Наместо рутински, Македонија се „испоти„ за победа над Иран
Б група
Иран - Македонија 31:33 (17:19)
Ден по нашата победа против Тунис, момците на Обрван се преселија во „Ал Саад арена„ во центарот на Доха за мечот со Иран во рамките на второто коло. Пред мал број на гледачи, едвај 500, Македонија пак мотивирано влезе во мечот. Вугринец, Прибак и Филип Лазаров го почнаа мечот од надворешната линија, а на голот застана Петре Ангелов. При 1:1 заради погрешна замена, нашата клупа заработи исклучување. Грешка која многу ретко ни се случува. Сепак Гоце Георгиевски од втората контра, го донесе нашето второ водство (1:2).
Ангелов фрли милиметарски точна контра за ефектен гол на Манасков. Кога и Прибак погоди и Македонија направи серија од 3:0 со човек помалку, Борут Мачек во 4 минута побара тајм-аут. Бисари и Мажаели со голови од изградени позиции, брзо ја донесоа реакцијата по минутата одмор на нивната клупа. Прибак и Вугринец максимално ги користеа своите минути, а и Ангелов одлично бранеше и фрлаше контри за комотни 4:7 на Георгиевски во 8 минута. Ражаби со гол од транзиција комплетно го врати тимот на Мачек во мечот (7:8). Сажад Надри со нов проектил со левата рака израмни на 8:8 во 11 минута. Нашата опуштеност лесно ја казни Алахкамер Естеки и Иран се врати во водство (9:8). Најдобриот ирански ракометар ја казни нашата индолентност и со својот трет гол при 11:9, го принуди Обрван на тајм-аут.
Веднаш реагиравме и Ренато Вугринец со својот трет гол го искористи двојното исклучување на противникот, а Стоилов истрча контра за 11:11 во 17 минута. Нашата одбрана се стабилизира, а брзите крила ги користеа топките за контранапади. Така Георгиевски ја комплетираше нашата серија од 3:0 за враќање на водството (11:12). Во 20 минута и капитенот Лазаров влезе во игра, но бројот на нашите технички грешки веќе ги мина противничките и со фва гола на Саад Естеки, Иран поведе со 14:12. Кирил Лазаров иако доби удар во главата од првиот обид погоди за 14:13. Најнапред Кирил, а потоа и Филип Лазаров направија нов пресврт во резултатот и Македонија поведе (14:15).
Во само 6-7 минути капитенот нанижа 4 гола и пак Македонија имаше +2. Во таков ритам Немања Прибак со звукот на сирената погоди за 17:19 на одмор, во збркано и не многу квалитетно прво полувреме. Бројот на технички грешки вкупно беше двоцифрена, а имаше и 9 исклучувања. Вториот дел започна со два гола на најдобриот иранец Алахкарем Естеки (19:20). Со два седмерци Кирил Лазаров ги одржуваше нашите +2 во 35 минута. Кога Недановски за прв пат погоди од контранапад, по подолго време побегнавме (19:22). Мечот стана бркотница со голови од двете страни и наше водство од 22:24 во 38 минута. Обрван ја врати првата надворешна линија и кога Наумче Мојсоски за прв пат реализираше во 42 минута, резултатот гласеше 22:26. Стојанче Стоилов не однесе на +5, но Естеки и Надри не ни дозволија да се одлепиме (24:27).
Лазаров со деветтиот гол во 47 минута и Естеки минута подоцна со осмиот гол се наметнаа кај водечки на листата на стрелците. „Ѓаволот ја однесе шегата„ и Надри во 39 минута намали на само 1 гол заостанување. Кога заредија грешките и одбраните на Хеидари и Ристовски, Недановски погоди две контри за 28:32 на пет минути до крајот. Голот на Златко Мојсоски на 80 секунди до крајот го реши прашањето на победникот. 31:33 за момците на Обрван кои гоповторија успехот од пред две години, кога водени од Шундовскки „црвено-жолтите„ ги добија Чиле и Катар и го обезбедија осминафиналето. Во нашата репрезентација најефикасен беше Кирил Лазаров со 9 гола, Прибак со 5 и Недановски со 4 гола ги одиграа своите најпозитивни мечеви во дресот со државниот грб, а голманите Ангелов и Ристовски имаа 9 односно 7 интервенции. Кај Иран браќата Естеки беа фантастички. Алахкарам постигна 9, а Саад 7 гола.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА: