evroins

logo-kmg

hummel Logo 160 

signiori

LIVESCORE.in
OFF

10.06.2016 Фокус

f1

Кире Лазаров: На терен немилосрден, дома емотивен!

Потекнува од Свети Николе. Во неговото семејство спортот е традиција. Роден е на 10 мај. Нумеролозите му предвидуваат успех и кариера на лидер. Спортската кариера почнал да ја гради како дете. Денес е еден од најдобрите стрелци на европската ракометна сцена.

Тој е првиот ракометар, кој стана најдобар стрелец на Европското и на Светското првенство во ракомет. Тони Кукоч му ја всади љубовта кон седумката, која стана негова бројка на спортските терени.

Ракометниот портал повторно го вметна во идеалната олстар-екипа за 2015-2016. Навива за Барса и за Милан во фудбал, а од петок ќе навива за Шпанија и за Хрватска како негови фаворити на Европското првенство во Франција. Нашата омилена ракометна 7-ка, Кире Лазаров се дружеше со нас во Скопје Сити Мол.

Со оглед на тоа што од овој петок, сите љубители на фудбалот ќе бидат пред екраните да го следат тоа што ќе се случува на фудбалските терени во Франција, нашата прошетка ја почнавме од „Сони Галери“. Баравме најдобра опција за следење на сите спортски моменти.

f2

ФОКУС: Дали следите спортски натпревари? Кој спорт сакате да го следите, но не како спортист, туку како обожавател?

ЛАЗАРОВ: Спорт следам онолку колку што ми дозволува времето. Покрај ракомет, преферирам да гледам кошерка, тенис и фудбал, и тоа исклучиво моите омилени тимови или спортисти. Мои омилени тимови се Барселона и Милан. Многу често следам и некои тренери што ги ценам  и на тој начин кога ќе преземат некој тим, автоматски и тој тим е на листата на мои омилени клубови. Многу е потешко да се гледа од страна и да се навива за својот тим, отколку да си директен учесник и актер на самиот терен. Токму затоа целосно ги разбирам навивачите кога негодуваат во неуспехот и се радуваат на успехот на својот тим.

f3

ФОКУС: На 10 јуни во Франција почнува Европското првенство. Дали ќе следите и за кого ќе навивате?

ЛАЗАРОВ: Секако дека ќе следам што се случува во Франција, онолку колку што  ми дозволуваат обврските. Добар натпревар во добро друштво е одлична рекуперација (оправување) и полнење батерии за следната сезона.

Оваа година мојот камп во Охрид се одржува во две смени, од 17-30 јуни, паралелно со одржувањето на првенството. Тоа ќе биде убава можност заедно со учесниците да проследиме неколку натпревари.

Мој фаворити (навивачки) се Шпанија и Хрватска.

f4

Спортот е некако предодреден во неговото семејство. Почнува со кошарка, но се вљубува во ракометот. Оваа страст го носи до фантастичен успех, кој, пак, сака да го пренесе како предизвик и знаење на најмладите. Токму затоа го основа ракометниот камп каде што ќе се обучуваат младите ракометни таленти.

ФОКУС: Сите ве знаеме како еден од нашите најдобри ракометари на сите времиња. Но, кошарката е вашата прва љубов како дете. Кога и како се случи пресвртницата?

ЛАЗАРОВ: Потекнувам од спортско семејство или поконкретно кажано од ракометно семејство. Бидејќи кошарката, исто како и фудбалот се т.н. „улични“ спортови, многу е полесно на улица да одиграш баскет 3 на 3 со своите другари отколку да се соберат 14 луѓе за да можеш да одиграш ракомет на два гола. Впрочем, така и јас почнав со кошарка, а потоа продолжив со професионално тренирање ракомет од мојата 12 -та година. Да бидам реален, спортот ми беше во крвта, но ракометот стана моја опсесија тренирајќи. Морам да признаам дека едно време го запоставив и моето образование, иако тоа не е во ред. Едноставно, постојано мислев на тренинзите и на натпреварите што ми претстоеја.

f5

ФОКУС: Седумката е бројот што носи среќа, така велат нумеролозите. Вие ја одбравте од други причини, поради кошаркарот Кукоч. Дали ви носи среќа?

