hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

Ново финале за Лазаров и Атлетико Мадрид

 

talant i lazarov copy

Натурхаус Ла Роха - Атлетико Мадрид 30:34 (15:15)

„Шлагот на тортата„ за напорната 2012 година за Атлетико Мадрид и за нашиот Кирил Лазаров е завршниот турнир на ASOBAL купот, кој оваа година се одржува во „Ас Травесас„ арената во Виго. Денешното полуфинале со Натурхаус од Логроњес, Талант Душебаев го најави како многу тешко соочување, во кое противникот нема што да загуби.Тренерот на мадридската екипа се одлучи да го остави хрватот Јаков Гојун во напад, а Лазаров и Бареше се менуваа во напад - одбрана со македонецот во напад и французинот во одбрана.

Натурхаус подобро го отвори мечот и Чурувија и Фуентес поведоа со 2:0. Атлетико имаше проблеми со пивотменот на противникот Фуентес и со серијата на неизнудени грешки, кои диктираа скоро па постојано минимално водство на една од двете екипи и дури 8 израмнувања до одморот. Канељас и Лазаров од контранапад израмнија на 3:3. Со два „проектила„ на Гојун, светскиот првак се одлепи на +2 (4:6). Лазаров со скок шут со својот втор гол донесе 5:7, пред Тиуменцев со два гола да израмни. На средината од првиот дел Николај Маркусен влезе на местото на Гојун, а првите минути во мечот ги добија и Калман и Гарсија Парондо. Пак Лазаров од седмерец и Јуркиевич донесоа нова мини серија на екипата на Душебаев. Но од 20 до 25 минута следеше голем негативен период на грешки во деконцентрација на ракометарите на Атлетико Мадрид и кубанецот Паван ја направи највисоката предност во првиот дел (14:11) Но брзо се вратија фаворитите од главниот град и Лазаров и Роберто се доближија и со човек повеќе Маркусен на 14 секунди до одморот израмни на 15:15.

Во вториот дел Душебаев ја продолжи постојаната ротација на ракометарите. Маркусен и Бараше играа на бековските позиции, а сега Агинагалде застана на линијата како кружен напаѓач. Токму кружниот напаѓач на црвено-белите со 3 гола во 10 минути од вториот дел ја зацврсти минималната предност. Но Чурувија со својот втор и Паван со петтиот гол пак донесоа егал (19:19). Но во играта со човек повеќе фаворитот пак побегна. Маркусен и Агинагалде за прв пат на Атлетико му донесоа +3 во 43 минута. Душебаев посебно внимание им посвети на Миндехија и Паван и во интервал од три и пол минути Мартинез четири пати ја вадеше топката од својата мрежа. Мариус Јуеркиевич со соло продор зголеми на 21:25 на половина од вториот дел. Но кога се чинеше дека една од двете екипи ќе се одлепи, Гојун и Калман заработија исклучувања и Миндехија со уште два гола го доближи Натурхаус до 24:25. Главниот адут на мадриѓаните беше играта преку Агинагалде, кој во вториот дел брзо нанижа пет гола од пет обиди (25:27). Лазаров во игра се врати во 49 минута, а Паван и Тиуменцев со два неодговорени гола ги донесоа „зелените„ со 27:27. Следеше најава за драма во последните 10 минути. Маркусен и Миндехија скоро, па идентично погодија за 28:28. Канељас со удар низ зоната го врати водството на мадриѓаните. Кога најмногу требаше Лазаров се дигна и од негова позиција погоди за +2, принудувајќи го на тајм-аут тренерот Хота Гонзалез. Но Атлетико остана со човек помалку и „зелените„ имаа два напади за израмнување. Но кога најмногу требаше проработи одбраната на актуелниот Куп победник и Маркусен од контра со својот петти гол зголеми на 29:31 и Атлетико имаше човек повеќе. Искуството на фаворитот го приведе мечот кон крај и кога Лазаров од одпадок зголеми на +3, а Јуркиевич на празен гол донесе 29:33 на влез во последната минута. По 57 минути израмнета игра, искуството и подолгата клупа на Атлетико му донесе победа и финале во ASOBAL купот (30:34). Ивано Балиќ воопшто не доби шанса, а сите останати ја делеа минутажата и скоро со подеднакви минути во нозете го чекаат утрешното финале.

Во екипата на Атлетико Мадрид Кирил Лазаров постигна 6 гола, а имаше и 2 асистенции во нешто преку 35 минути игра. Јоан Канељас исто така имаше 6 гола, а Маркусен и Агинагалде погодија по пет пати. Кај Натурхаус Ла Риоха, Миндехија постигна 9 гола како и Тиуменцев, а Паван застана на 7. Тројцата им создадоа многу грижи на одбраната на Атлетико и на голманите Дал и Шабановиќ. За разлика од минатата сезона, кога загубија во полуфиналето, ракометарите на Атлетико сега обезбедија место во завршниот натпревар и ќе се борат за уште една титула во 2012 година. Ова е петто финале во годината која изминува за тимот на Лазаров. До сега Атлетико Мадрид има две победи и два порази во 2012 во мечевите кои носат титула.

Во второто полуфинале Барселона го совлада Адемар Леон со 34:25 (14:12) и утре повторно старите ривали ќе се соочат за титулата во ASOBAL купот.


You need to a flashplayer enabled browser to view this YouTube video

Share