Лазаров номиниран за место во идеалниот тим на сезоната во ЛШ
Капитенот и селектор на македонската ракометна репрезентација, десниот бек на француски Нант, Кирил Лазаров, влезе во поширокиот избор на Европската ракометна федерација (ЕХФ) за олстар-тимот на сезоната во Лигата на шампионите (ЛШ). На секоја позиција ЕХФ номинира по шест ракометари, а ќе може да се гласа само за еден.
Ривали на Лазаров на десната бековска позиција се; Даниел Душебаев од Келце, Харалд Рајнкинд од Кил, Недим Ремили од ПСЖ, Дика Мем од Барселона и Омар Јахија од Веспрем. Репрезентативниот голман и член на португалски Порто, Никола Митревски, и левото крило на македонската репрезентација и унгарскиот првак Веспрем, Дејан Манасков исто така се дел од изборот. Конкуренти на голманот Митревски се: Никлас Ландин од Кил, Емил Нилсен од Нант, Кевин Мелер од Барселона, Бенџамин Буриќ од Флензбург и Владимир Цупара од Веспрем.
На левата крилна позиција, покрај Манасков, се уште Магнус Ландин од Кил, Хампус Ване од Флеснбург, Валеро Ривера од Нант, Тимур Дибиров од Вардар и Себастијан Бартолд од Алборг.
Гласањето ќе биде отворено до 10 јуни, а олстар-тимот ќе биде објавен за време на завршниот фајналфор-турнир во Келн, на 12 и 13 јуни.