ЛАЗАРОВ: Дресот со бројот седум го одбрав примарно, затоа што на мала возраст во мојот матичен клуб Овче Поле, еден од моите први тренери, покрај татко ми Иле Јанев, беше левучар (играше со лева рака) и носеше дрес со број 7. Па, така јас својствено на тоа, мислев дека сите левучари треба да носат 7-ка на грбот, односно тоа е еден вид правило. На сето тоа се надоврза и фактот дека еден од моите спортски идоли, Тони Кукоч, беше левучар и носеше дрес со бројот седум.

ФОКУС: Кој беше вашиот спортски идол, покрај Тони Кукоч?

ЛАЗАРОВ: Идол? Да бидам искрен, како што поминува времето, моите спортски идоли се менуваат. Како што спомнав претходно, некогаш Тони Кукоч беше мој идол, додека моментално личности кои ме импресионираат се светскиот рекет број еден Новак Ѓоковиќ и фудбалерот на Барселона, Лео Меси.

f6

ФОКУС: Растевте во спортско семејство. Колку спортот го практикувате во вашето семејство? Дали сакате вашите деца да се занимаваат со спорт?

ЛАЗАРОВ: Точно така, откако паметам спортот е присутен во нашето семејство, спорт, спорт и само спорт. Моите родители никогаш не вршеле притисок врз мене дека мора да тренирам спорт или да наследам некого, дури и кога влегов во професионални води не чувствував притисок од нивна страна што во краен случај го сметам за исправно. Така треба да постапува секој родител кон своето дете. Едноставно за да успеете, најважно е тоа дека мора сами да се мотивирате и секојдневно да работите со голема љубов, посветеност и страст. Така планирам и јас да ги воспитам своите деца, сами да го изберат својот пат и силно да работат на остварување на своите соништа. Од друга страна, би бил горд до небо ако ме наследи некој од нив.

ФОКУС: Каков е Кире Лазаров како татко и сопруг?

ЛАЗАРОВ: Комплетно спротивен во однос на Кирил Лазаров на терен. Кон своето семејство сум мек, попустлив, толерантен, емотивен…

f8

Нашата позиција во „Сони Галерија“ ја заменивме за спорт. Се упативме во Бо Боулиг. Додека го очекуваме освежувањето, дознавме се за плановите на Кире ова лето. Само за потсетување, Лазаров во мај е прогласен за најдобар десен бек, во анкета во која учествуваа над 80 илјади љубители на ракометот. Тој  е заслужено дел од оваа екипа, сезоната ја заврши како најдобар стрелец на Барселона со 104 гола.

ФОКУС: Има ли вистина во тезата дека ракометот е дел од спортовите каде што сумите што се добиваат за трансфер или за плата, се далеку од сумите за фудбалот, тенисот, па и кошарката?

ЛАЗАРОВ: Навистина е така. Но, што се однесува до мене, целосно сум неоптоварен со тие работи, ниту правам некакви споредби. Сепак, најважно е, покрај заработувачката, и да го работиш тоа што го сакаш. Само така може да се остане константен во успехот. А и како што вели една поговорка: нема да мора да работиш ниту еден ден во животот.

ФОКУС: Својот талент сакате да им го пренесете на младите. Дали ова е предизвикот за вашиот ракометен камп?

ЛАЗАРОВ: Знаењето треба да се пренесува, тоа е морален чин, доколку сакаме да се чувствуваме исполнето. Имам успешна кариера, повеќе од една деценија и тоа во најдобрите европски клубови. Поседувам многу знаење и искуство акумулирано сите овие години и тоа не какво било, имав можност да играм и да учам од најдобрите.

