hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

Започна операција „Шпанија 2013„

kire 20 12 2012

Селекторот на македонската ракометна репрезентација говореше за медиумите по пристигнувањето од Романија и на стартот на подготовките за Светското првенство во Шпанија. Пред првиот и единствен тренинг во Скопје пред заминувањето во Пореч (Хрватска), битолчанецот го објасни списокот од 20 имиња, кој го соопшти во саботата.

„Неминовно е да дојде до подмладување на репрезентацијата. Придонесот на Ангелов и на Алушовски за македонскиот ракомет досега воопшто не е спорен, но сега е време кога треба да се направи спој на искуство и на млади играчи, што ќе имаат успех и континуитет во работата. Нам ни треба свежа крв. На овој список се деветмина од младинското ЕП во Охрид. Јас работам како да ќе бидам селектор уште десет години, па дури и утре да бидам сменет. Досега немавме континуитет на настапи на големите натпреварувања, сега го добиваме тоа. Тој континуитет треба да продолжи, но не смее да се направи голема разлика помеѓу оваа генерација и следната генерација која ќе дојде. Знам дека ќе звучи чудно, но ова СП го гледам како прв чекор на патот кон ЛОИ во Бразил. Главна цел е да ја минеме првата фаза. Имаме добра група, позитивно е што почнуваме на првите две средби со реално послаби селекции, па ќе можеме да ја темпираме формата за подоцнежните натпревари" рече Шундовски.

Репрезентацијата заминува за Хрватска, а таму ќе им се приклучат Кирил Лазаров, Златко Даскалоски и Владимир Темелков, а по враќањето на селекцијата во Скопје, последен ќе се приклучи Борко Ристовски. Во Пореч нашата селекција ќе одигра пријателски меч со Саудиска Арабија, а до стартот на СП, избраниците на Шундовски ќе одиграат уште два контролни меча - на 4 и 5 јануари во Ниш со Србија, односно Египет.

Share