hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

Победа за оптимизам пред ASOBAL купот

 

kire 17 12 2012

Атлетико Мадрид - Ваљадолид 32:28 (17:14)

Последната првенствена средба во 2012 за Атлетико Мадрид беше еден вид тест пред ASOBAL Купот во Виго наредниот викенд. Против некогаш моќниот Ваљадолид, кој сега се бори за опстанок во елитата, бодовите беа однапред впишани. Нашиот Лазаров одлично го започна мечот и беше автор на првите два гола за Атлетико Мадрид. Но Ваљадолид како посебно да се мотивираше за овој натпревар и со удари од дистанца, главно преку Елерт се одлепи (3:6). Ивано Балиќ по серијата критики и неповикувањето на наредното Светско првенство постигна два гола во негов стил и Атлетико фати приклучок (6:7). Кога од контранапад Мариус Јуркиевич погоди за 7:7, јасно беше дека домашната екипа влезе во ритам и нема да дозволи сензација. На истекот од 15 минута уште една генијалност на Балиќ ја комплетираше серијата од 4:0 за домашната екипа, за прво водство за тимот на Душебаев. Кирил Лазаров во свој стил погоди по трет пат во мечот за 9:8, а потоа додаде за Ромеро за највисоки +3 за Атлетико Мадрид. Гостинскиот тренер Пастор побара тајм-аут во 19 минута, да ги „разбуди„ своите кои примија 7, а постигнаа само 3 гола по интервал од 8 минути. По таа минута одмор Порас и Виктор Алонсо од седмерец го вратија Ваљадолид во мечот (12:10). Со нов „проектил„ Лазаров потврди дека е расположен и зголеми на 13:10. Тандемот Лазаров - Ромеро постигна уште по еден гол за 15:12 во 27 минута. Офанзивниот фестивал Атлетико го заврши со уште една „магија„ на Балиќ и шестиот гол за 30 минути на Лазаров. 17:14 на одмор и лансиран пат кон уште една победа во „Висталегре„.

 Второто полувреме започна со четири неодговорени голови на крилото Масач за највисоки 20:14. Мегиас и Кривокапиќ со ефектни голови намалија, пред Лазаров со седмиот гол да се врати во голгетерски ритам. Следуваа два гола на Јаков Гојун, па Виктор Алонсо ја продолжи серијата на успешни седмерци за 23:18. Со осмиот гол на Лазаров од чекор и петтиот на Балиќ во негов стил, се разбудија нешто повеќе опд 2800 гледачи во „Висталегре„. Душебаев им даде шанса на оние кои играат помалку, бидејќи во последните 10 минути победникот на мечот беше јасен. Елерт тоа го искористи и постигна три гола за Ваљадолид (вкупно 8 во мечот). И секогаш кога гостите ќе се доближеа следуваше реакција на фаворитот. Овој пат Јоан Канељас со два гола од 10 метри го врати спокојот (28:21). Без многу притисок, црвено белите го приведоа мечот кон крај до сигурна победа. Нашиот Кирил Лазаров со 8 гола и 2 асистенции беше прво име на средбата. Одличен меч одиграа и хрватите Балиќ (5гола) и Гојун (4 гола), а кај Ваљадолид кој се претстави во одлично издание Елерт со 8 гола остави извореден впечаток. Атлетико Мадрид презимува со три бода доцнење зад непоразената Барселона и веќе почнува да го подготвува својот последен турнир во 2012 - ASOBAL купот во Виго наредниот викенд.

Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:

You need to a flashplayer enabled browser to view this YouTube video

 

Share