hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

2WIN.MK-page-001

Очекувана победа на Шпанија против ослабената Македонија

mkd-esp-5

Европско првенство - 1 четвртфинална група (3 коло)

Македонија - Шпанија 22:33 (12:15)

Со многубројни проблеми со повредени ракометари и без Кирил Лазаров чија што десна препона не издржа, моравме да им се спротиставиме на светскиот првак Шпанија. Дејан Манасков после контра по 35 секунди го отвори резултатот. Звездата на Хамбург, Јоан Канељас со ефектен гол израмни на 1:1 од вториот напад на „црвената фурија„Стоилов од линијата не врати во водство, пред со ист аршин да врати Јулен Агинагалде (2:2). По првите голови на кружни напаѓачи, ред беше на голови од контра на крилата.

Капитенот на Барса, Томас го донесе првото шпанско водство, а израмни Гоце Георгиевски на истекот на петтата минута. По исклучувањето на Велко Маркоски, Канељас со својот втор гол го врати водството кај светскиот првак (3:4). Манасков и Митков со голови преку зоната не држеа во реми ситуација по една третина од полувремето. Првите голови на Антонио Гарсија и Филип Миркуловски скоро на идентичен начин, го доведоа мечот до 6:6. Нашата комбинаторна игра им создаваше проблеми на момците на Каденас и кога Прибак му подготви зицер од линијата и Стоилов го постигна вториот гол, шпанскиот селектор побара тајм-аут при 7:7 во 15 минута. По одморот од една минута, Томас од контранапад и Канељас од казнен удар за прв пат носат +2 за Шпанија, по вина и на одбраната на Сиера на зицерот на Дејан Манасков. Нашата прва криза настана кога Митков погреши и Виктор Томас со третиот гол, постигнат во тразиција, зголеми на 7:10 за тајм-аут на Ивица Обрван. Инерцијата на мечот влечеше на зголемување на водството, па Гедеон Гвардиола при уште една пресечена топка за прв пат предноста на Шпанија ја покачи на +4. Јулен Агинагалде со третиот гол од линијата од шест метри во 23 минута носи 8:13 за црвено-сините. Врзавме два неодговорени гола по слаломот на Миркуловски и неговата асистенција за Димовски за 10:13 во 25 минута.

Во финишот на полувремето, Обрван го стави Дејан Манасков како среден бек, а Немања Прибак својот прв гол на турнирот го постигна во 28 минута за 11:14. До крајот на првиот дел Гурбиндо со својот првенец на одмор ја прати неубедливата, пред се во одбрана Шпанија, со 12:15.

mkd-esp-3

Вториот дел почна со два гола на леворакиот ракометар на Нант, Хорхе Македа (12:17). Кога и Угалде постигна лесен гол од контра, предноста на шпанците порасна на 12:18 и Обрван побара тајм-аут во 35 минута. Прибак во шестата минута од вториот дел го постигна нашиот прв гол во продолжението. Во игра кај нас за прв пат на турнирот влезе Никола Марковски, а кај шпанците првите голови ги постигнаа Алберт Рокас и Даниел Сармиенто за 14:22. Кога Гедеон Гвардиола истрча контра и погоди по трет пат, предноста на нашиот противник се искачи на 9 гола (14:23). Ангелов застана на голот, одбрани неколку топки, а Гоце Георгиевски од контранапад погоди за 17:23. На голот на Хорхе Македа, со убав пробив низ шпанската одбрана мина и погоди Филип Миркуловски (18:24). Гонзало му одбрани седмерец на Манасков, а Македа и Антонио Гарсија по втор пат ја донесоа предноста од највисоки +9.

До крајот само рутински светскиот првак ја заврши работата за финални 22:33 и четврто полуфинале за Шпанија на големите натпреварувања во последните четири години. Во шпанската репрезентација Канељас постигна 6 гола, Томас беше стрелец на 5, а по 4 додадоа Агинагалде и Антонио Гарсија. Голманот на ПСЖ, Хозе Мануел Сиера Сиера имаше 11 одбрани. Во македонскиот табор најефикасен Миркуловски со 7, па Дејан Манасков и Стојанче Стоилов со по 4 гола. Без повредените Пецаковски и Кирил Лазаров и без Бранче Ангеловски, кого Обрван не го пријави во официјалниот протокол, Македонија не можеше повеќе од пораз против поквалитетната, но сеуште не најубедлива на ова првенство, Шпанија на Маноло Каденас.

Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:

Share