Лазаров ги сопира шпекулациите
По повод последните шпекулации поврзани околу иднината на македонскиот ракометен репрезентативен капитен Кирил Лазаров, тој директно од Мадрид се огласи како би ја запознал медиумската заинтересираност и „армијата„ навивачи за реалната ситуација.
„Драго ми е што постои голем интерес околу мојата иднина во Македонија и тоа бескрајно го почитувам. Сепак по редот на нештата не можам да потврдам дека сум постигнал договор со ниту еден клуб. Преговорите со сите заинтересирани страни се уште траат и по професионалната етика кога се ќе биде официјално, мојот нов клуб ќе ја официјализира нашата соработка. Но ветувам дека македонската јавност навремено ќе знае каков е мојот избор„ ни рече Лазаров од Шпанија каде уште оваа недела е во тренажен процес со Атлетико Мадрид. Вечерва целата екипа ќе има свечена вечера која е традиционална за крајот на сезоната, а професионалците под палката на Талант Душебаев ќе тренираат до 30 мај.