hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

31.12.2012 „Македонски спорт„

kire sport naslovna

Година за паметење, но секогаш може подобро!

Секој разговор со нашиот најдобар и најпопуларен ракометар Кирил Лазаров е нова животна лекција. Во секој негов искажан збор, секоја негова теза или анализа се гледа неговата каризма и лидерство. Можат да се прочитаат и нескриените мотиви за секој нареден натпревар, посебно кога го носи дресот со државниот грб. Новогодишното интервју за „Македонски спорт„ со нашиот најистакнат спортист во 2012 година ни открива многу работи во најемоционалната, најтурболентната, но и најуспешна година во кариерата на Кирил Лазаров

- 2012 година ја завршивте со 74 натпревари во сите можни натпреварувања. Со исклучок на летниот одмор, игравте скоро секои три дена. Како физички влегувате во подготвителнит период на нашата репрезентација. Има ли знаци од напорната полусезона во Шпанија?

Се сложувам. Можеби најнапорната година, која до сега сум ја имал. Меѓутоа со искуството доаѓа до зголемување на самосвеста кај нас професионалците. Чувствувајќи го заморот сега повеќе за разлика од порано, уште вложувам во себе за да можам да одговорам на предизвиците. Голем плус за нашата репрезентација е доведувањето за прв пат на кондиционен тренер. Со него мислам дека дополнително ќе отстраниме некои слабости во физичкиот дел, што сме ги имале претходно. Не сум воопшто загрижен за Светското првенство. Ќе го дочекам физички подготвен за натпреварување.

-Она што е исклучок во минатата година е тоа што македонската ракометна репрезентација одигра 18 мечеви и тоа во сите натпреварувања. Дали тоа значи дека зад себе ја оставаме најуспешната година на репрезенатативниот ракомет во нашата земја?

Со сигурност велам ДА. Да бидеш присутен на сите големи манифестации, мора да си успешен. Одигравме, бевме присутни секаде оваа тековна година, а и за прв пат од осамостојувањето на оваа држава игравме олимписки квалификции, до кои не успеаа да дојдат многу пореномирани и организирани европски репрезентации од нас.

-Кога би бирале една спортска емоција, што би одбрале како најголемо достигнување оваа година? Петтото место во Европа со Македонија, финалето на Лигата на шампионите или светската клубска титула?

Секој од овие три големи настани во 2012 година ќе бидат длабоко врежани во моето срце. Засекогаш. Тешко е да се одбере, ако се знае дека споменатите настани се врвни достигнување за еден професионалец (бевме блиску до борба за медал на ЕП, големо финале во најпрестижното европско натпреварување и светска клубска титула). Јас ќе го одберам последното достигнување. Смогнав сили и го одиграв можеби најтешкиот натпревар во мојата кариера, одолжувајќи се колку-толку на мојот татко, кој беше главниот „виновник" за успехот во мојата кариера. Титулата му ја посветив нему...

02-03 za ponedelnik 31 dekemvri 001

-Надвор од колективот вашите инвидуални успеси беа пак за восхит. Прв стрелец на ЕП, втор во минатото издание на Лигата на шампионите и стигната границата од 1.000 гола во репрезентацијата на Македонија. Дали ова беше најуспешната година во кариерата?

Многу настани, многу емоции, радости, тага, потрошена енергија, задоволства, жал за пропуштеното. На крај сето тоа е дел од спортот. Како што реков и претходно, година за паметење, со една јасна цел во главата - Секогаш може подобро!

-Ако резимираме што се мина нашата репрезентација, веројатно поразите од Бразил и Португалија се единствените во кои селекцијата не извади максимум од своите можности?

Не би се сложил со констатацијата. Како нација премногу брзо знаеме да даваме суд, посебно за поразите. Некогаш и во некоја голема победа, може и треба да се најде некој недостаток, анализирајќи да се алармира и во следниот натпревар да се одстрани недостатокот. Со тоа можеме да бидеме само поквалитетни од порано. Ние ги анализираме само поразите и што е најтрагично, анализираме без уште еднаш да се погледне натпреварот. Анализираме без да се погледне во огледало и да си кажеме себе си кои сме и што сме. И дури потоа треба да даваме судови. Имавме успешна година со победи и порази. Паметниот извлекува поуки и оди напред, а „деструктивецот„ анализира без да погледно во огледало и што е најважно не напредува.