Ракометниот камп е токму таков проект, каде што сето стекнато знаење и искуство ќе можам да го пренесам на оние кои доаѓаат по нас. Јас и мојот тим се вложуваме и ќе се вложуваме  и понатаму максимално. Ова е нашиот прв чекор, а за понатаму имаме и други посериозни планови, сѐ во интерес на спортот и ракометот во нашата Македонија. Ракометот е спорт број еден во државата, а ние мораме да одиме напред и да го подобруваме и надградуваме, затоа што народот во Македонија е „гладен“ за добри резултати победи. Тоа е наша обврска што мораме да ја почитуваме.

f9

ФОКУС: За родените на 10 во месецот мај, нумеролозите предвидуваат успешна кариера и лидерски предиспозиции. Астролозите, за припадниците на Биковите велат дека се личности кои сакаат удобност, прошетки во природа, ги карактеризираат лојалноста, романтичниот дух, но и посесивноста. Што од овие особини има кај Вас?

ЛАЗАРОВ: Повторно се враќаме на истото. Предвидувањата за карактеристиките на една личност се една работа, но, сепак, сето тоа треба се „одработи“ за личноста да биде комплетна.

Инаку, голем дел од особините што ги набројавте се присутни кај мене.

„Геокс“ беше следната точка на движење во Скопје Сити Мол. Италијанскиот бренд во Скопје Сити Мол ја нуди својата специјална линија на обувки, создадена со технологија која овозможува лесно чекорење, како по облаци.

fbc

ФОКУС: Што беше пресудно за одлуката околу изборот да играте во Барселона?

ЛАЗАРОВ: Барселона е повеќе од клуб. Со еден збор – институција. Да бидам искрен, не се двоумев воопшто, напротив, веднаш го прифатив предизвикот. Како што сум напоменал неколку пати претходно, сакам и сега да потенцирам дека Барселона како клуб е врв на една спортска кариера. Иако од страна изгледа лесно, бранењето на боите на Барселона е голема одговорност и притисок и не може секој да се носи со тоа. Но, на крајот на денот, таа одговорност и притисокот што ги спомнав, те прават и подобар играч и подобар човек. Лично, можам да кажам дека уживам во секој ден, во секој тренинг и натпревар. Тоа ме прави да сум исполнет во секоја смисла.

f92

ФОКУС: Како се чувствувате во Шпанија? Дали нивниот темперамент го доживеавте како близок на нашиот?

ЛАЗАРОВ: Шпанија е прекрасна земја. Самата клима во текот на годината те прави да се чувствуваш комотно. Темпераментот и начинот на живот е многу сличен со нашиот, но не и ист. Луѓето се доста позитивни, темпераментни, несебични, со голема смисла за хумор. Единствениот недостаток, ако можам така да кажам, е тоа што ништо не се завршува навреме. Нивниот одговор на тоа, секогаш е „MANANA“, што би значело „утре ќе средиме“, а кога ќе дојде тоа утре, повторно ќе биде ново „утре“.

ФОКУС: Кое јадење научивте да го подготвите од шпанската кујна?

ЛАЗАРОВ: „Скаран“ сум со сите европски и светски кујни уште многу одамна, но затоа сум голем гурман на добра храна. Од шпанската кујна би ги издвоил палјеата, разни видови пршута и кашкавал, а сето тоа надополнето со добро вино. Обожавам да јадам морски специјалитети.

f9b

ФОКУС: Ракометот, како и секој спорт, бара одреден режим. Што најчесто, од овој агол, е вклучено или исклучено во вашата исхрана?

ЛАЗАРОВ: Моето искуство кажува дека квалитетната храна е можеби поважна во овој момент од квалитетниот тренинг, тука зборувам за врвните спортисти. Посакувам да се придржувам во голем дел од сезоната, иако тоа не е воопшто лесно бидејќи морам да признам дека сум на секојдневни искушенија како голем гурман.

Но, како што викаат старите, сѐ што се мора, не е тешко.