретко се случува кога јас и Љубица зборуваме на шпански да не коригираат како е правилно да се каже и употреби одреден збор или реченица. Пишуваат и читаат латиница. Нашата кирилица се уште не ја знаат, но тоа е следната лекција на која ќе посветиме време ова лето, за да може да ја прочитаат мојата книга. Љубица по професија е општ лекар која „благодарение“ на мојата работа и постојани преселби сè уште нема ниту еден ден работно искуство. Но, и ветив дека еден ден ќе ѝ отворам приватна ординација да не и биде џабе студирањето (се смее). Кога и каде ќе биде тоа, никој сè уште не знае. Не е лесно со мене. Многу барам, но многу и давам.

МАРИЛИ: Корените секогаш влечат да се вратиме дома. Онаму каде што започнало сè. „Шефицата“, како што ја нарекувате Вашата мајка е онаа која што најсилно се радува на средбата со Вас. Што задолжително треба да Ви подготви кога сте во Свети Николе?

ЛАЗАРОВ: Пред малку зборував за тоа како некој работи остануваат врежани во меморијата. Дел од нив се и јадењата на мајка ми. Мирисот на кујната на „шефицата“ понекогаш го чуствувам и кога сум далеку од дома. Ја сакам нашата кујна, но заради мојата професионалност и кондиција морам да балансирам колку храна внесувам. Ако нешто сакам да видам на масата кога сум во Овчеполието тоа е секако домашна супа со многу зеленчук, ризи-бизи со пилешко и специјалитетот на „шефицата“ полнети цревца. Како хороскопски бик важам за голем гурман, што и сум.

МАРИЛИ: Од малото Свети Николе стигнавте до големата Барселона. Многу патувања, преселби, прелетани километри, изминати години. Каде најчесто сакате да се исклучите од работното секојдневие и да ги трошите деновите за одмор?

ЛАЗАРОВ: Дубровник. Тоа е градот во кој се заљубив на прв поглед. Толку го засакав што во последниве години секое лето сум таму со семејството. Купив апартман и по напорната сезона уживам во небесно сината боја и мирисот на Јадранот, во историјата и топлината на градот. Хрватска отсекогаш ми е блиску до срцето зошто добар дел од животот поминав таму. Во таа земја го постигнав најголемиот личен спортски успех. И ова лето Дубровник нека ме чека.

МАРИЛИ: Некогаш кога ќе ги имате годините, кои ќе бидат единствената причина да ставите точка на Вашата професионална кариера што ќе работите, каде ќе го поминувате остатокот од животот? Се чуствувате ли финансиски слободен?

ЛАЗАРОВ: Едно што сигурно знам е дека цел живот ќе останам во ракометот. Каде ќе живеам после сè не знам ни сам. Мечтаам како и сите ние, но животот никогаш не го доживувам како генерална проба, туку како премиера без претходни вежби, повторувања, математики. Мојата визија во иднина е да сум покрај плажа, да пијам кафе,читам книга и да работам нешто кое ќе ме исполнува. Парите никогаш не ми биле преокупација и да ме прашате во моментов колку имам на сметка ни сам не знам, не се преоптоварувам. Знам само дека имаме доволно за нормален живот. Убаво е да ги имаш, но само како средство за исполнување на високи цели. А мојата висока цел се знае која е. Да имам уште 20 или 30 отсто повеќе сила за слободен и чист скок - шут кон голот. И ако тајната на секое човечко суштество не е во тоа да живее, туку да знае зошто живее мојот одговор е еден и единствен - Јас живем за ракометот.

Автор: Анита Даева

Share