ВИДЕО: Пасквал: „Македонија е опасна на домашен терен за секој противник„
Да се остане непоразен цела полусезона во сите натпреварувања е веќе извонреден резултат. Посебно ако в џеб се има две титули од ASOBAL Суперкупот и ASOBAL Купот, тогаш голем дел од задачата е завршена. Тренерот на Барселона Хавиер Пасквал знае дека овие 28 средби без пораз на неговата Барса му се голем поттик за пролетта кога се делат најважните титули. Но Пасквал ги следи сите клубови и сите ракометари, па така и македонските: „Следам дека голем дел од репрезентативците се од Металург, кој игра добро во Европа и Кире Лазаров кој е роден стрелец. Во пресрет на мечевите со Шпанија можам да кажам дека никому, па и на Шпанија нема да му биде лесно во Македонија. На нивни терен, македонците ќе бидат мотивирани и таму не се победува лесно. Шпанија можеби ќе биде фаворит, посебно тука во Шпанија, но никогаш не се знае. Македонија мора да ги надополни загубените бодови од средбата со Португалија и ќе направи се да се „извади„ против Шпанија„ ни рече човекот кој во последните две сезони со Барселона стана првак на Шпанија и во 2011 година во Келн, ја освои EHF Velux Лигата на шампионите.