hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

КОЛУМНА: Кирил Лазаров: „Се појави надеж....„

1

Минатиот месец направивме кратко резиме и време е да работиме со многу енергија и ентузијазам во новата сезона за Мак-ракометот. По многубројните критики за работата со младите категории во минатите години и срамните резултати кои ги постигнувавме, еве конечно барем малку надеж за македонските навивачи, кога станува збор за нашата иднина. Станавме БАЛКАНСКИ МЛАДИНСКИ ПРВАЦИ!!! Да им честитаме на нашите ракометари и нивните тренери. Така се почнува, од младински категории, со победнички менталитет и само така да се продолжи, во ист стил. Иако објективно на балканското првенство недостигаа квалитетни Б репрезентација (колку што знам Молдавија не е на Балканот). Но сепак ќе остане запишано во историјата дека сме балкански прваци за 2012 - токму ние МАКЕДОНИЈА.

А и самите знаеме некогаш да си организираме Балканијада и да се прогласуваме победници на истите. Но, тоа не ми беше поентата. Треба да се биде внимателен и да не се залажуваме со тоа дека сме балкански шампиони, па кој вели дека не се работи со младите категории? Зошто ние сме мајстори да ги прекиниме или „завиткаме„ работите. Честитки за селекторот Аце Станковски - голем ракометар, со големо ракометно искуство, вреден, карактерен - БРАВО. Вреди да се споменат Зоран Петковски и Александар Јовиќ, кои исто така имаат големи заслуги во овој успех, како тренери на младинските екипи на Вардар и Металург. Честитки со обврска да ги повторуваат резултатите од ден на ден, се разбира доколку им бидат обезбедебни услови за да можат квалитетно да работат со овие категории.

2

Вардар направи респектабилен тим и се очекува да биде посилен од минатата година. Би било перфектно за македонскиот ракомет ако покрај Металург во Лигата на шампионите и Вардар биде дел од новоформираната Европска лига во групната фаза, со што би биле активни најмалку до април 2013 година. Тогаш би се комплетирал успехот на македонските екипи, а секако најголема придобивка од тоа би имала македонската репрезентација, со оглед на тоа што 80% од репрезентативците доаѓаат од овие два клуба. Големи натпревари со големи противници, ќе придонесат за уште поголем квалитет и искуство кај нашите репрезентативци. Селекторот Шундовски и Ангеловски секако се дел од оваа приказна. Ќе играат врвен ракомет во текот на целата сезона, пласирајќи се со нивната Костанца во групната фаза на Лигата на шампионите. И кај нив овие натпревари ќе придонесат за дополнителен квалитет и добивање искуство. И секако пренесувајќи го во националниот тим. Во истиот контекст спаѓа и првиот голман на нашата репрезентација Борко Ристовски. Без неговите одбрани во важните натпревари и во одлучувачките моменти, секако дека нашата репрезентација не би била на ова ниво и со рејтингот кој го поседува. Бундеслигата и добрите настапи таму, кај него треба да дадат нова димензија и дополнителен квалитет. И тоа треба да биде негова обврска, наметнувајќи се уште повеќе и потврда за досега сработеното со уште 20% на повисоко ниво.

3

Металург втора година по ред ќе биде дел од ракометниот крем во Лигата на шампионите. Честитки за нив и за луѓето кои го водат клубот. Некои ќе речат: Имаа среќа, добија лесна група, беше очекувано дека ќе се пласираат. Се сложувам, но во денешно време секоја гостинска и победа на неутрален терен е и тоа како вреднувана. Честитки за континуитетот, но не и за начинот на кој треба да работи еден голем клуб како Металург - во последен момент останаа без десен бек. Екипа со таков буџет не смее да си дозволи таков „луксуз„ но можеби тоа беше однапред смислено сценарио, за ако случајно не се мине, тоа да послужи како АЛИБИ и топката да се префрли на друго место. Друга работа која загрижува е дека кога веќе немаме ред, ниту ограниченост на странци (заради тоа патат голем број македонски играчи), па кога веќе се доведува странец, треба да се биде посериозен и околу бркањето. Зошто да бидеме реални светот е мал и колку и да сме богати, со ваква несериозност, квалитетен странец нема да можеме да привлечеме. А во минатото имавме квалитетни странци во нашата лига од кои учевме ракомет. Зборот ми беше - сценариото Вучичевиќ за мене беше очекувано. Имав можност да разговарам со Станиќ во Катар за време на клубското светско првенство. Па, си поврзав некои работи. Скоро сигурен сум дека Металург ќе остане без левак, барем до нова година (во зависност од пласманот во Лигата на шампионите). Тоа не е добро, бидејќи што и да се случи, секогаш ќе постои алиби. Ако оди добро ќе биде во стилот „Да имавме левак, кај ќе ни беше крајот„ а ако не тргне како што треба „Да имавме левак ќе беше друга песна„. Сценариото е тоа, а режисерот? Навивавме и ќе навиваме за Металург и Вардар во Лигата на шампионите и Лигата на Европа, знаејќи дека добиваме сите со овие успеси, добива македонската репрезентација.

