hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

Кире и Борко ни ја донесоа втората фаза

kire-AUT-naslovna

Европско првенство - А група (3 коло)

Македонија - Австрија 22:21 (12:10)

Со Никола Марковски во официјалниот протокот на местото на повредениот Стојчески, Македонија со ведрина го дочека соочувањето со Австрија на исландскиот селектор Патрекур Јоханесон. Нашиот голман Борко Ристовски одлично го отвори мечот, со две интервенции на австриските ракометари. Уште во третата минута австријците отидоа два пати прегрубо и заработија две исклучувања за Колар и Вагесрајтер.

На голот на Манасков, нашиот противник возврати со активен напад со двајца ракометари помалку и израмнувачки гол на Максимилијан Херман. Ангеловски и Лазаров од седум метри, на истекот на петтата минута ни носат 3:1. Борко се разбрани (4 одбрани во 5 минути) и капитенот со втор реализиран седмерец го принуди австрискиот стручен штаб на тајм-аут при 4:1 во 8 минута. Австријците возвратија со голот на пивотменот Фелсер, по исклучувањето на Бранко Ангеловски. Мариновиќ го прочита лобот по контрата на Георгиевски, но Ристовски одговори со парада по ударот на Шлингер. По скоро пет минути без гол, Пецаковски на додавање на Лазаров погоди за 5:3. Двајцата голмани блескаа, а нашиот во 12-13 минути ги собра тие шест интервенции кои ги имаше во текот на целиот меч со Чешка. Маркус Колар од транзиција на почетокот на 18 минути израмни на 5:5. Но Ангеловски го виде придодавањето на Георгиевски како втор кружен напаѓач и Македонија пак поведе (6:5). Со својот прв гол од игра Кирил Лазаров го врати нашето водство во 21 минута, па Стоилов од линијата и Георгиевски од контра прават мини-серија од 3:0, за 9:6 и втор тајм-аут на Јоханесон. По исклучувањето на Роланд Шлингер, нашата реализација ја подобрија Ангеловски со вториот гол и Манасков, кој по убава акција зголеми на 11:8 во 26 минута. Мечот влезе во инерција со 2-3 гола наша предност и целосна контрола. Лазаров со ефектен гол на 90 секунди до одморот зголеми на +3, но Фелсер пак од линијата ја потврди најсилната алка во играта на Австрија во првиот дел. Со 12:10 за нашиот тим се отиде на одмор, со позитивни вибрации кај нашите навивачи.

Како и во првиот дел, нашиот голман Борко Ристовски со две фантастични интервенции го отвори и вториот дел, а Ангеловски со третиот гол зголеми на 13:10. На голот од контра на Вебер, со својот првенец возврати Филип Миркуловски (14:11). Исклучувањето на Манасков не чинеше два примени гола и Вебер и Шлингер намалија на 14:13. Најнегативниот период во нашата игра го искористи Сантос кој од техничка грешка, побегна во контра и погоди за прв пат во мечот за 14:14. Но нашата реакција беа головите на Стоилов и Лазаров и во 43 минута, пак поведовме со +2. Но црвените имаа своја реакција и пак набрзина израмнија. Шлингер од тешка позиција и Конрад Вилчински со четврт реализиран седмерец враќаат егал (16:16). Но при наше минимално водство најнапред Миркуловски, па Лазаров беа исклучени и Вилчински од седум метри израмни (17:17). Шлингер во 48 минута со својот четврт гол, за прв пат ја доведе Австрија во водство (17:18). Манасков не реализира зицер, па потоа и седмерец, а Мариновиќ дојде до 20 обрана по ударот на Ангеловски. Обрван побара минута одмор на -1, на нешто помалку од 10 минути од крајот.

RADOST-BRANCE-AUT

Стана загрижувачки кога Манасков беше исклучен заради игра со нога, а Вилчински погоди од казнен удар за 17:19. Миркуловски изнуди седум метри и исклучување на Сантос, па Лазаров го прекина деветминутниот пост без постигнат гол (18:19). Австријците со човек помалку ни изведоа минијатура и Вилчински погоди за 18:20. Точно на пет минути до крајот Стојанче Стоилов намали на 19:20, на додавање на капитенот. Борко со 18 интервенција не остави во живот, а Стоилов од линијата израмни на 20:20. Точно на три минути до крајот нашиот голман пак не одржа со интервенција со нога, а Миркуловски најнапред изнуди исклучување на Колар, па седмерец на 104 секунди до крајот. Кирил Лазаров о седмиот гол ни го врати водството со серија 4:1 и Јоханесон на 95 секунди до крајот побара минута одмор. Шлингер на 65 секунди до крајот на мечот израмни и тоа во моменти кога Австрија имаше човек помалку (21:21). Со осмиот гол на Лазаров на 20 секунди до крајот, ни се насмевна победата, а Борко Ристовски со звукот на сирената го одбрани ударот на Вебер за историска победа (22:21). Македонија не зависи од резултатот на мечот Данска - Чешка, но ќе навиваме за данците за да пренесеме два бода. Целта е остварена, втората фаза по втор пат во историјата на европските првенства е обезбедена. Сето останато понатаму е бонус...

Share