КОЛУМНА: Како си ја самоубивме хемијата која ја создававме со години
Процесот за доближување на европското првенство требаше да почне веднаш откако ја победивме Португалија во Скопје и на 16 јуни 2013 во вечерните часови го славевме пласманот во Данска и го испраќавме Алушовски како што доликува. Или можеби уште претходно бидејќи списокот за Медитеранските игри во Мерсин беше познат неколку дена порано. Да, баш така. Тие Медитерански игри беа првиот филтер, првиот тест, првата поширока слика кој е блиску, а кој далеку од финалниот избор. Но така требаше да биде ако имавме план за што треба да ни послужат тие медитерански игри, која комбинација на ракометари треба да ја сочинува таа наша селекција. Можеби и на хартија добро изгледаше тој микс на репрезентативци со помала минутажа, Б репрезентативци и младински репрезентативци.
Но ден по ден откажаа многу имиња од првиот список, се отиде бесцелно, до последен момент не се знаеше кој ќе ја води таа медитеранска репрезентација, селекторот или неговиот асистент и знаевте како минавме. Неколку срамни порази, ништо прогресивно, ништо што би било корисно во периодот кој следеше. А скоро сите останати репрезентации дојдоа со сериозни ростери, со јасен план, со првиот селектор. Зошто првиот турнир за подготовка на одредени репрезентативци ние го искористивме за бламажа, наместо за компетитивни натпревари, воигрување на тактички детали, на крајот на краиштата и резултат. И зошто дозволивме репрезенатативниот дрес да се откажува и да се пазари. Медитеранските игри требаше да бидат сватени сосема поинаку. Требаше да се анализираат и да се санкционираат тие кои откажаа да го носат дресот со државниот грб. Од тие денови од средината на јуни требаше да се тестира идеата за натурализирани ракометари. Да се лансира низ кулоарите, медиумите, да се направи сондажа каде ни се потребни ракометари да го надоградиме она што го имавме: 5 место во Европа и 14 во светот. Впрочем ние имаме искуство од натурализирани ракометари, само не ракометари кои играле претходно за други земји. Со Новокмет, Ходик, Николиќ и Зарков, па и со Мандиќ и Богдановиќ примерите се поинакви.
Скенирањето на нашите слабости требаше одамна да биде направено. Се сеќавате кога наредниот ден кога испаднавме од олимписките квалификации во Гетеборг, капитенот во името на репрезенатативците побара план, програма за како да се стигне до Рио, а за другото ќе се погрижат ракометарите. Ништо не бидна од барањата, иако во меѓувреме се смени раководството на федерацијата, се подобрија условите на репрезентациите, се обрати поголемо внимание на младите категории и рака на срце од тој аспект, резултатите се гледаат. Но визија, план и проект е нешто друго. Ние теоретски сеуште можеме во Рио, до сонот на оваа генерација, но како и секогаш мораме по потешкиот пат. Да се вратам на натурализацијата. Во јуни, јули, август ниту збор, ниту потреба, ниту идеа. Прашање е каде и како се роди опцијата за Прибак и Вугринец? Кој ја лансираше или тивко го подготвуваше ова засилување во националниот тим? Верувам дека ако во летните месеци како идеа беше предложено, немаше никогаш да се реализира. Доволно е да се разговара со ракометниот еснаф, со бившите селектори, со ракометни работници, со сите оние кои знаат како да ја надградат оваа репрезентација и сите оние кои знаат како ќе бидат прифатени евентуалните „странци„ Тоа требаше во јули. Во декември се е предоцна. Во декември и Штербик да ни го понудат, принципиелна и планирана, темпирана репрезентација за голем настан, треба да го одбие. Бидејќи во декември е глазурата која требаше да ја подготвуваме од Медитеранските игри, од квалификациите на Металург, од СЕХА лигата со двата македонски клуба како протагонисти, од Лигата на шампионите со Вардар и Металург како европски хит, од ноемвриската ЕХФ недела и двомечот со Црна Гора во Струмица, на крајот на краиштата, и од есента на Зомимак М во ЕХФ Купот. Но така требаше да биде, а не бидна.
