hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

04.01.2013 „Република„

Intervju Lazarov2 001

„Ракометот ми е сѐ„

Лазаров имаше неверојатно успешна година во која селекцијата го освои петтото место на ЕП,играше квалификации за ЛОИ, го освои пехарот на ИХФ Супер глоуб, францускиот спортски весник „Л'Екип" неодамна го круниса воидеалниот тим на светот за 2012 година. Во интервју за „Република" тој зборува и за најтешкиот момент во неговата кариера ,кога почина татко му Благој, Зборува и за односот со Ракометната федерација на Македонија и со ракометарите, за очекувањата од мундијалот во Шпанија...

Со капитенот на македонската машка ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, разговаравме на претпладнето на 31 јануари. Овој период пред и по Нова година за македонските ракометари е секогаш полн со активности, без разлика дали се квалификации или настап на европски или светски првенства. За осум дена почнува Светското првенство (СП) во Шпанија и тој и колегите од репрезентацијата ќе бидат причина поради која ќе се „заковаме" пред телевизорите и страсно ќе навиваме за секој гол на македонските ракометари. Лазаров имаше неверојатно успешна година во која селекцијата го освои петтото место на ЕП, играше квалификации за ЛОИ, го освои пехарот на ИХФ Супер глоуб, францускиот спортски весник „Л'Екип" неодамна го круниса во идеалниоттим на светот за 2012 година. Во интервју за „Република" тој зборува и за најтешкиот момент во неговата кариера, кога почина татко му Благој, зборува и за односот со Ракометната федерација на Македонија и со ракометарите, за очекувањата од мундијалот во Шпанија...

Вообичаено, на крајот на годината прават ранг-листи, лични и професионални, се ставаат на вага успесите и лошите моменти, се пребројуваат среќните и помалку среќните денови. Што натежнува на вагата кај Кирил Лазаров, најдобриот македонски ракометар?

ЛАЗАРОВ:

Горд сум што годинава бевме учесници на речиси сите големи настани што се случуваа. Почнавме со настапот на ЕП, каде што главна цел беше да го поминеме првиот круг и со што подобар пласман да обезбедиме полесен противник за баражот за СП во Шпанија сакајќи да продолжиме со континуитетот на настап на големите натпреварувања. Но, на континенталното првенство направивме повеќе од тоа - стигнавме до петто место и првпат во историјата на македонскиот ракомет стигнавме до квалификации за ЛОИ во Лондон. Квалификациите според некого ги одигравме „неуспешно", но не и за мене. Отидовме со големи амбиции, можеби малку прееуфорично, но типично за нас Македонците. Како аутсајдери сме постигнувале поголеми резултати, но кога имаме еуфорија, едноставно, каконација како да не знаеме да се носиме со тој притисок. Имаме квалитет, но ни недостига искуство, континуитет. На почетокот од подготовките за Гетеборг немавме стратегија како да го поминеме тој квалификациски циклус. Но, од грешкитесе учи. Потајно се надевам дека со добра работа во наредните години ќе успееме да стигнеме до уште едни такви квалификации. По тој неуспех, како што го карактеризираа, а за мене тоа не беше неуспех, успеавме да се издигнеме и покажавме карактер како група, како екипа, како тим и на заемно задоволство успеавме да се пласираме на мундијалот во Шпанија. Нашиот противник во баражот, Австрија, воопшто не е наивен. Напротив, Австрија е многу сериозна селекција, која доаѓа од седиштето на Европската ракометна федерација (ЕХФ). Европските квалификации ги почнавме помалку успешно, но мислам дека сѐ уште имаме шанси да се пласираме на завршницата на континенталното натпреварување, кое ќе се одржи во Данска во 2014 година.

Годинава што изминува на професионален план ти беше одлична. Но, еден трагичен момент од приватниот живот беше голем удар за тебе и за твоето семејство. Имам впечаток дека сите сочувствуваа со тебе и со твојата болка. Но, како што е вообичаено за големите спортисти, ти се издигна над ситуацијата и ни помалку, ни повеќе го освои трофејот на ИХФ Суперглоуб. Како ти успеа?

