hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

Кузмановски со звукот на сирената донесе реми против незгодната Австрија

mkd aus

Македонија - Австрија 29:29 (13:14)

Македонската ракометна репрезентација се наоѓаше пред пораз од Австрија на Светското првенство, но капитенот Филип Кузмановски распали од огромна далечина во последната секунда од натпреварот и извлече реми 29:29. Во драматичен натпревар со резултатска „вртелешка", нерешениот резултат можеби е и најреален исход по големата битка на Македонија и Австрија.

Го почнавме натпреварот многу подобро од Австрија и го диктиравме резултатот. Во два наврати имавме и предност од три голови разлика, но противникот имаше подобар финиш на првите триесет минути од средбата. На полувремето резултатот гласеше 14:13 за Австрија.

Вториот дел беше исклучително неизвесен. Се играше гол за гол, а двете репрезентации се менуваа во водството. Австрија поведе со 29-28 на само четири секунди до крајот, кога селекторот Кирил Лазаров викна тајм-аут. Во последниот напад одигравме на се или ништо, а одговорноста ја презема капитенот Кузмановски. Нашиот бек распале од петнаесет метри и успеа да го совлада австрискиот голман Флоријан Кајпер за конечни 29:29.

Марко Митев со шест голови беше најефикасен во македонскиот табор, Жарко Пешевски постигна пет, а Кузмановски имаше четири погодоци и пет асистенции. На голот Кизиќ имаше шест, а Митревски три интервенции.

Македонија сега во рамки на групата 2 од главната фаза има два бода, еден што пренесе од првата фаза и еден по денешното реми. Во четврток ќе бараме победа против Катар, а натпреварот го играме во истиот термин како и денеска во 15:30 часот.

Share