hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

Лазаров: Ми годи што луѓето ја ценат мојата професионалност, малкумина знаат што се жртвував

lazarov intervju 2

Омилен меѓу соиграчите, а омразен од голманите, елегантниот Кирил Лазаров е ефективен ракометар како никој друг. Вака ја почнува приказната за нашиот репрезентативен капитен шпанскиот медиум „balonmanoveteranos".

Шпанските медиуми го апострофираат Лазаров како голем професионалец и спортист и среќни се што скоро една деценија уживаа во неговите мајстории. Во интервјуто Лазаров зборува за Сиудад и Барса, за преминот во Франција, македонската репрезентација и плановите по завршувањето на кариерата.

Интервјуто ви го пренесуваме во целост:

Малку ракометари ја имаат таа леснотија и елеганција да постигнуваат голови од голема далечина. Која е тајната на твојот успех?

Да, познат сум по моите голови од голема далечина и по мојот стил. Вистината е дека започнав како крило, но извишив и заради растот се префрлив на десен бек. Со тоа што не сум превисок морам да барам поинакви решенија да го надмудрам блокот и секако голманот кој чека зад него. Трошам многу часови и часови размислувајќи како да ја сместам топката во мрежата. Но, како што јас анализирам и напредувам, истото го прават и одбраните и голманите. Треба да се биде стрплив, да се има верба во самиот себе.

Како и на секој Балканец победничкиот менталитет е твоја лична карта. Го имате ли тоа во вашата ДНК или се учи од мали нозе. Како го манифестирате овој карактер во приватниот живот?

Се шегуваме меѓусебе дека екипа која нема ниту еден Балканец, нема да освои ништо. Имаме врела крв и тоа го манифестираме на теренот. Секогаш сакаме да победиме, па и кога играме на тренинг. Можеби тоа го имаме од мали нозе, со оглед на тоа што имавме тешко детство, со војната измеѓу и лоши моменти. Тоа те прави посилен и го имаш ова искуство за да преживееш.

Сите твои поранешни соиграчи со кои зборувавме велат дека си супер-професионалец и човек кој максимално се негува. Човек така се раѓа или е заслуга на некого посебно?

Да, точно е. Многу сум професионален, посебно по 30-тата година. Го сакам ракометот и сакам што е можно подолго да играм и тоа во екипи кои нешто значат. Многу жртвува за да ја остварам оваа цел и за тоа сум многу задоволен и горд. Мислам дека може да биде добар пример како може нешто да се постигне. Морам да признаам дека ми се годи што има луѓе кои тоа го ценат, бидејќи малку луѓе ги знаат моите жртви сите овие години.

lazarov intervju

За да се биде голгетер на ова ниво треба напорно да се тренира. Каков вид на тренинг користиш за таа лева рака да поседува така силен и прецизен шут?

Треба напорно да тренираш, посебно напорно кога си помлад. Мислам дека си го познавам добро моето тело и знам како функционира и тоа ми помага да бидам подготвен за тренинг секој ден. Некогаш чувствувам дека ми недостига посилен тренинг за да влезам во форма. Но, има и моменти кога го чувствувам моето тело дека е заморено и барам одмор од моите тренери, за пак да рекуперирам и да бидам од помош за екипата. Многу е важно да си го познаваш телото и со текот на годините да стане рутина и многу да ти помага.

Играше во Македонија, Хрватска и Унгарија пред да дојдеш во Шпанија. Како дојде до твојот трансфер во Сиудад Реал, што ти се допадна од проектот и дали знаеше многу за градот пред да дојдеш?

Неколку пати ја менував земјата, но играв во земји кои ракометни нешто значат. Одлуката да преминам во Шпанија за мене беше перфектна, бидејќи ме прероди како ракометар и како личност. Во тоа време Сиудад Реал беше една од најдобрите екипи, освојувајќи важни титули секоја година. Ме повика Талант Душебаев и немав дилеми дали да прифатам да дојдам во Сиудад Реал. Се чувствував многу добро работејќи со Талант и Раул во Сиудад Реал. Мислам дека тоа беше една од моите најдобри одлуки во кариерата.

По една сезона во Сиудад Реал, го носеше дресот на Атлетико Мадрид. Какви сеќавања имаш од тренинзите и натпреварите во Сиудад Реал и потоа во Мадрид?

Требаше да го смениме името на клубот и местото каде што ќе играме за да продолжиме да се натпреваруваме. Но, сепак се работеше за истиот клуб. Една година живеевме во Сиудад Реал и игравме во Мадрид. Тоа беше најтешката сезона во мојата кариера. И кога игравме на домашен терен, требаше да патуваме и тоа цела сезона.

intervjulazarobvv

Претпоставувам дека твоите најлоши сеќавања се двата порази во финалните натпревари на Лигата на шампионите со Сиудад Реал и Атлетико Мадрид. Како ги доживеа тие моменти, како ги претрпе поразите соблекувалната и дали извлековте поуки од нив?