ЛАЗАРОВ:

Тоа беше најтешкиот натпревар во мојот живот. Смртта на мојот сакан татко, кој беше најзаслужен за мене и за брат ми Филип и за нашата ракометна кариера беше најтешкиот момент во мојот живот. Тој беше ракометар. Првите чекори во ракометот јас и Филип ги направиме по негова заслуга. Смртта на татко ми се случи пред финалето на Суперглоуб и бев во голема дилема, дали да настапам, што да правам. Но, почувствував дека можам да го одиграм тој меч. Размислувајќи сфатив дека можам, треба и морам да го одиграм затоа што знаев дека татко ми ќе беше најсреќен да го одиграв мечот. Знам дека беше најсреќен секогаш кога ме гледаше кога играм ракомет. Тешко ми е да го опишам тоа чувство. На крајот не зажалив што настапив. Титулата што ја освоивме со Атлетико Мадрид, клубот му ја посвети нему.

Во едно поранешно интервју изјави дека ракометот е за тебе сѐ. Со сите постапки досега во кариерата тоа и го докажуваш. Од каде толкава посветеност на спортот?

ЛАЗАРОВ:

Од година во година сум сѐ повеќе вљубен во ракометот. Едноставно, некој да ми го скрати тоа задоволство и да ми рече доста е – ти нудиме да работиш нешто друго со двојно поголема заработка од тоа што го имаш сега, јас нема да прифатам. Ракометот е во моето срце, максимално сум посветен. Го работам тоа што најдобро го знам.

Од Светското првенство во Хрватска пред четири години почна успешната македонска ракометна приказна. Успеавте да го задржите континуитетот во настапот на големите натпреварувања. Шампионот во Шпанија, кој почнува на 12 јануари, е трето по ред натпреварување на кое учествувавме. Кој е дострелот на оваа генерација ракометари?

ЛАЗАРОВ:

Организациски пораснавме како репрезентација. Сега се подготвувавме многу попрофесионално, за разлика од порано. Помина првиот дел од подготовките за СП и можам слободно да кажам дека подготвено ќе го дочекаме мундијалот. Се надевам дека до почетокот на шампионатот ќе останеме сите здрави, ќе нѐ послужи среќата. Треба да одиме чекор по чекор. Не смееме да се прогласуваме за фаворити, да прогнозираме, да правиме математика бидејќи како репрезентација не можеме да си го дозволиме тоа. Немаме еднакво добри играчи како што имаат другите селекции. Секоја шанса што ќе ни се укаже се надевам дека ќе ја искористиме, доволно сме искусни. Слободно можам да кажам дека сме под голем притисок од јавноста, од медиумите. Луѓето од нас очекуваат успех. Тие очекувања, тие притисоци нѐ прават уште подобри, тоа го чувствуваме и даваме сѐ од себе да не ја изневериме македонската јавност.

Intervju Lazarov2 002

Што очекуватена СП во Шпанија? Ќе го помине ли Македонија првиот круг каде што противници ѝ се Чиле, Исланд, Русија, Данска и Катар?

ЛАЗАРОВ:

Јас сум оптимист. Се наоѓаме во тешка група, меѓутоа лесни групи не постојат. Ако се има цел, ако сакаме да направиме нешто, мораме да направиме изненадување. Нашата првична цел е да ја поминеме групата и да влеземе во осминафинале, да избориме што подобар пласман во групата за да можеме, ако може, да добиеме полесен противник. Ако влеземе меѓу првите осум, потоа сѐ е можно.

Постои некоја магична поврзаност меѓу земјите- домаќини на ракометните СП и клубовите во кои настапува Лазаров. На СП 2009 година играше за РК Загреб, а првенството беше во Хрватска. Овој мундијал се одржува во Шпанија, а капитенот игра за Атлетико Мадрид. Мислиш дека судбината вмешала прсти?

