hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

Јиха со 13 гола го порази Атлетико Мадрид

jiha

Кил - Атлетико Мадрид 31:27 (15:15)

Со резултатите во претходните шест кола, дуелот на европскиот првак и вицепрвак во Германија немаше таков значај како што се очекуваше. Атлетико Мадрид не можеше подалеку од третото место, па тренерот Талант Душебаев ги остави во Шпанија оние кои играа најмногу до сега во сезоната. Без Лазаров, Агинагалде, Калман и пак без Балиќ и без Шабановиќ кој нема право за настап, илузорно беше да се очекува подвиг. А и германците, иако без Палмарсон и Омејер беа се уште лути и мотивирани од поразот во Доха за IHF Супер глоб.

И додега навивачите се подготвуваа за средбите со Академија Октавио во вторник и со Барса наредната недела, во „Шпаркасе арената„ како и и обично немаше празно место. Од почетокот можеше да се наговести дека тоа ќе биде меч со атомски ракомет, без многу интервенции на голманите и со молскавично брза транзиција која ја наметнуваат германците. Тоа беше дуел на Јиха и Маркусен, кои од стартот најавија дека се расположени за игра. Дејвис и Ромеро со два гола во првите 70 секунди, добро го отворија мечот за шпанците. Маркусен влезе во ритам и со три „бомби„ го принуди исланѓанецот Гисласон на тајм-аут уште во 12 минута (3:6). Кога се вратија на паркетот, германците како да се препородија. Јиха постигна два гола од инвидуални акции кои траат 3-4 секунди, а Екберг и Алм го комплетираа пресвртот за 7:6 во 18 минута. Централната фаза од првиот дел мина во игра гол за гол. Најчесто Маркусен го одржуваше Атлетико Мадрид со 5 гола во првиот дел, а кај европскиот првак, на чехот Јиха му се придодаде и Вујин со три гола во завршницата. Таквата бркотница на теренот донесе 11 технички грешки во првиот дел и 12 одбрани на двајцата голмани Паличка и Дал, кои имаа многу тешка задача по наметнатиот стил на игра. Во последните 3 минути од првиот дел, Масач и Мигел Санчез два пати израмнуваа, а кога на голот на Екберг, со својот првенец одговори французинот Бараше, јасно беше дека најреално е овие 30 минути да завршат нерешено (15:15).

Вториот дел започна со нов гол на Маркусен, но кога Цајс погоди од чекор и Клајн од линијата од 6 метри на додавање на Нарцис, германскиот и европскиот првак се врати во водство (18:17). По седмиот гол и на Јиха и на Маркусен, ситуација од егал ја извади Шпренгер со гол од контранапад за 22:21 во 45 минута. Но Атлетико Мадрид посебно се мотивираше за гостувањето во Кил и во само две минути направи серија 3:0. Со головите на Бареше, Јуркиевич и Дејвис, гостите поведоа со 22:24. Но во најосетливата фаза од мечот Атлетико Мадрид два пати остана со по човек помалку и Киел се врати во мечот. Кога Цајс реализираше контра во 50 минута, европскиот првак пак дојде до водство (26:25). И по тајм-аутот на Талант Душебаев, лесно продадена топка од шпанците и 10 гол на Филип Јиха за нов минималец за Кил (27:26). Во 52 минута Алваро Ферер незгодно ја нагази топката и настрада неговиот скочен зглоб, што е нова грижа за Душебаев пред важната недела која следи. Мадриѓаните не реализираа две контри, еднаш Паличка му одбрани зицер на Масач, а еднаш Дал лошо фрли контра. Така Кил со 28:26 влезе во последните 4 минути и со голема психолошка предност за нова победа. Нивото на играта на шпанците опадна, Јиха постигна гол за +3, а Паличка како мечот одминуваше се повеќе „личеше„ на Омејер. Чехот Јиха и Шпренгер со лесни голови од контри го направија триумфот на германците поубедлив и за еден гол скоро идентичен како во Мадрид (31:27).

Филип Јиха со 13 гола беше прво име на средбата и уште еднаш покажа дека е „терминатор„ во европскиот ракомет. Кај Атлетико Мадрид Маркусен со 8 гола беше убедливо прво име, иако и Канељас и голманот Дал имаа добар настап. По овој меч Кил сигурно ќе биде втор во групата зад Веспрем, а Атлетико Мадрид на Кирил Лазаров ќе ги лека пролетните натпревари и ждрепката за осминафиналето на третата позиција. Веќе во вторник нов предизвик е елиминациониот меч од Купот на кралот во Виго против Академија Октавио.

Комплетниот извештај од натпреварот погледнете го ТУКА:

Share