Пет гола на Лазаров, Нант со сигурна победа против Саран
Нант - Саран 31:29 (17:14)
Ракометарите на Нант ја запишаа петтата победа во францускиот ракометен шампионат, откако пред своите гледачи го совладаа тимот на Саран со 31:29 (17:14) во натпревар од 9. коло на францускиот шампионат. Овој меч беше прво соочување на Лазаров со неговиот поранешен соиграч од Атлетико Мадрид, Чема Родригез.
Нант одлично го почна натпреварот, а со тоа и нашиот Лазаров, кој постигна три гола во првото полувреме. Фалувеги и Клајн исто така погодуваа и домаќинот брзо поведе со +4. Следеше реакција на гостите од Саран, а Акевило и Чема Родригез до полувремето намалија на 17:14.
Вториот дел започна со голови на Белегер и Гурбиндо, но гостите не дозволуваа Нант да се одлепи и преку Гиљем и Акевило намалија на 20:18. Oтпорот на гостите беше скршен меѓу 45- 49 минута, кога Нант со неколку одбрани на Арно илесни голови се одлепи до 25:21. Потоа, носени од домашната публика, ракометарите на Нант го приведоа мечот кон крај, Лазаров погоди двапати за +4 и финална победа од 31:29.
Кирил Лазаров натпреварот го заврши со пет гола, а во таборот на Нант се истакна Белегер со 4 гола, а уште неколку ракометари запишаа по три гола. Кај поразениот Саран најефикасни беа Акевило со 7 и Аиман со 4 гола. В недела во рамките на Лигата на шампионите, екипата на Лазаров го пречекува ППД Загреб.