ЛАЗАРОВ:

Па можно е. Јас сега си правам математики, каде се сега наредните европски првенства и дали можам да завршам во некои од тие држави. Лани од Копенхаген, кога беше во врвот на европскиот ракомет, имав привлечна понуда да потпишам за нив, а следното ЕП во 2014 годинасе игра во Данска. Но, клубот потоа банкротира. Дај Боже ние да бидеме учесници во Данска на ЕП, но јас нема да настапувам во клуб од таа држава во 2014 година. Кога го игравме баражот со Австрија во потсвеста ми беше дека СП е во Шпанија и тоа ми даваше мотивација плус. Таму сум, го знам јазикот, ги познавам луѓето. Така беше и во Хрватска. Со името што го имам направено во Шпанија, покрај нашата фаланга и покрај Македонците се надевам дека ќе го привлечеме и некој Шпанец да навива за нас. Нема да му требаат нови знамиња - исти ни се боите, црвена и жолта.

Лично бев сведок на еуфоријата што постоеше во Хрватска, на шампионатот, а потоа и во Србија на континенталниот собир на најдобрите европски селекции. Објективно, репрезентацијата овој пат во Шпанија, иако тебе во моментов таму ти е домот, ќе нема огромна поддршка од навивачите. Каква посетеност на натпреварите очекуваш во Севилја, во првиот круг?

ЛАЗАРОВ:

Според моите информации има најави дека ќе има доволно Македонци што ќе се решат да тргнат на пат за Севилја. Ќе има и иселеници. Колку и да има публика, ќе ни биде чест и задоволство да нѐ поддржат. Не мора да бидат во не знам колкав број. Колку и да бидат, многу ќе ни значат. Да не правиме однапред математики, но, здравје Боже, ако се пласираме во вториот круг, мечевите се играат во Барселона, тоа ќе биде поблизу, па повеќе Македонци ќе се решат да дојдат.

Живееше во Веспрем, потоа во Загреб, па сега во Мадрид. Имаш стан во Скопје, семејството вообичаено се собира во Свети Николе. Каде е домот на Кирил Лазаров?

ЛАЗАРОВ:

Моментно играм во Мадрид, а како семејство сме стационирани во Скопје. Сакаме сите да ги направиме задоволни - да бидеме во мојот роден град, Свети Николе, со мојата фамилија. Мојата сопруга е од Гостивар, па сакаме да отидеме и до таму. Јас сум добар организатор, па успеваме однапред се да организираме и да ги направиме сите задоволни.

Двете деца, Благојче и Лана се јануарски деца, родени во период кога репрезентацијата има најмногу обврски. Кога се роди Лана во Загреб, ти беше во Скопје, се играше мечот со Португалија, кога изборивме бараж, кој потоа нѐ однесе на СП во Хрватска. Првиот роденден на Лана го прослави во Вараждин, со колегите од репрезентацијата. Ти недостига ли тоа да бидеш со семејството за тие важни настани?

ЛАЗАРОВ:

Да. Тоа е голем хендикеп и затоа ние спортистите правиме големи жртви за семејството. Некако навикнавме да ги прославуваме родендените на моите деца со моите колеги. Тоа се случи и лани, во Ниш на ЕП. Откако ќе поминат сите обврски, организираме забава бидејќи децата го сакаат тоа.

Години наназад репрезентацијата ја водеа странски селектори и немавме резултати, не немаше на големите натпреварувања. На инсистирање на ракометарите, добивте македонски тренер, македонски селектор и со 100 проценти македонски производ изборивте учество на СП по десет години пауза. Комбинацијата се покажа како добитна. Потоа се фрлаа дрваи камења по настапот во Гетеборг, кога не изборивте учество на ЛОИ во Лондон. Вистината е некаде на половина, претпоставувам?