Да се стигне во две финалиња на Лигата на шампионите не е лесно. И тоа две финалиња по ред. Малку недостигаше да победиме, а и немавме среќа со повредите. Барса и Кил беа подобри и заслужија да победат, но треба да се напомене дека Сиудад Реал не беше оној стариот. Веќе се чувствуваше економската криза и играчите започнаа да бараат солуции. Кога ќе загубиш едно финале, нормално е да си разочаран. И ако загубите две по ред, уште повеќе. Но, тоа не беше големиот проблем. Проблемот беше што клубот престана да постои и тоа многу брзо потоа. Со згаснувањето загуби многу европскиот ракомет, посебно шпанскиот.

Се појави големиот ривал Барселона, каде освои многу титули, вклучувајќи ја толку посакуваната Лига на шампионите. Што значеше за тебе овој трофеј? Успеа ли да се ослободиш од дополнителниот притисок од желбата да го подигнеш трофејот?

Сон од мали нозе ми беше да играм за Барселона. Сон кој ми се оствари, исто како и сонот да ја освојам Лигата на шампионите со мојата омилена екипа. Чувствував голем притисок за да го освојам овој трофеј, но на крај успеав. Живеев многу години за таа цел, така да кога го освоив трофејот, тоа значеше посебна радост за мене.

Мина четири сезони во Барселона. Што го прави овој клуб посебен во споредба со другите клубови? Што би издвоил?

Мислам дека Барселона и Кил се двата најголеми клубови во светот на ракометот. Барса има предност, бидејќи освои повеќе европски титули. Таму минав прекрасни четири години, под палката на Паски, кој многу го ценам, добро соработувавме и среќен сум што минав еден период од мојот живот таму. Дресот на Барса тежи многу и за да го носиш потребен е карактер и квалитет. Во спротивно, лесно и брзо ќе исчезнеш од таму. Никој не те притиска, но притисокот го чувствуваш во воздухот. Затоа Барса е повеќе од клуб...

Од 2017 година играш во францускиот Нант. Што те привлече од овој проект? Што ја прави француската лига привлечна и што и недостига да стане најсилна европска лига?

Француската лига е ново искуство во мојот живот. Секоја година лигата напредува и денес е натпреварување во кое е тешко да се игра. Никогаш не можеш да кажеш дека некој натпревар ќе го добиеш. Никогаш не се знае, па дури и кога играш со последниот на табелата. Лигата е многу тешка и многу физичка. Многу сум задоволен што го избрав Нант, клуб кој напредува и кој има големи амбиции за во иднина.

Во Франција ја делиш соблекувалната со Гурбиндо, Белегер и Алберто Ентрериос, кој денес е твој тренер. Што носат Шпанците во екипата – што носат за играта и за тебе лично?

Голема предност е да ги имаме сите тројца. Со сите бев соиграч во претходните клубови и ги познавам од претходно. Алберто го спроведува шпанскиот стил кој го познава и многу ми олеснува. Ќе видиме каква сезона ќе одиграме сезонава. Имаме многу желба и амбиции.

За еден Балканец посебна чест е да играш за својата земја и да бидеш еден од клучните репрезентативци на Македонија. Што претставува за тебе да играш за својата земја и што му недостига на македонскиот тим да се приклучи кон силите кои освојуваат медали?

Со гордост го носам дресот на Македонија многу години. Неколку пати бевме блиску да се бориме за медал, но не успеавме. Ракометот е спорт број еден во нашата земја и многу деца го сакаат. Еден ден ќе дојде првиот медал. Не треба да престанеме да работиме, со многу желба и квалитет, но пред се, не смееме да престанеме да веруваме во тоа. Секогаш треба да имаш високи амбиции за да стигнеш до нешто големо.

Никој не сака Лазаров да го напушти теренот, да престане да не забавува, но секоја етапа има почеток и крај. Имаш ли предвиден термин за пензија или тоа зависи од сензациите по секоја сезона и од желбата да продолжиш? Ќе останеш во ракометот кога ќе ја завршиш играчката кариера или ќе започнеш нова етапа подалеку од ракометот?

Тоа јасно го одлучив и ништо не ме загрижува. Знам дека мојата професионална кариера се ближи кон крај и знам дека ќе останам во ракометот. Од пред некое време се подготвувам за моментот кога ќе заврши мојата кариера како ракометар. Секогаш барав предизвици во мојата кариера и ме прави среќен да се обидам да ги остварам. Предизвик не ми е да седам во канцеларија. Имам голема желба да бидам тренер и полека се подготвувам за тоа.

Share