Првата дијагноза беше дека не ни се пишува добро, откако повредите цела 2013 не не заобиколија. Дејан Манасков скина лигаменти, Миркуловски отиде на операција, Георгиевски скрши коска. Репрезентативците од Вардар играа се помалку, тие од Металург имаа афера дека брзо ќе добијат откази (што подоцна не се случи, но Борко на прес после Португалија отворено ги прозва и ги обвини дека лажно се декларираат дека работат за доброто на репрезентацијата). Како резултат на слабата минутажа, Ангелов замина во Вардар, Митревски брани се помалку во Металург, Златко Мојсоски игра на парче, Пецаковски бара ритам на средби во серија за да ги остави зад себе повредите. И барам ветувачки изгледаше ЕХФ неделата во ноември. Една недела конструктивни тренинзи, јакнеење на тимскиот дух, одлични услови во Струмица и за крај два теста со Црна Гора. Се одлично планирано и одбројувањето започна. Два месеци пред европското првенство имаме поширок список, имаме мечеви во кои сите играа и имаме конечно идеи како ќе играме под Ивица Обрван. Скоро сите бевме убедени дека тоа е изборот за европското првенство. Можеби некои се поколебаа со одличниот двомеч на Раде Стојановиќ против Архус, но само некој ден претходно Раде му откажа на Обрван и тоа беше тоа. И додека Манасков се врати како нов од повредата, Муркуловски се чекаше и извесно беше дека ќе му фали ритам на натпревари. Ќе му фалат 3-4 недели за да биде оној од Србија. Но за жал ги немаше и логиката со Никола Стојчески како алтернатива изгледаше како решение кое го форсира селекторот. Можеби и Кузмановски доаѓа во предвид. На 5,6 декември лансирана е шпекулацијата која можеби некои од ракометарите ја знаеа, можеби не, но јавноста на точно пет недели до дебито со Данска, на само две недели пред собирот за Пореч, дозна дека Прибак и Вугринец станаа македонци. Дека теоретски се слободни за повикување во репрезентација. Барем теоретски според нашите оперативци од федерацијата, бидејќи подоцна ракометните истанци ги поништија нашите желби, или поточно желбите на нашата федерација.
За прв пат бевме на прагот во репрезентација да играат ракометари кои претходно играле за друга земја, кои претходно пееле туѓа химна, бакнувале друг грб. Бидејќи не беше така во случаите со Ходик, Новокмет, Зарков и слично. Тие дојдоа во млади или зрели години, оставија трага во нашиот ракомет кога не можеше да дојдат странци колку што сакаш, кога нашите ракометари учеа од гореспоменатите. Па Кире неколку пати потенцираше колку Дуле Новокмет му помогнал, сите знаеме како и колку Зарков играше за Македонија и денес кога споредуваме модел за наш кружен напаѓач го спомнуваме него или Игор Котевски. Да не дојде дека сметам дека тој еден-единствен настап на Прибак за Србија против аматерите од Австралија во Малме 2011 (ако не настапеше тогаш, немаше пречка да биде пријавен од стартот во Данска) и преку сто настапи за Ренато Вугринец, кој е атлета за респект, кој многу брзо ја придоби ракометната публика, посебно таа која навива за Металург, да не дојде дека тие се виновни. Но добро, пак да потенцираме дека и Прибак и Вугринец се повеќе од пристојни спортисти. Ништо лично против нив. Немања е имплементиран во нашиот ракомет, говори добро македонски, но е само 3,4 избор на позицијата зад Наумче и Жути. Можеби и хиерархиски и зад Стојчески и Кузмановски. Но тоа е до изборот на селекторот. Тој не е тема на муабетот. Вугринец е ас на Словенија, кој во јуни ќе наполни 39 години и веројатно ако не му беше идеа да игра репрезентативен ракомет за последен пат во Данска, сигурно во Катар би му бил последен турнир. Значи не се работи за млад ракометар и за проект од типот на Богдан Вента во Германија пред 15,20 години. Да не говорам дека на таа позиција игра нашиот најголем адут. Но изборот на ракометари е на селекторот и никому друг. Најголемиот проблем по откривањето на операцијата „Пасоши„ е промашениот тајминг, изборот на ракометари и нивните позиции и реакцијата на домашните ракометари. И не само на оние таканаречени сенатори како Кире како капитен, Бранче, Ванчо, Мојсо, Борко, туку и на тие кои само еден месец преттходно беа тестирани за тие неколку слободни места за ЕУРО. Тие како Стојчески, Пецаковски, Кузмановски,Мајнов, Темелков, Недановски и слично.