ЛАЗАРОВ:

Не можам да се согласам дека изборот за селектор бил на ракометарите. Секогаш некои луѓе преку нас сакаат да сокријат, односно да ја префрлат топката дека ние сме тие што го водат главниот збор. Факт е дека со македонски тренери ние ги направиме најголемите резултати - со Илија Темелковски и со Звонко Шундовски. Не е важно да имаш само квалитетен тренер, треба и добро да ги познаваш играчите што ги водиш. Ги почитувам сите селектори - од прв до последен со кој сум работел, но тие како да не го знаеја македонскиот менталитет. Како да не знаеја да го извадат максимумот од нас. Кон нас се пристапуваше со многу погрешна психологија. Ние сме да играме. РФМ секогаш топката ја префрла на нас. Ние ракометарите сме едно, функционираме заедно како тим. Ако видиме како функционира тоа во другите федерации, кај нас не е така. Одговорноста за успех и за неуспех ја презема федерацијата. Федерацијата е успешна ако се успешни нејзините национални селекции. Доаѓањето до спонзори е многу полесно ако репрезентацијата е успешна. Ние секогаш се жалиме дека сме во криза, немаме пари, без разлика дали националниот тим е неуспешен како во минатото, односно успешен како што е сега. Ние секогаш имаме оправдувања - дека Федерацијатa е во криза, дека немаме спонзори. Ако една репрезентација е петта во Европа и првпат се пласира на олимписки квалификации, фаќа континуитет на СП, значи самите резултати се аргументи со кои можеш да отидеш и да чукнеш на врата и да побараш спонзорство. Ние ги имаме истите проблеми кога сме успешни и кога не сме успешни. Значи тука нешто не е во ред. Меѓутоа, ние имаме јасна цел во нашите глави - ЛОИ во Рио де Жанеиро во 2016 година. Многу е поважно да се стигне на СП во Катар и таму да се даде максимум и оттаму да се стигне до олимписките квалификации. Идејата постои, планот и стратегијата треба јавно да се презентираат. Мислам дека тоа е вистинскиот пат ако сакаме да биде успешни во нареднитечетири- пет години.

Intervju Lazarov2 003

Кој е твојот сон со оваа репрезентација?

ЛАЗАРОВ:

Треба да се биде реален и да се верува дека е можно да се остварат соништата. Сонот е тој – учество на големи манифестации. Во една добра работна атмосфера, организираност, сплотеност, поддршка, со добар план и стратегија може многу да се постигне. Треба да нѐ послужи и спортска среќа, да се поклопат коцките. Тоа нема да биде добивка само за нас, туку за целата држава и за македонската јавност. Ќе пробаме, ќе дадеме максимум од себе и во наредните години да ја промовираме Македонија.

Ракометна Европа добро нѐ познава и сега уживаме многу поголем респект, за разлика од порано. Придонесот на младинските селекции, тие што треба да ве наследат тебе, Мојсовски, Ристовски, Димовски, Темелков и другите, е многу слаб. Каква иднина му прогнозираш на македонскиот машки ракомет?

ЛАЗАРОВ:

Дај Боже да ја имаме, ама немаме баш светла иднина. Со самото учество на СП и на ЕП растеме од ден во ден, не само на репрезентативен, туку и на клупски план. Еве, гледаме дека Металург од година во година е многу подобар како на резултатски, така и на организациски план. Истото се однесува и за Вардар. Металург почна да расте како клуб кога се пласираме на СП во Хрватска. Кога се работи за национална селекција, сите треба да дадат максимална поддршка, затоа што без добра национална репрезентација ние ќе немаме ни добри клубови. Кога- тогаш ќе ja платиме овaa сметка, но никогаш не е доцна за да се почне. Многу е важно младите категории, кои созреваат, да ги гледаат своите идоли како се натпреваруваат со најдобрите во светот. Јас постојано нагласувам дека е потребен континуитет. Ако го имаме, ќе имаме и светла иднина. Порано во минатото, таа (не)организација не чинеше отсуство од големите ракометни настани. Оваа генерација во минатото заслужуваше да биде учесник најмалку на четири или пет големи натпреварувања. По оваа генерација мислам дека ќе имаме еден голем пост на неодење на големи манифестации. Не гледам светла иднина на македонскиот машки ракомет.

Ти си еден од најголемите и најдобри ракометари на светот, двапати најдобар стрелец во Лигата на шампионите, единствен што ги спои титулите најдобар стрелец на ЕП и на СП, освојувач на вкупно 32 трофеи во кариерата, меѓу кој и тој од Суперглоуб. Ти недостига само трофејот од ЛШ. Те мачи ли тоа што овој пехар не е во твојата витрина?