-И надвор од ракометот ова беше година на промени во вашиот живот. Една од нив беше преселбата во големата шпанска престолнина Мадрид. Какви се првите впечатоци од спортскиот гигант Атлетико Мадрид?

Веќе втора година како функционираме како Атлетико Мадрид по менувањето на името од Сиудад Реал, со тоа што разликата од лани е што оваа година живееме во Мадрид, а претходно само ги игравме натпреварите во Мадрид. Атлетико Мадрид е големо име и бренд и не само фудбалски, туку и ракометен. Ги имаме истите навивачи на фудбалската екипа и тие се со нас од првиот ден и ни се голема подршка. Секоја промена, па така и оваа носи период на аклиматизација. Можеби подсвесно размислувавме дека аклиматизацијата ќе се одвива многу побрзо од очекуваното, но во животот за се треба време и трпеливост, па така и за овој наш проект.

kire 31 int1

-Екипата на Душебаев претрпе големи промени од тимот кој го освои Купот и беше вицешампион на Шпанија и Европа. До која мера групата одлични инвидуалци стана тим во овие четири месеци?

Точно е. Нашиот тим претрпе огромни промени оваа сезона. Конечно свесни сме што ни се случува оваа полусезона, иако подсвесно не бевме свесни за вакво нешто. Со оглед на тоа дека во претходните сезони губевме во просек 2-3 натпревари по сезона, а одредени натпревари ги добивме пред да започне натпреварот, оваа сезона е поинаку. Го сменивме и дефанзивниот стил на игра што и за старата гарда според мене, исто беше голем шок и новитет за истите. Во последен момент замина „капиталецот„ Штербик, за по само неполни две недели да се повреди легендата на клубот Омбрадос, па практично останавме без голман. Многу случувања, недостаток на среќа, многу поуки треба да се извлечат од сево ова и да веруваме во подобра иднина.

-Да не беше Барселона вашата ракометна есен ќе беше посјајна. Секој од трите порази оваа сезона беше посебна приказна. Дали тоа доаѓа од квалитетот на Барса, од вашата недоволна воиграност или во деталите кои пресудија на страната на каталонците?

Барса по мене стратешки одигра многу добро. По заминувањето на Ласло Наџи, свесни за загубата, надополнија со доведувањето на Штербик, чиј што договор го откупија од главниот конкурент. Барселона е институција и секогаш може да си дозволи ваков исчекор, иако предвидениот буџет не им го дозволува тоа. Сега-засега финансиски со нив не можеме да се носиме. Уште еден факт кој покажува за нивната финансиска моќ е тоа што полуфиналните и финалните средби на Светското првенство ќе се играат во Барселона, а не во главниот град Мадрид. Една компарација со нас. На пример финале на мундијал да се игра во Битола, а не во Скопје. Можеби звучи чудно, но во Шпанија работите стојат вака...

-Атлетико е голем бренд во Шпанија и поистоветувањето со фудбалската екипа сигурно повеќе го чувствувате оваа есен. Има ли време за некој фудбалски натпревар во Ла Лига или за дружење со фудбалските звезди од Мадрид?

Натпреварите од Ла Лига оваа година почесто ги посетувам затоа што живееме во Мадрид. Повеќе следам мечеви на „Висенте Калдерон„ бидејќи тука сме на домашен терен и имаме посебен третман како дел од клубот. Но често знаеме да навратиме и на „Бернабеу„ криејќи и преправајќи дека сме обични гледачи да не не препознае некој симпатизир, бидејќи ривалството меѓу Реал и Атлетико е многу големо.

-Во Европа важна е квалификацијата во осминафинале, а таа ја имате в џеб. Од оние кои покажаа најмногу оваа полусезона на Барселона му се придодаде и вашиот бивш клуб Веспрем, а и нашиот Металург собра многу симпатии. Како гледате на ракометната хиерархија пред елиминационите средби?

И претходно споменував. Оваа година се игра најквалитетната сезона од Лигата на шампионите од нејзиното формирање. Се појавуваат помали клубови од помали земји со високи буџети и одлична организираност. Едно е да играш во група каде имаш право на кикс и шанса да се поправиш, а сосема друго меч со елиминација. Во таквите мечеви предност им давам на ракометните брендови, поквалитетните, поискусните во кои мислам дека спаѓаме и ние како клуб.

