Лазаров го пушти во употреба реконструираното игралиште во ОУ „Коле Канински“ во Битола
Вчера во Битола е пуштено во употреба реконструираното ракометно игралиште во основното училиште „Коле Канински". За реализација на игралиштето, Видеолотарија обезбеди донација во вредност од 3 284 819 денари (53.000 евра).
„Чест ми е и задоволство што имаме прилика заеднички како бренд амбасадор на државната видеолотарија на Македонија да донираме и да го одбереме токму градот Битола. Мислам дека Битола е спортски град, пред сѐ ракометен град и тоа го заслужува. Се надевам дека со оваа донација, со оваа инвестиција и понатаму ќе предизвикаме уште поголем интерес и Битола ќе има уште поквалитетен спорт и поквалитетен ракомет што ѝ го посакувам од срце затоа што тоа го заслужува", изјави ракометната легенда Кирил Лазаров, кој е бренд амбасадор на брендот „Видеолотарија Австрија".
Во своето обраќање на денешниот настан градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, нагласи дека овој проект е од особено значење за учениците, што е доста значајно за поттикнување на спортскиот дух кај младите генерации.
„Создавањето услови за развој на спортот и подобрувањето на спортската инфраструктура во општината се меѓу главните фактори кои треба да бидат поттик и можност за учениците да го развиваат својот спортски и натпреварувачки дух, истовремено јакнејќи ја дисциплината и одговорноста, да се изградат како здрави личности", изјави Коњановски.