ЛАЗАРОВ:

Не можам да кажам дека ме мачи. Воопшто не сум оптоварен со тоа. Бев многу близу, последните два години игравме финале, но не ја освоивме титулата. Оваа година имаме слаба полусезона и ако кажам дека ќе освоиме титула, ќе стигнеме до разигрувањето за првите четири, некому ќе му звучи многу чудно, но тоа никогаш не се знае. Доволно е еден натпревар да тргне работата на подобро. Ја изгубивме титулата во АСОБАЛ, ни останува Кралскиот клуб и ЛШ. Тоа значи дека таму можеме да се концентрираме, таму да ги фрлиме сите карти.

Кој е рецептот за успех на Кирил Лазаров?

ЛАЗАРОВ:

Максимална посветеност, добар и квалитетен тренинг, здрава исхрана, ментална и психолошка подготвеност, колегијален дух и верба во тоа што го работиш.

Јавноста знае да ве величи до небо кога победувате и да биде цинична во коментарите кога губите. Како излегувате на крај со бранот незадоволство, кој знае и силно да заплиска?

ЛАЗАРОВ:

Во Македонија еуфорично те дигаат до небо или те спуштаат силно на земја. Го прифаќам тој предизвик, посебно тој вториот. Сакам критика, но аргументирана. Од неа се влечат поуки да бидеме уште подобри. Не е добро кога си „средно успешен", па те величат. Мене не ми треба тоа. Многу сум самокритичен. Знам кога сум имал добар придонес, кога сум бил добар, а кога лош. Кај нас критиката знае да биде злонамерна. Таква критика воопшто не ми се допаѓа. А, за еуфорија сме шампиони. Ние немаме спортска култура како што имаат големите спортски нации. На пример, Хрватите - колку и да се успешни, тие никогаш не се задоволни, секогаш бараат повеќе. Кај нас кога ќе направиме голем успех тој толку нѐ опива и знаеме дека во наредните неколку месеци нѐ очекува пад. Постојат големи амплитуди, но ни недостига завршниот удар.

Може ли оваа генерација да го подобри пласманот од мундијалот во Хрватска кога го освоивте 11. место? Што мислиш за новиот нокаут- систем на СП и за распоредот на натпреварите во групата Б?

ЛАЗАРОВ:

Мундијалот во Хрватска се играше по друг систем, многу понапорен, според мене, за разлика од овој сега во Шпанија. Овој сега повеќе ни одговара. Ние немаме 16 одлични играчи, квалитетни на сите позиции, како некои други селекции. Нам повеќе ни одговара систем во кој ќе има пауза. Ќе се обидеме да го подобриме пласманот од Хрватска.

Ќе се решат ли некогаш проблемите во македонскиот машки ракоме околу исплатата на премиите, ќе се најде ли маж да го регулира статусот на ракометарите, дневниците, статусот на селекторот?

ЛАЗАРОВ:

Нас, ракометарите, нѐ сфаќаат многу погрешно - играат за пари, бараат премии. Јас не се согласувам со тоа. Сакам да биде јасно. Ние не играме за пари во македонската репрезентација. Имаме премии, кои се регулирани со статус и одобрени од Управен одбор на РФМ. Ако направиме успех, тие премии треба да бидат исплатени. Значи, нешто што е ветено и регулирано, треба да биде исплатено. Ние сме 20 ракометари и уште неколкумина во стручниот штаб и кога ќе се поделат тие пари на 24 луѓе не станува збор за голема сума за да може да се прави толкава врева. Ние не бараме ништо повеќе од нашата ракометна репрезентација ниту, пак, имаме амбиции некого да менуваме. Не. Ние го бараме тоа што сме го заслужиле и што ни е ветено.

Што си посака за Нова година?

ЛАЗАРОВ:

Да бидам жив и здрав, исто така, и моето семејство. Да бидам успешен на спортски план. Се надевам дека 2013 година ќе биде уште поуспешна и заедно ќе прославуваме убави моменти.

Share