Лазаров за DIARIO AS: „Не ме интересира да бидам нај-стрелец, повеќе сакам да асистирам„
Во своето денешно издание, шпанскиот дневен спортски весник со огромен тираж DIARIO AS објави краток разговор со ракометарот на Барселона и на македонската репрезентација Кирил Лазаров, пред денешниот меч со нивната репрезентација. Лазаров говореше за овој натпревар, но и за шампионатот, за животот во Шпанија:
„Не само јас, цела македонска репрезентација може да биде опасност за Шпанија. Немаме многу големи шанси, но ќе излеземе и ќе дадеме се од себе. Шпанија е фаворит и во нормални услови ќе игра во полуфиналето. Австрија е репрезентација со толку голем дисконтинуитет што може да одигра секаков тип на натпревари. Мислам дека Шпанија не ја свати многу сериозно. Не ме интересира наградата за најдобар стрелец, неа веќе ја освоив. Сега повеќе ме интересира да им асистирам на соиграчите, бидејќи противниците знаат од каде доаѓа најголемата опасност.
Наша прва цел беше да се пласираме во наредната фаза и да се бориме за место на мундијалот во Катар. Со соиграчите од Барса се шегуваме на доручек, бидејќи сме во ист хотел со шпанците. Бидејќи иако Шпанија е посилна, ние нема да се предадеме. Предавање никогаш. Меѓу Мадрид и Барселона тешко е да се одлучам. Имав среќа да живеам во двата града. Сега сум во Барселона, таму има море, а во Мадрид нема. Но Мадрид е голем град. Во Шпанија никој не се грижи за никого, нема голем притисок и секогаш можеш работите да ги завршиш утре. Овој позитивизам е важен за секого, за да се подобри, за да ужива во животот„ заклучи Лазаров во разговорот со новинарот на DIARIO AS, Енрике Охеда.