Лазаров: Имаме големо срце, ова е еден од моите посреќни денови во кариерата!
Селекторот Кирил Лазаров беше пресреќен по победата над Фарски острови и пласманот на ново Светско првенство. Лазаров беше под голем притисок, но покажа дека знае и како тренер да се носи со притисокот и да го извлече најдоброто од ракометарите кога е најпотребно.
„Благодарам на сите кои веруваа дека овие момци може да направат пресврт и подвиг. Благодарам на публиката која дојде да не бодри и покрај лошиот резултат од првиот меч. Уште пред двомечот велев дека Фарски острови е сериозна селекција. Некои иронично ги сфаќаа тие мои изјави и велеа дека се алиби во случај да не се пласираме на СП. . Може да бидам слаб, може да изгубам, но ќе останам на нозе, ќе издржам и ќе продолжам. Никогаш не сум бил алиби човек ниту алиби играч и нема да бидам ниту алиби тренер. Благодарам на играчите кои веруваа кои се вратија и покрај еден лош резултат во првиот меч. Нашиот менталитет е таков, додека не се сопнеме додека не паднеме не знаеме да цениме, како Македонци. Имаме лош менталитет, но имаме големо срце. Нема ништо да кажам на критичарите, ќе останам скромен. Ова е еден од посреќните денови во мојата кариера. Нова генерација, со нови момци од кои 90% играчи се дел од македонската лига", рече Лазаров веднаш по победата над Фарски Острови и пласманот на Македонија на Светското првенство.
Македонија на средбата во гости загуби со седум гола разлика, но таа негатива вечерва не беше проблем за македонските ракометари кои во својот табор ги имаа расположените Серафимов, Митев, Пешевски, Митревски...