ВИДЕО: Н. Мојсоски: „Оваа репрезентација ја краси другарство и заедништво„
Во пресрет на европското првенство, за прв пат на официјален начин, повредениот Наумче Мојсоски проговори за јавноста. И тој и неговиот клубски и репрезентативен другар, Филип Миркуловски веруваат дека оваа генерација на ракометари ќе го продолжи тоа што со години го прави на светската сцена - машки и храбро ја репрезентира татковината:
„Прв пат се наоѓам во една ваква лоша ситуација да не можам да им помогнам на моите репрезентативни колеги. Верувам во нив, знам дека може да продолжи овој континуитет што го имавме во изминатите години, кога не красеше другарство и заедништво. Оваа репрезентација може без секого, гледам како овие момци прераснуваат во големи играчи, заслужуваат да се дел од врвниот европски ракомет. Оваа репрезентација отсекогаш била на првото место во колективните спортови, очекувам да продолжиме во ист стил и во Данска" изјави Наумче Мојсоски „Основна цел и задача треба да ни биде да бидеме што поборбени и помотивирани, бидејќи само на таков начин можеме да го надополниме отсуството на Мојсо и на Филип. Пласманот во втората фаза би бил голем успех, бидејќи би ни ги зголемил шансите за учество на СП во Катар во следната година. Се надевам дека овојпат среќата ќе биде на нашата страна, но среќата мора да се заслужи. Добро е што на нас се гледа на аутсајдер, ние знаеме како да одиграме кога сме во ваква улога, верувам дека ќе не фати оној македонски инает што ќе не крене дополнително кога ќе биде најдобро" истакна Миркуловски.