Дениќ: „Разликата ја направи Шкоф и лошиот ден на вашите голмани„
Иако само четири одбрани ги делат, македонските со словенечките голмани, сепак видливо беше дека фигурата на бившиот соиграч на Лазаров од Загреб, Горазд Шкоф беше клучна во осминафиналето. Тоа го потенцира и селекторот на Словенија, Дениќ кој токму меѓу стативите ја гледа разликата доволна за победа на неговата репрезентација:
„Натпреварот се одвиваше така како што се одвиваше, а Шкоф бранеше тоа што нормално не се брани. Вашите голмани потфрлија. Горазд одбрани четири пенали, фати некои зицери, но македонските голмани беа под својот просек и своето реноме. Тоа е чиста предност. Би рекол чуден натпревар што се однесува до голманите. Статистиката по натпреварот вели дека Горазд има единаесет одбрани, додека двата македонски голмани заедно имаат седум. Тоа е разликата„ рече на прес-конференцијата Борис Дениќ, кој по лошите европски првенства, еве на Словенија му носи втор последователен мундијал и веројатно Олимписки квалификации.