4

Во целата приказна не би било добро да кажам за сите по нешто,а да го изоставам мојот Атлетико Мадрид. По мене со можеби свесната „смена на генерации„ довивме полетност, младост, брзина и уште поголема „глад„ за победи и освојување на титули. Заминаа големите Динар, Абало, Штербик, Ентрериос, Чема Родригез...Тие можеби освоиле се што може да се освои на клубски план, но за големи победи и титули покрај квалитетот, неопходна е и „гладта„ и страста за победа. По се што направиле гореспоменатите величини, очигледно е да има недостаток на споменатите работи. Пристигна „свежа крв„ па треба да се биде стрплив, да се работи и да се живее од ден за ден за големи работи. Најубавото доаѓа кога најмалку очекуваш. Титулата светски клубски првак тежи многу, тешко се стигнува, тешко се квалификува таму - само ако си европски или светски првак. Значи навистина треба да си квалитетен да учествуваш, а камо ли да го освоиш турнирот. Искрено неочекувана, иако добредојдена титула со оглед на големите промени во нашиот тим. Тоа ни е додатен поттик за уште поголем ентузијазам и попрофесионален пристап. Среќен сум до некаде за „студениот туш„ сред Мадрид во Суперкупот на Шпанија од големиот ривал Барса за брзо самоосвестување за „неочекуваната светска титула„ За два-три месеци ќе биде друга приказна, со еден воигран, тркачки и тактички Атлетико Мадрид.

Во овој контекст сигурно спаѓа и СЕХА лигата која дава и допрва ќе дава заслуги и дополнителен квалитет за екипите и државите кои настапуваат. СЕХА лигата каква и да е, може кој како сака да ја протолкува, но мислам дека треба да се даде преодна оценка, можеби и повеќе од преодна и да се усовршува и да живее уште многу години. Секако дека има големи недостатоци и ќе ги има и во иднина, но има многу повеќе позитивни од негативни страни. За придобивките од оваа лига попширно во некоја друга прилика. Поентата на оваа таканаречена колумна е секако македонската репрезентација и македонскиот ракомет воопшто. Спомнав доста работи, ќе бидам некоректен ако не го спомнам координаторот на машката репрезентација Драган Начевски. Јавно да му честитаме за новата функција, доделена од европската ракометна куќа, на која што македонскиот ракомет не им е баш омилена тема. Ваква функција не се добива секој ден, ниту пак случајно. Наче уште еднаш покажа дека освен што беше голем судија, неговиот тврд и некогаш со незгоден карактер (кој не го познава...), неговата страст кон ракометот, човечките квалитети и ракометното искуство кое го поседува, се надеваме дека ќе придонесе за својата држава уште повеќе, како што тоа го правеше и до сега. Ако ништо повеќе, барем ќе бидеме за 10% попочитувани, од тоа што бевме до сега. А тие 10% верувајте многу ќе ни значат, со оглед на тоа какви се работи ни се случувале во минатото. Драган, нека ти е со среќа новата функција!

5

Во истиот контекст сакам да презентирам пример како се работи, како се мисли на иднината, како се селекционира, како се создаваат нови шампиони, нови победници. Се работи за данскиот селектор ВИЛБЕК, кој од ден на ден потврдува дека ништо не е случајно во неговата работа. Никогаш нема да го заборавам денот на европското првенство кога „несреќно„ загубивме во последната секунда. Наредниот ден сретнувајќи го во фоајето на хотелот го прашавме или се обидовме да го испровоцираме или уште поубаво кажано сакавме да научиме нешто од големиот и успешен тренер - „Среќно не победивте во последната секунда?„ Тој пак мирно и сталожено ни одговори: „Такви акции и ситуации ни се однапред подготвени. Тоа е така затоа што имаме високи цели и претпоставуваме дека ќе не чекаат вакви завршници доколку сакаме да бидеме најдобри„ Многу интересен одговор, нели? Што ми беше зборот? Покрај многуте данци и богата традиција за ракомет што ја имаат, не случајно го избраа и му понудија одговорна фунција на сеуште можам да кажам мојот идол ОЛАФУР СТЕФАНСОН. Таа фунција му дава голема одговорност да биде главен фактор за младинските категории во сите селекции на Данска. Секоја чест за изборот, ги очекува светла ракометна иднина. Далеку сме ние, далеку... Не ми е баш сеедно што ова го пишувам, но тоа е вистината.

Од сите овие работи мислам дека имаме многу простор за надеж, верба и иднина во нашиот ракомет. Имаме цврста подлога, материјал за работа, се тоа ние имаме... Останува како и секогаш да се организираме и да обезбедиме максимални услови сите овие работи максимално да профункционираат. Сигурно дека по сите овие наведени аргументи, останува на луѓето кои се задолжени за сето ова да обезбедат максимални услови доколку сакаме врвен спорт и врвни национални селекции, ако сакаме ИДНИНА. Време има се помалку, не очекува Светско првенство, но по мене пред тоа најважните две средби од квалификациите за Европското првенство во Данска, со Швајцарија и Португалија на крајот од октомври. Исто така важни како што беа најважни првите два натпревар за пласман во Србија против Естонија и БиХ, каде речиси го „визиравме„ патот на ЕУРО. Светското првенство е важно, но не како и овие два натпревари. Сега се крои судбината и иднината, за потоа да не биде доцна. Се надеваме дека спремни, без ниту еден проблем, ќе ги дочекаме овие натпревари.

 

СПОРТСКИ ПОЗДРАВ И ПОЧИТУВАЊЕ

КИРИЛ ЛАЗАРОВ
КАПИТЕН НА МАШКАТА РАКОМЕТНА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА

Share