Зошто служеа сите доближувања до европското првенство, ако некој може преку ред да влета на нечие место. И не само преку ред, туку и со песна. Како што изјави Душан Новокмет од Ваљево пред некој ден: „Јас никогаш не играв за пари за Македонија....„ алудирајќи на начинот на кој некој дојде во репрезентација. Токму таа приказна, дури и информацијата дека некои од стандардните репрезентатици знае за идеата, а некои не, ја подели репрезентацијата уште во декември. Тие кои се надеваа на место за оние последни слободни, знаеа дека имаат конкуренти кои не можат да ги победат. И не само заради перформансите на теренот. Затоа одлуката на ЕХФ дека Прибак може да игра во втората фаза, а Вугринец воопшто не може да игра, беше голем автогол за нашата федерација и нашето лоби. Зошто го потрошивме кредитот сега, а не по Данска 2014 и зошто репрезентацијата не е како едно семејство како порано. Затоа не ме изненадува гневот на Ангеловски и неговата сега веќе фамозна изјава, која сите ја протолкуваа како што сакаа и како што им одговара. А што ако Бранко кажа што мисли половина соблекувална? Беше уште под импресии од добро одиграниот меч кој ни избега низ прсти, сеуште додека е жешко што би рекле спортистите, а кажа што мислат скоро сите? Јас не сум меѓу тие кои мислат дека директно го нападна Прибак, туку меѓу тие кои директно го нападна процесот на натурализација. А можеше тоа да го каже веднаш во декември, па пред нова година кога не беше повикан на скратениот список. Можеше и да му се одмазди на тие кои го изоставија и кога дополнително го повикаа по повредата на Филип Лазаров. Можеше цело време тоа да го каже, но зошто ништо не говореше? Веројатно сред подготовки ќе исфрлеше „бомба„ но пак вистината ја знае тој и да не нагаѓаме, сигурно еден ден ќе ни ја каже на сите. Впрочем тој е еден од оние кој игра за Македонија откако игра ракомет, значи скоро две децении. Дали хемијата се наруши со помислата за „странците„? Знам дека самите репрезентативци беа горди што се петти во Европа со наш производ, со наш проект, со наш селектор, со наша гордост. Дури и кога се споредуваа со четвртото место на кошаркарите во Литванија, секогаш веруваа дека нивниот успех вреди повеќе, заради тоа што немаат натурализиран спортист. Некои и мислам дека јавно тоа го изјавија. А некои одговорно знам дека ги заболе ироничната изјава на Перо Антиќ, повеќе од таа на Бранче. A примерот на Бо МекКелеб, оној на Штербик во Шпанија, на Карабатиќ, на Карлос Перез во Унгарија, на Сергеј Рутенка треба да ни биде школо. Не се натурализира играч за надополнување, такви имаме кај нас, доволно е да погледнете кои беа на поширокиот список во Струмица. Се помакедончува додадена вредност, чист квалитет кој ќе не носи долги години, како дел од еден смислен проект. Сега можеби во пренагласена амбиција на вратата на репрезентацијата тропа „странски капитал„ Сигурно најтешко после се им е на Прибак и на Вугринец.
Првиот влета во репрезентација со голем притисок, со малку тренинзи, без увежбани механизми и по повредата на Наумче, која дојде во невреме (ако воопшто има добро време за некоја повреда) со огромно бреме врз Немања. А за Вугринец сум сигурен дека после се што излезе на површина, не се кае што ЕХФ не му дозволи да настапи во Данска. И кој знае дали ќе го видиме во црвено-жолтиот дрес. Зошто амалгамот на овој тим се создаде од средината на 2011 година кога Савевски си замина во репрезентацијата која не ги мина претквалификациите во Турција, а Шундовски го извлече најдоброто од овие момци до сега. И дали заради сите овие фактори ни избега од видикот генерацијата со која се гордееме? Кој знае дали пак ќе ја имаме? Дали ќе ја измешаме со онаа која ќе дојде, онаа на Зоки Петковски и Александар Јовиќ, која не радува овие денови? Но што ако и тие млади ракометари помислат дека еден ден некој ќе дојде и ќе им го лапне местото, а не го поминал нивниот пат, нивната пот, нивниот труд. Толку од проектот и планот до Рио, до олимписките кругови, до носењето на македонското знаме. Но брзо ќе дојде и Токио 2020. Тогаш можеби ќе имаме план, ќе имаме уште пополна каса, ќе имаме се што треба, само дали тогаш ќе ги имаме Кире, Борко, Мојсо, Столе.... и јунаците од Ниш и Белград, или ќе ги бараме и очајуваме како што од 2000 до 2009 година ги баравме Пепи, Боро, Драган Маринковиќ, Стефановски, Станковски, Томче Петрески, Алушовски, Марковски...
Зоран Мишевски - уредник и спортски новинар во ТЕРА ТВ и администратор на официјалната веб страна на Кирил Лазаров