-Да се вратиме на репрезентацијата. Може ли да биде предност тоа што играме на старт на групата во Севиља со Чиле и Катар, а потоа со фаворитите?

Предност ДА, веројатно представува предност. Но поучени од искуството кое го имаме ние не смееме ни во најмала рака да помислиме дека ќе биде лесно. Доколку на тие два натпревари имаме пристап „да се биде или не„ можеме да се прогласиме за фаворити. Но ако настапиме обратно со предвремени калкулации, никако не сме фаворити. Во тој аспект се уште не сме зрели да одиграме натпревар со половина сили и да победиме како репрезентација.

-Минимална цел треба да биде да ја минеме првата фаза, а можеби најреална да го надминеме 11 место од Хрватска 2009? Реални ли се ваквите цели или треба да бидеме поголеми оптимисти после Европското првенство?

Примарна цел ни е влегување во осминафиналето, втора и многу важна цел е што подобар пласман во групата за што полесен противник (ако воопшто го има) во осминафиналето. За разлика од СП во Хрватска се игра друг систем на натпреварување, кој мислам дека повеќе ни одговара. Но најважно од се е да одиме натпревар по натпревар, чекор по чекор, да бидеме здрави, да не послужи спортска среќа за да можеме да пружиме максимум како репрезентација.

-Меѓу скандинавската школа или новиот руски бран, кој стил на игра повеќе ни одговара? Колку можат да не изненадат овие фаворизирани селекции со измените во играчкиот кадар, во тактиката, во подготовките?

Не би требало премногу да се оптоваруваме со тоа кој стил повеќе ни одоговара. Треба да ни биде јасно во нашите глави - Зависиме само од нас и на секој натпревар излегуваме со една цел - ПОБЕДА. Некоја си моја лична анализа и ако сакате прогноза е дека би ја издвоил Русија како фаворит во групата. Можеби за некого тоа ќе изгледа чудно, но со оглед на тоа што 2012 беше олимписка година, се случија многу работи. Нашата шанса покрај споменатата анализа за Чиле и Катар, ја гледам во двете скандинавски репрезентации Исланд и Данска. Имајќи предвид дека овие две репрезентации играа на Олимписките игри, нормално е да ја немаат истата страст и волја како на Олимпијадата, а тука се и напорите кои ги имаа меѓу една и друга сезона без да направат пауза. Ние и русите тогаш одмаравме. Оваа предност треба јасно да ја имаме во нашите глави и секако да ја искористиме.

kire int 31 2

-„Фалангата„ ја воодушеви Европа и во Ниш и во Белград и во Гетеборг. Колку и да е далеку Севиља, нашите навивачи пак ќе бидат најмногубројни. Што ќе им порачате пред долгиот пат за Андалузија?

„Фалангата„ била и секогаш ќе биде со нас. Секако дека тие го чувствуваат истото како и ние. Веруваат во нашиот квалитет, па затоа се одлучуваат на вака долг пат и да не бодрат. Се надевам дека и ние и нашите навивачи уште еднаш ќе ја испромовираме нашата земја во најубаво светло, победнички менталитет, борба до крај, пожртвуваност. А со тоа сигурен сум дека ќе привлечеме и некој „мучачо„ да навива со нас, бидејќи шпанците го поседуваат оној темперамент и начин на живот како нашиот.

-И за крај. Во 2013 ве очекуваат нови цели. Што е вашата скриена желба на кариерата? Можеби нов блесок со репрезентацијата или освојување на Лигата на шампионите со Атлетико Мадрид по две загубени финалиња?

Секоја нова година носи нови предизвици. Јас навистина сум среќен што покрај клубските успеси имам континуитет со нашата репрезентација да учествувам на најголемите светски манифестации. Скриени желби секогаш постојат, лесно е да се кажат, меѓутоа да се остварат треба да се биде голема жртва. Моите спортски апетити не се задоволуваат така лесно. Јас сум спремен да бидам уште поголема жртва, од колку до сега. Мислам дека доволно кажав. Им посакувам среќна нова 2013 година на сите граѓани на Република Македонија и многу успеси во сите сфери од животот, посебно на спортски план.

Share