hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

Лазаров никако не ја дава седумката, а му недостига дури и Моурињо !

kire potpis kniga

Од пред некој ден нашиот најдобар ракометар Кирил Лазаров е на својот заслужен годишен одмор во еден од неговите омилени градови, во Дубровник. Таму со неговото семејство се чувствува како дома и има можност и физички и ментално да се одмори, да ја преврти низ памет целата претходна сезона и да ги „наполни акумулаторите„ за новата. Во пресрет на неговото заминување за Хрватска, разговаравме со Лазаров на лесни летни теми во краткото роденденско интервју на неговата официјална веб страна, која на денешен ден пред една година за прв пат отиде во етер.

Што значи за тебе бројот седум или сега во клубските бои 77? Си играл ли некогаш со некој друг број, освен 7 и 77? Колку е тоа од суеверие и до која мера?

-Седумката е мојот омилен број од самите мои почетоци со ракометната топка. Тогаш го одбрав овој број, бидејќи како дете гледав многу добри ракометари кои играа со левата рака, а го носат овој број. Тогаш помислив дека има некои правила каде леваците се задолжени да играат со седумката. Од тогаш до денес никако не се одвојувам од овој број. Во неколку наврати седумката беше зафатена. Зрниќ ја носеше во Загреб, Гијас во Веспрем, Фернандез во Сиудад Реал, Урдангарин во Барса. Така често се определував за броевите 17 и 77. Во еден период не го дозволуваа бројот 77, како и сите останати високи броеви, па со оглед на тоа што беше зафатена и седумката морав да го одберам бројот 17. Седумката во репрезентација е резервирана и секогаш ја носам на грбот. Едноставно овој број го засакав од мали нозе и не се делам од него.

kire mkd port

Што најмногу ќе ти недостига од Мадрид во твојот нов дом, во Барселона? Надвор од Македонија си живеел во Загреб, Веспрем и Мадрид. Кога би можел што би донел од овие три града во Барселона?

-Од Мадрид ќе ми недостига Жозе Моурињо. Добро е што си замина и тој од Реал Мадрид, па полесна ќе биде преселбата. Според мене тој е врвен тренер, кого го следев секојдневно во живо или преку прес-конференции на ТВ. Од Загреб би посакал да ги имам в раце нивните спортски изданија со нивните јавни колумни со размислувања за и околу спортот. Од Веспрем, страста и љубовта на навивачите кон клубот и некој унгарски гулаш. Мадрид дефинитивно е еден од поубавите градови во Европа, во кој што бев привилигаран да живеам.

Минаа три недели од промоцијата на твојата книга „Седум„ за која интересот е огромен. Кој коментар деновиве ти остави најсилен впечаток околу книгата?

-Во принцип коментарите се многу позитивни. Ме среќаваат луѓе на улица и покажуваат заинтересираност за книгата што ме радува во секој случај. Се потрудив преку ова дело да ги доближам моите „фанови„ до животот на еден професионален спортист. Мислам дека луѓето заслужуваат да добијат јасна слика за животот на врвните спортисти, кои покрај успехот, славата, поминуваат и низ многу други работи за да стигнат до врвот.

zoki mone i kire 2

Точно една година од стартот со работа на твојата официјална веб страна. Отворена е нова димензија на комуникација и информирање за твојата кариера. Од денешна перспектива што ти донесе, и пред се што им донесе на твоите „фанови„ твојот официјален сервис.

-Страницата е веќе во функција една година. Неслучајно на 07.07. почна да фунционира мојот веб. Лично сум презадоволен како фунционираме со мојот тим, што не значи дека во иднина ќе се заситиме. Напротив, моите фанови, медиуми, спортски работници, ги чекаат уште многу изненадувања и информации кои ќе ги добиваат. Мислам дека ова е прав пример за во иднина да го прифатат и другите наши врвни спортисти, да започнат да фунционираат на ваков начин и да бидат поблиски на еден професионален начин во македонската јавност. Ќе напоменам уште еднаш, Македонија е спортски горда нација и тоа треба да го почитуваме, негуваме и издигаме на уште повисоко ниво во сите сфери на спортот. Бидејќи е време за летен заслужен одмор, јас и мојот тим ви посакуваме убав и пријатен летен одмор.

Така капитенот сега како играч на Барселона е поздравен во Дубровник, каде ќе мине десетина дена пред од Македонија да го подготви „теренот„ за неговото заминување во Каталонија во првите денови од август.

Share