Магично второ полувреме на Полска и голема „коцкеста„ победа
Два фантастични натпревари ја одбележаа првата половина од денешната програма, која ги затвора прелиминарните групи на европското првенство. Подмладената Полска на Михаел Биглер се надмина себе си и со серија од 10:2 на почетокот на второто полувреме од - 4, се доведе во ситуација комотно да го приведе мечот со Русија кон крај.А момците на Олег Кулешов одиграа перфектно прво полувреме. 40 годишниот Левшов бранеше фантастично, а Атман разигруваше и погодуваше во ист момент.
При 14:9, во последните секунди од првиот дел, Русија прими гол од Јашка и од тој момент почна „колата низ брдо„ Јуркиевич погоди на стартот на вториот дел, па Бартош Јурецки, а младиот Чкраповски со три врзани гола во 43 минута на Полска им донесе 20:16. Од тој момент на крилата на повеќе бројните полски навивачи, момците на Биглер калкулираа со 3,4 гола предност и со таа дистанца, која им одговараше го завршија мечот со победа. Финалните 24:22 ја носат Полска во втората фаза, а Русија ќе мора да навива за Франција во последниот меч со Србија. Шмал со 21 интервенција беше играч на натпреварот, по 4 гола постигнаа Лучак и Лијевски. Кај Русија Атман со 6 гола и Левшин со 14 интервенции најпозитивни. Во истовреме во Бронди арената крај Копенхаген, Хрватска издвојува голема победа над Шведска со 25:24 и пренесува максимални 4 бода во наредната фаза.
Момците на Штафан Олсон и Ола Линдгрен подобро го отворија мечот и поведоа со 6:3, но од 21 минута „коцкестите„ израмнија и водени од Домагој Дувњак почнаа многу комотно да се чувствуваат на теренот. Алиловиќ мака мачеше да фати ритам, но одбраната на Хрватска полека се консолидираше. Посебно атрактивно играа крилата Хорват, Чупиќ и Штрлек и ја направија разликата заради која Хрватска на одмор замина со 10:9. На почетокот на вториот дел Бунтиќ ја „подигна летвичката„ до +3, а искусна репрезентација како таа на Голужа знаеше како тоа водство да го сочува до крај (25:24) „Трите круни„ и покрај заканите, го немаа Екдал Ду Риц како од претходните мечеви и не можеа ниту до бод. Кај Хрватска Дувњак со 6 гола беше прво име на средбата, а толку голови крај своето име запиша и Денис Бунтиќ. Кај Шведска Сјостранд имаше 14 одбрани, а најефикасни беа Лукас Карлсон со 5 и Никлас Закрисон со 4 гола.