hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

Осми ASOBAL Куп за Барселона

 

fc barcelona rakomet

Атлетико Мадрид - Барселона 24:32 (13:13)

Со помали или поголеми проблеми старите ривали пак се соочија во меч за титула, исто како и во финалето на Кралскиот Куп и ASOBAL Суперкупот оваа година. Душебаев знаеше дека неговите ракометари ќе бидат силно мотивирани за реванш на поразите во Мадрид во септември во Суперкупот и пред две недели во првенствениот меч.

Овој пат на неутрален терен во Виго, каталонците мораа без Јернемир, а повредени кај Атлетико се Омбрадос и Ферер. Душебаев „контурите„ на играта му ги довери на Ивано Балиќ, кој не одигра ни минута во полуфиналето, а Даниел Шариќ застана на голот на Барса. И покрај првиот гол за каталонците, играта во одбрана на Атлетико беше главната новина во споредба со претходните мечеви. Агинагалде ги користеше асистенциите на хрватот, а Лазаров погоди од игра и од седмерец. Екипата од главниот град максимално го искористи исклучувањето на данецот Нодесбо и зголеми на 5:1 до првиот тајм-аут на Пасквал во 8 минута. Иако многу грешеа ракометарите на Барселона преку Сармиенто и неговите два гола се „разбудија„ до 6:3 во 15 минута. И кога првакот најави враќање во мечот, Лазаров го најде Гарсија Парондо, кој од мртов агол погоди за 7:5. Но видливо беше дека комбинаторната игра на Барселона полека го наоѓаше патот до мрежата на норвежанецот Дал. Јуркиевич и Маркусен за Атлетико, а Монторо и Сармиенто за Барса брзо погодуваа во зачетокот на акциите за 9:6 во 19 минута. Долго време им требаше на најдобрите играчи на Хавиер Пасквал од последното „класико„ Раул Ентрериос и Шареј Рутенка да влезат во ритам. Кога Виктор Томас спектакуларно од позиција на централен бек погоди низ зоната, резултатот веќе беше 9:8, а по серијата на технички грешки и Раул Ентрериос се запиша меѓу стрелците. Минаа 20 минути, а пак беше нерешено - 9:9. На пет минути до одморот во ритам влезе Николај Маркусен и на два пати ја проби одбраната на се уште оваа сезона непоразената Барселона. По второто исклучување на Нодесбо, вториот гол на Гарсија Парондо донесе 12:10 и тајм-аут на Талант. Но по таа минута одмор, Атлетико не реализира четири напади, па и со човек помалку (исклучен словакот Страновски) Барселона фати приклучок преку Хуанин Гарсија (12:12). Во последната минута пивотмените Агинагалде и Нодесбо (5 гол) погодија за реми на одмор 13:13. И покрај добриот старт, Атлетико на полувреме отиде без предност, но прими многу помалку голови од претходните две средби со Барса оваа сезона.

И второто полувреме подобро го почнаа ракометарите на второпласираната екипа на табелата. Но на голот на Агинагалде, дојде првото исклучување за Атлетико Мадрид за Ксавиер Бараше. Така Барса брзо преку капитенот Виктор Томас со два гола го искористи вишокот и во 35 минута поведе со 14:15. Нервозата ги зафати ракометарите на Душебаев и по наивните грешки на Маркусен, младиот Монторо и Гарсија од контра, за прв пат донеса +3 за Барселона. За кратко време Атлетико ја загуби структурата пред се во нападот и техничките грешки искусниот противник знаеше да ги казни. Раул Ентрериос од чекор ја комплетираше серијата 1:5 за Барселона и Шабановиќ го замени Дал (14:18). Но Атлетико веќе влезе во „машината„ на фаворитот и по првиот гол на Сорондо, Душебаев побара тајм-аут при +5 за противникот. По продолжувањето на мечот Шариќ и Шабановиќ спектакуларно одбранија зицер, а Бараше со својот втор гол ја прекина серијата од 9 минути без постигнат гол за Атлетико Мадрид. Босанецот Шабановиќ одбрани две топки, па од едноставни акции Калман и Гарсија Парондо се доближија до 18:21. Но Раул Ентрериос со два последователни гола го врати спокојот за каталонците (19:23). Во 47 минута незадоволен од судењето тренерот на Атлетико Мадрид Душебаве заработи исклучување, а потоа и црвен картон. Тоа беше дефинитивниот удар за Атлетико, откако Гурбиндо и Виран Морос ги постигнаа своите првенци за највисоки 19:25. Душебаев и неговиот помошник како да го заборавија Лазаров на клупата, заради постојаната тенденција да ја дели минутажата со французинот Бараше. Последните 7-8 минути беа само формалност, па голови се редеа на двете страни. Гурбиндо, Аруњо и Рокас ја заокружија победата на Барселона, која на крајот беше дури и убедлива (24:32). Во победничката екипа преовладеа колективот, а за издвојување е Нодесбо со 7 гола од 8 обиди.Кај поразената екипа преодна оценка за Хулен Агинагалде кој постигна 5 гола. Кирил Лазаров даде 2 гола и двата натпревари во Виго ги заврши со 8 гола и 4 асистенции за неполни 70 минути игра.

Моќната колективна игра, долгата клупа (вечерва ни минута не доби Штербик) и огромната самодоверба на Барселона му го донесоа вториот трофеј во сезоната по ASOBAL Суперкупот, сега и 8 ASOBAL Куп во својата историја. Така иако не се случува секоја година, екипата која го освои ASOBAL Купот во Леон минатата година, триумфираше и во Виго оваа година. Барселона полусезоната ја завршува со 27 победи на исто толку средби и е главен кандидат и за останатите три титули во сезоната наредната пролет. Атлетико Мадрид само едно полувреме беше рамноправен, потоа пред се Маркусен направи детски грешки, екипата стана нервозна и поразот не можеше да се избегне. Трет пат оваа сезона Барса го добива ракометното „класико„. За Лазаров и другарите следуваат репрезентативните обврски, а во црвено-белиот дрес првиот меч во 2013 година е против Натурхоус Ла Риоха на гости во фебруари.

You need to a flashplayer enabled browser to view this YouTube video

 

Share