Лазаров: Можевме многу подобро, но треба да бидеме задоволни со победата
Селекцијата на Македонија очекувано и без никакви проблеми вечерва ја совлада Гвинеја (29-20) со што го официјализира пласман во втората фаза на СП во Вараждин, каде што ќе продолжи во група заедно со Франција, Катар и Австрија, како и Холандија и Унгарија со кои веќе игравме.
Нашите момци не блескаа против аутсајдерот, ниту, пак, победија со двоцифрена позитива како што се очекуваше, но тоа не го загрижи селекторот Кирил Лазаров.
„Треба да бидеме задоволни со победата, иако можевме и многу подобро. Промашивме речиси 20 удари, од кои 15 беа од изградени позиции. Да игравме со поквалитетен противник не би победиле ако промашувавме толку многу. Добро е што ги зачувавме и одморивме поискусните ракометари пред следните натпревари. Нè очекуваат тешки борби, ни треба многу енергија, треба да бидеме среќни и задоволни. Жал ни е што освоивме само еден бод против Унгарија, но тоа е минато, се подготвуваме за дуелот против Австрија во вторник. Благодарност до навивачите кои ни даваат голема поддршка. Ритамот е брз на сп, утре ќе правиме анализа за следниот меч со Австрија, но ова е неискусна и млада репрезентација, не можам да кажам колку ќе го прифатат тоа за краток период. Сепак, тука се навивачите и веруваме дека ќе ни помогнат", изјави селекторот Лазаров.
Дуелот против Австријците ќе го одиграме во вторник со почеток од 18:00 часот.